Овој пат финансиските пазари не беа толку нетрпеливи додека го исчекуваа состанокот на Федералната банка.
Клучното прашање е како ФЕД ќе ги процени инфлациските закани или сепак ќе продолжи рамнодушноста кон зголемувањето на цените.
Се разбира, никој не очекува дека Американската федералната банка после дводневниот состанок ќе ја прекине својата политика за нулта камата, но поради зголемувањето на инфлацијата (кое беше 5% во САД во мај, мерено според индексот на потрошувачки цени – најмногу од 2008 година), во блиска иднина може да го наговести крајот на откупот на обврзниците.
Досега ФЕД ги појасни растечките инфлациски притисоци со објаснување за специфичната состојба која се создаде од отворањето на економиите, нагласувајќи дека инфлацијата е само привремена. Дали ставот на ФЕД може да биде променет во следниве денови, ќе биде јасно во 20 часот по средноевропско време.
Познатиот менаџер на хеџ фондот Паул Тудор Џонс изјави дека тој бил најважниот состанок на ФЕД откако Јером Павел стана гувернер. Ако монетарните власти продолжат да го игнорираат зголемувањето на цените на стоките, тоа ќе биде зелено светло за да продолжи инфлацијата, вели Џонс, кој го предвиде падот на берзата во 1987 година, додавајќи:
„Во тој случај, јас веројатно би купил стоки, криптовалути и злато“.
Меѓутоа, ако ФЕД се предомисли и почне да размислува за помал обем за откуп на обврзници, Џонс очекува дека ќе се создаде нервоза и немир на финансиските пазари поради опаѓањето на ризичните инвестиции.
Интересен е советот на Џонс:
„Свесен сум дека сакам да поседувам 5% злато, 5% биткоин, 5% пари и 5% стока, но во моментов не знам што би направил со преостанатите 80% од портфолиото додека не видам што ќе одлучи ФЕД. „