Продолжува соработката меѓу властите и „Макпетрол“, што значи големи финансиски средства ќе останат и ќе се „завртат“ во државата. Мартовските потреби од природен гас ќе ги покрие домашната компанија за складирање, дистрибуција и продажба на гас и нафтени деривати. Топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје-Север ќе функционираат со гас набавен по цена од 60,10 евра за мегаватчас. Со тоа, веќе е познато, „Макпетрол“ ги елиминира двете бугарски фирми кои на отворениот повик од ЕСМ Продажба понудија крајни фиксни цени од 67 (Balkan Utilities) и 78 евра за мегаватчас (Actae). Воедно, добавувачот обезбедува и гаранција, што претставува своевидна новина.
Оттука, „Макпетрол“ гарантира дека во текот на претстојниот месец ќе врши дневна испорака на 1200 до 2380 мегаватчасови природен гас. Сето тоа по цена за речиси 40 отсто пониска од февруарските 98,71 евра за мегаватчас, кои ги наплати Balkan Utilities.
И генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, изрази задоволство од ваквиот развој на настаните, кој е во интерес на земјата. Сепак, нагласи дека во однос на овој трет јавен повик ништо не е променето во делот на условите, поради кои и настана спорот. Како што рече, сега понудата од „Макпетрол“ е коректна, додека во претходните два случаи „оваа фирма се обидуваше да ги смени условите за јавна набавка на една државна компанија за да удоволат на една приватна фирма“.
Од страната, пак, на „Макпетрол“ информираа дека како општествено одговорна компанија се јавиле на тендерот, пред се, заради заштита на државниот Буџет. Кој со јануарскиот и февруарскиот тендер за набавка на гас е „оштетен од државната компанија ЕСМ, бидејќи беа склучени договори поради кои државата во овие два месеца плаќаше за овој енергенс и до 70 насто повисока цена од берзанската“.
За потсетување, работите почнаа да се компликуваат по првојануарската либерализација, чекор кој, според Ковачевски, доведе до конкуренција на пазарот со снабдување со природен гас, „што очигледно резултира со намалување на цените и ставање крај на плаќањето одредена цена диктирана од постоењето на само една понуда“. Реакциите од „Макпетрол“ беа дека пазарот со гас е одамна либерализиран, а сегашните тендери се фарса. Конкретно, посочија дека како компанија не поседуваат монопол на пазарот со природен гас. Односно, дека поголемиот дел од овој енергенс се увезува од друг трговец, а од страна на Регулаторната комисија за енергетика издадени се повеќе од 40 лиценци за тргување и снабдување со гас. Како и тоа дека нивните заложби се за опстојување на регулиран пазар, без фаворизирање на одредени компании од страна на државата, односно пазар без нелојална конкуренција.