Пролетниот снег кој ја зафати Македонија, како и ниските температури, ги изненадија земјоделците. По подолгиот период на топло време, дел од земјоделските посеви доживуваат „температурен шок“ од промената на временските услови. Ваква промена на времето предизвикало вистинска елементарна непогода врз земјоделците. Најмногу штета ќе претрпат овошките, јаболката, праските, кајсиите, сливите.
Најголема штета има врз овоштарниците во Преспа, како и во битолските села, Кичево, Росоман…
Според Горан Стефановски, раководител на работна единица Ресен што е во состав на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделство, над 3.000 хектари со јаболкови насади целосно ќе бидат уништени во овој неочекуван студен бран што ја зафати и Преспа.
-Снегот што падна, како и утринските температури на воздухот кои деновиве се под нулата ќе ги оштетат и уништат овоштарниците во цела Преспа. Според првичните проценки јаболката ќе бидат 90 насто уништетни, а некаде и целосно, односно 100 насто. Проценките ќе ги вршиме откако ќе заврши овој студен бран кој за жал веќе предизвика катастрофа во Преспа – изјави Стефановски.
Праските во Росоман се 100 отсто измрзнати, а има големи штети и врз кајсиите, сливите, црешите, јаболката… Земјоделците велат дека годинава ќе има многу малку род, а овошјето ќе биде многу скапо, што ќе удри по џебот на граѓаните. Засега според состојбата на терен, првичните проценки се дека штетите изнесуваат 6 милиони евра. Покрај ниските откупни цени, климатските промени им зададоа дополнителен удар на земјоделците кои не знаат како и од каде да ги покријат трошоците кои веќе ги дале за производството.
Од Национална федерација на фармери велат дека ситуацијата е алармантна, климатските промени имаат негативно влијание врз земјоделството и сточарството, со што се намалува производството на храна, а без неа е загрозен нашиот опстанок.
„Потребно е поголема соработка помеѓу невладиниот сектор и институциите, едукација и информација за прилагодување на земјоделството на новите климатски услови, рехабилитација на системите за наводнување, поголема поддршка во делот на зелените акции и иновации, градење на инклузивна инфраструктура и формирање на посебен оддел во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопансто што ќе се занимава со креирање и импелментирање на мерки за намалување на влијанието од климатските промени“, велат оттаму.
За да не дојде до измрзнување на овошките, агрометеоролозите секоја година предупредуваат да се преземаат мерки за заштита од пролетните ниски утрински температури кои можат делумно или целосно да ги уништат цутовите и формираните плодови. Кај нас, најчесто препораките се однесуваат на зголемување на осигурување на земјоделското земјиште како еден од најдобрите начини на заштита. Во светот, пак, се гледа штетите во овошните насади предизвикани од мразевите по секоја цена да се избегнат или да се ублажат со користење разни мерки за борба против истите.
Најчесто користена заштитна мерка е дренажа, односно одводнување, како и ладење на растенијата за одложено цветање. Исто така, може да се прска со фитохормони за да се одложи цветањето. Ако, пак, цветањето е веќе започнато, отпорноста на цветовите и
заврзоците кон ниски температури може значително да се зголеми со прскање на овошките со специјални хемиски средства.
За да се избегне мрзнењето од ниските температури, агрономите препорачуваат одгледување на доцни видови и сорти и користење на бујни подлоги кои го задоцнуваат цутењето, како и избор на локации за садење на овошките каде што доцни вегетацијата.
Одржувањето на овошките во добра здравствена состојба и кастрењето на овошките ја подобруваат нивната вегетативната кондиција, а со тоа ја зголемуваат отпорноста на ниските температури. Заштитата од болести исто така има значајно влијание. Есенското прскање со бакарни препарати, покрај фитосанитетското влијание, ја зголемува и отпорноста на овошките на зимските мразеви, велат експертите.
Според нив, постојат и голем број директни мерки за борба со пролетните мразеви како загревање на насадите, кој е најсигурен начин на борба со пролетните мразеви, но е многу скап и практично неприменлив за наши услови.