Дали белата чума што ја зафати Македонија или, пак, средување на личните финансии се причина што бројот на платежни сметки на граѓаните во банките постојано се намалува? За осум години бројот на платежни сметки на граѓаните е намален за 103.156. За сметка на ова, кај фирмите има обратен процес и сѐ повеќе се отвораат нови платежни сметки на правни лица. Рекордот е соборен минатата година. Во 2024 година, фирмите отвориле 7.418 сметки во банка, додека кај граѓаните згаснале 19.281 платежна сметка.
Според последните статистички податоци од Народна банка на Македонија, што ги анализира порталот Пари, вкупниот број на платежни сметки на граѓаните и на фирмите во банките во земјава во 2024 година е намален за 11.863. На крајот од декември 2023 година, во земјава имало 3.777.564 платежни сметки, а на крајот од 2024 година се евидентирани 3.765.701 платежна сметка.
Трендот на намалување на бројот на платежни сметки на граѓаните во банките, кои се задолжителни за секое лице што остварува некаков личен приход, трае подолго време. Со исклучок на три години, од 2016 година наваму постојано се намалува бројот на сметки на граѓаните во банките. Најголем пад има во 2020 година, кога згаснале дури 144.679 платежни сметки на физички лица, што може да се поврзе со затворање на наменските сметки што се отвораа за граѓаните за време на пандемијата и на кои голем број лица добиваа финансиска помош од државата. Но, и во 2021 година се затворени нови 40.948 платежни сметки на граѓани, а во 2022 година уште 31.984. Само во 2023 година статистиката евидентира позитивен тренд, односно бројот на платежни сметки на граѓаните е зголемен за 29.074.
Кај фирмите, состојбата е пооптимистичка и таму од 2020 година има континуиран раст на бројот на новоотворени платежни сметки. Но, не влева оптимизам фактот дека компаниите во земјава малку ги користат бенефитите и можностите на дигиталното банкарство и банкарските работи сѐ уште ги завршуваат на шалтер. Тоа го покажува фактот дека од 195.034 платежни сметки на правни лица евидентирани во декември 2024 година, 128.494 имаат пристап за увид преку интернет-банка или мобилно банкарство. Од нив, пак, само 96.343 платежни сметки се користат за вршење платежни трансакции преку електронско или мобилно банкарство.
За една година, 12.448 платежни сметки на компании почнале да се користат и за дигитални банкарски трансакции, што претставува и своевиден рекорд затоа што во претходните години многу помалку сметки се регистрирале на дигитално банкарство. Сепак, може да се каже дека македонските компании не ги следат современите трендови во управување со бизнис-финансиите и губат време и пари на шалтер.
Ниту граѓаните не се поразлични од компаниите, така што помалку од половина од платежните сметки на физички лица користат електронско и/или мобилно банкарство и тоа само за да вршат увид во состојбата на сметката. Од вкупно 3.570.667 сметки на граѓани, 1.614.367 имаат пристап за преглед преку дигитално банкарство. Од нив 829.926 сметки се користат и за плаќања преку интернет-банка или мобилно банкарство. Нови 145.592 сметки во 2024 година почнале да користат дигитално банкарство, што влева надеж дека граѓаните полека ги препознаваат привилегиите што ги добиваат со електронско и мобилно банкарство, кои, пак, непречено им овозможуваат трансакции и прегледи.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска