Потпретседателката на Светската банка, Ана Бјерде верува дека финансиската криза во 2008 година треба да биде извор на важни лекции за креаторите на политиките кои планираат закрепнување од „Ковид-19“ во 2021 година и вели дека европските земји во развој треба да ја избегнуваат стапицата на “лабавата”финансиска регулатива и невнимателното зголемување на долговите.
Во авторски текст објавен на веб-страницата “Emerging Europe”, Бјерде наведува дека од финансиска гледна точка, има неверојатни сличности помеѓу сегашната и тогашната состојба.
„Во тоа време, земјите од Централна и Југоисточна Европа беа меѓу најтешко погодените. Во периодот пред кризата, големите банки во еврозоната влегоа на локалните пазари со купување домашни финансиски институции“, забележува таа.
Тоа кредитно проширување, додава Бјерде, беше придружено со пораст на цените на недвижностите и зголемени долгови на физички и правни лица, бидејќи желбата да се пристапи кон животниот стандард на најбогатите земји-членки на ЕУ ги натера граѓаните и економијата да позајмуваат повеќе отколку што можат да си дозволат.