ПОВЕЌЕ

    МЛАДИТЕ НЕ ГУБАТ ВРЕМЕ ВО МАКЕДОНИЈА – Се намалува и бројот на студентите

    Време зa читање: 2 минути

    За 2,8 проценти е намален бројот на студентите во академската 2023/2024 година. Разликата е на годишно ниво, односно запишани се вкупно 52.316 студенти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, добиени врз основа на пристигнатите извештаи. Притоа, доминираат студентките – 30.704, кои претставуваат 58,7 отсто од запишаните.

    Статистиката вели дека најголемиот број студенти, поточно 77,9 % се определиле за државните високообразовни установи, а 22,1 за приватните.

    На прва година студии, во оваа академска година се запишале 15.330 студенти или 29,3 %. Тука се опфатени и студентите што запишуваат прва година по втор, трет и повеќепати.

    Најголемиот дел од студентите, 20.892, студираат на некој од факултетите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Следуваат универзитетите во Тетово со 7.785 и „Гоце Делчев“ – Штип со 6.385 студенти. На битолскиот „Св. Климент Охридски“ учат 3.114 млади, на охридскиот Универзитет за ИТ – 314 и на „Мајка Тереза“ – 1.833.

    Има интерес и за верските факултети, на Православниот богословски факултет се запишани 82, а на Факултетот за исламски науки 241 лице.

    Од приватните, според статистичкте податоци, по бројот на студентите предничи Меѓународниот Балкански универзитет – Скопје (2.763). А, по него се тетовскиот Универзитет на Југоисточна Европа (2.252), Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ – Свети Николе (1.368), Универзитетот Скопје (955), Американ колеџ (925), Меѓународен универзитет „Визион“ (765), Универзитет АУЕ – ФОН (568), Европски универзитет (494), МИТ (202) и „Еуропа Прима“ – Интернационален Универзитет (101).

    Бројките на Статистика за осипување на студентите се поразителни и упатуваат на реалноста дека младите не губат многу време во Македонија. Исто така, податоците се надоврзуваат на алармантниот извештај што го објави Државниот завод за ревизија (користи податоци и од ДЗС), дека од 2013 наваму, во просек, годишно се иселуваат по 2.500 образувани лица. Во нив, односно во нивното образование државата инвестирала 44,7 милијарди денари или околу 725 милиони евра.

    Состојбата е уште посериозна поради тоашто и ревизорите утврдиле дека државата нема организиран пристап кон решавањето на овој проблем, кој е повеќеслоен – заминуваат млади школувани кадри, а тоа ги нарушува и онака слабите економски позиции на земјава.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично