Вложуваш стотици илјади евра, а не знаеш што ќе добиеш за тие пари. Кога ќе дознаеш, веќе е доцна и згора на се, принуден си да плаќаш кирија за сопствениот стан. Ова е искуството на дел од купувачите на станови во зградата А во комплексот Diamond of Skopje, со кои раговараше „Пари“. Тие во нашата Редакција доставија и бројни фотографии и видео материјал за тоа што ги пречекало во становите за кои издвоиле и по 3.000 евра за квадратен метар. Зад овој комплекс, кој се рекламира како ексклузивен и нуди современ начин на живеење, стои групацијата „Лимак“ до која се обративме за сите обвинувања на купувачите. Оттаму стојат цврсто на ставот дека нивните купувачи се задоволни и дека евентуалните проблеми се решаваат во од.
Купувачите, кои велат дека стојат зад секој збор, но не сакаат нивните имиња да бидат објавени, тврдат дека се измамени. Еден од нив, објаснува како и покрај платен стан, немаат имотен лист.
„Многумина становите ги имаат исплатено уште лани, тогаш требаше да биде готова зградата. И покрај тоа, имотните листови се уште се на име на ‘Лимак’ и имаат хипотеки од милиони евра. Ги ставиле становте во залог за да земат кредити и не ги ослободуваат имотните листови. За да го направат тоа, треба парите да ги вратат во Халк банка, а тие ги користат за трговскиот, за другите згради… Тие знаат што прават“, вели нашиот соговорник.
Пред да се влезе и воопшто да се види станот, потребно било да е намирен целосниот износ.
„Бараа се да биде платено. Побараа, уште пред да влеземе во становите, да ги префрлиме сметките за вода и за струја на наше име. Така, кога влеговме имаше сметки што ние требаше да ги платиме – дали потрошеното при изградбата, од мајсторите додека работеле, не знаеме, но тоа им го простивме. Иако не требаше, зашто уште тогаш видовме дека нешто не е во ред. Кога им го посочивме ова, не добивме никаков конкретен одговор, во стилот – тоа е тоа. Не ги интересираше“, е еден од коментарите што ги добивме.
Прашина, пукнатини околу врати, клими што протекуваат…
Примопредавањето траело десеттина минути. Затоа, велат нашите соговорници, и не можеле веднаш да ги забележат недостатоците. Освен тоа, како што тврдат, на првото гледање „становите биле лом“.
„Становите беа неисчистени, полни со прашина, во состојба во која ги оставиле последните мајстори. Малтер и боја на стаклата. Не можеше да се види, дали некаде е изгребан паркетот, на пример. Дури отпосле имавме што да видиме: пукнатини околу вратите, парно и клими кои протекуваат, влага во ѕидовите, фиксен прозорец кој не се отвора, а нема пристап ни однадвор и никогаш не може да се исчисти ниту да има природна вентилација во кујната, купатила без одводи, паднати кваки, радијатори ставени позади вратите кои не можат до крај да се отворат, поплавени гаражи…“, сведочи еден од купувачите.
Додека биле во изградба, од „Лимак“ не дозволувале да се видат становите. Потпишале обемен пред-договор од над сто страници, во кој е содржан член според кој изведувачот има право да го менува распоредот во станот. „Во еден момент не известија дека има промени“, кажуваат, па одделни станари посочуваат дека цели соби биле изменети во однос на планот, биле одземани квадрати за сметка на помошните простории, кои одеднаш станале многу поголеми и од планираното и од потребното. Кога реагирале дека не сакаат такви станови, одговорот од „Лимак“ бил – сте потпишале, може да менуваме. „Воопшто не знаеш што купуваш, а ако се откажеш од било која причина, 30 проценти од сумата ја задржуваат. Како само тоа и да го чекаат“, резигнирано коментираат, нагласувајќи дека се принудени да го прифатат тоа што им се нуди. Што се однесува до цените, кажуваат дека становите моментално се продаваат по три илјади евра квадрат, некои платиле 1.500, други две илјади, трети 2.400 евра, во зависност од времето кога уплаќале.
По дадени стотици илјади евра, еден од станарите го искршил целото купатило за да го направи како што треба. А, констатација на архитекти кои купиле стан е „ова е надвор од сите стандарди“. Секако, станарите ги пријавувале проблемите и пропустите. „Кога и да ги повикавме велеа ‘се нема време’, ‘треба време’, ‘мајсторите се зафатени’, се изнаслушавме изговори“, реагираат и појаснуваат дека примопредавањето на становите било направено во мај, а требало лани во септември.
Сумата за одржување на зградата непријатно изненадување
Посебен проблем е цената на одржувањето на објектот. На одделни станари во 2019 им било речено дека тоа ќе ги чини 0,35 евра, а подоцна кажувале 0,4, па 0,6 евра од кадрат. Но, ништо од тоа немаат во пишана форма. Се било усно кажувано, во директен разговор или преку телефон. „Всушност, од нивна страна целата комуникација е по телефон, ништо не оставаат запишано, како намерно да прават така“, сметаат разочараните станари.
Во септември биле известени дека одржувањето на зградата ќе почне да се наплатува. Тогаш дознале дека управувањето со зградата, осигурувањето, чистењето… ќе чинат едно евро по квадрат, плус варијабилните трошоци како струја, вода – 0,3 евра и за резервен фонд уште 4 евро центи. Тоа се 1,34 евра, но додаваат, во иднина ќе има уште трошоци, за одржување на лифтовите, техничко одржување, чистење и одржување на гаражите, за што плаќаат сите станари, без оглед дали купиле или не гаража, па чистење на фасадата… „Кога сето тоа ќе се вклучи, одржувањето сигурно ќе дојде до над две евра за квадрат“, заклучуваат и негодуваат, бидејќи им се бараат пари за одржување, а во објектот се уште владее хаос. Затоа, добар дел од нив решиле да не ги плаќаат сметките за одржување, се додека не се средат работите, за што доставиле и приговор. Така и се нашле под притисок, или платете или нема поправки, па дури им било речено дека на врата ќе им дојдат извршители.
Адвокатите со кои контактирале ги советувале дека мора да ги заштитат своите права во однос на одржувањето и добивањето соодветна услуга за тоа што го плаќаат.
„Буквално сме измамени. Згора на се, треба да плаќаме за одржување кое ќе биде четири пати поскапо. А, со нив нема никаква комуникација“, велат станарите кои се чувствуваат како да се во затворен круг. „Сакаш да се откажеш од се, од инвестицијата, од станот, едоставно да го продадеш. Но, не може ни тоа. Немаме имотни листови“.
„Лимак“: Имаме ригорозна контрола
За сите поплаки од станарите, „Пари“ се обрати до „Лимак“ со следните прашања:
*Како при изведбата на објектот не се забележани пропустите на кои сега укажуваат купувачите?
*Се вршеле ли контроли?
*Што ја крева цената на одржувањето, за која станарите велат дека од првичните 0,35 евра, 0,4, па 0,6 евра, сега им се бара 1,34 евра по квадрат?
*Дали е точно дека тој износ ќе надмине две евра од квадрат кога ќе се додадат трошоците за одржување на лифтовите, техничкото одржување, чистењето и одржување на гаражите, на фасадата?
*Дали е вистина и ако е – зошто за одржувањето на гаражите плаќаат сите станари, и тие што купиле и тие што не купиле гаража?
*Зошто лицата што ги отплатиле целосно становите немаат имотен лист?
Од „Лимак Скопје“ одговорија дека се во континуирана и непрекината комуникација со сите сопственици на станови кои се наоѓаат во престижниот комплекс „Diamond of Skopje”.
„Комуникацијата се одвива на дневна основа, нашите купувачи се задоволни, а ние излегуваме во пресрет и на секое поединечно барање на купувачите, за изведба на одредени елементи во внатрешноста на становите, согласно нивните желби и замисли.
Секој дел од комплексот, вклучително и резиденцијалниот, е подложен на ригорозни мерки за контрола на квалитетот, за да се осигура дека сите аспекти на изградбата ги исполнуваат највисоките стандарди. Дополнителна потврда на ова е и официјалниот успешен технички прием на објектите“, велат од „Лимак“.
Притоа, посочуваат дека во моментов над 300 семејства од блоковите А и Б го имаат завршено примопредавањето на становите без да вложат каква било поплака, „напротив тие се задоволни и среќни од сопствениот избор, фалејќи ги условите за живот што ги нуди нашиот уникатен проект“.
Исто така, наведуваат дека секој објект кој се пушта во употреба минува низ процес на прилагодување.
„Ние сме вклучени во овој процес и посветени на разрешување на предизвиците што ќе се појават, колку и тие да се ретки и специфични. Наш врвен приоритет е транспарентноста, осигурувајќи се дека секој сопственик на стан е целосно информиран за секоја фаза од процесот и условите што произлегуваат од неа.
Потенцираме дека на секој купувач му е на располагање компаниската гаранција и нашиот тим за пост-продажба и управување со објектите е лесно достапен за решавање на секое отворено прашање“.
За имотните листови од „Лимак Скопје“ велат:
„Во врска со прашањата за бришење на хипотеките и за издавањето имотни листови, ги уверуваме нашите клиенти дека нашиот тим активно работи на бришење на парцијалните хипотеки за оние што го исплатиле станот во целост. Финализирањето, пак, на имотните листови зависи од катастарскиот процес, кој е надвор од нашата директна контрола. Сепак, ја разбираме важноста на ова прашање за нашите клиенти и правиме сѐ што е во наша моќ овој процес да се забрза“. И додаваат дека остануваат целосно посветени на „обезбедување на исклучително животно искуство на секој од жителите на нашиот комплекс и ја охрабруваме отворената и директна комуникација“.
„Лимак“ е позната компанија во меѓународни рамки. Централата е во Турција, а вработува неколку десетици илјади лица во областа на градежништвото, енергетиката, инфраструктурата, туризмот… Нејзиниот потпис го носат повеќе познати проекти реализирани на домашен терен и низ светот – во Саудиска Арабија, Кувајт, Русија, Украина, Мозамбик, Пакистан…
новинар: Маја Анастасова