ПОВЕЌЕ

    СЕ БАРА КАРТА ПОВЕЌЕ: Жителите на Санторини панично го напуштаат островот, научниците смируваат: „Нема да има силен земјотрес“

    Време зa читање: 5 минути

    Жителите на Санторини се обидуваат да го напуштат островот на секаков можен начин, јавуваат светските агенции. Покрај долгите редици пред туристичките агенции, се распродаваат и авио билетите. Поради големата побарувачка, остануваат само неколку места на утрешните летови на Aegean и Sky Express. Билетите во еден правец се во просек по 200 евра.

    Во меѓувреме, воспоставени се дополнителни летови од грчкиот остров Санторини откако зголемената сеизмичка активност предизвика загриженост за земјотресот и енормно ја поттикна побарувачката за авиобилети за лет од островот. Aegean Airlines додаде два дополнителни лета во својот распоред од Санторини до Атина за понеделник и вторник додека луѓето се обидуваат да го напуштат островот, објави Катимерини

    Во Санторини преовладуваат вознемиреност и страв по последователните сеизмички потреси во последните часови, при што многу жители одлучија да ја поминат ноќта надвор од своите домови. Вознемирени од тековната сеизмичка активност, бројни жители на Санторини побараа привремено засолниште во своите автомобили, плашејќи се од можноста од посилен земјотрес.

    „Вечерва нема да спиеме во нашите домови. Земјата постојано се тресе, а ние се плашиме што може да се случи“, изјави жител на „Прото тема“ , опишувајќи го преовладувачкото чувство на загриженост. Други претпочитаат да останат будни или да спијат на отворени простори од безбедносни причини.

    Во меѓувреме, грчкиот министер за цивилна заштита Василис Кикилијас изјави: „Се испитуваат сите аспекти на сеизмичката активност. Досегашните мерки се строго превентивни. Комитетот за управување со сеизмички ризик ќе остане активен и ќе се состанува постојано за да обезбеди ажурирања. Ги повикувам нашите сограѓани да ги следат упатствата на експертите и да се придржуваат до безбедносните мерки за ефикасно управување со моменталната ситуација. Има внимателност, превентивни мерки и организираност. Бидејќи комитетот се состои од научници, искрено барам сите да обезбедат споделување на точни информации, давајќи им на луѓето јасно разбирање на фактите“, рече тој.

    Грција испрати спасувачки екипи на островот, додека блиските острови исто така преземаат мерки на претпазливост. Според министерот Кикилијас „овие мерки се превентивни, а властите ќе останат будни. Ги повикуваме граѓаните строго да се придржуваат до безбедносните препораки за да се минимизира ризикот“.

    И покрај десетици помали земјотреси што го потресоа грчкиот остров Санторини во последните денови, грчките научници ја отфрлија можноста за силен земјотрес што ќе го погоди светски познатиот грчки остров, изјави претседателот на организацијата за планирање и заштита од земјотреси.

    Потресите, со јачина до 4,7 степени, според научниците, потекнуваат од активниот расед Аморгос во југоисточниот дел на Егејското Море, во близина на соседниот остров Аморгос. Експертите и научниците јасно ставија до знаење дека сегашните потреси не се поврзани ниту со заспаниот вулкан на Санторини, ниту со некоја вулканска активност

    „Сигурно е дека раседот Аморгос нема да произведе земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала како во 1956 година, бидејќи за да се произведе уште еден сличен земјотрес му требаат милениуми“, д-р Ефтимис Лекас, исто така професор по Dynamic Tectonics Applied Geology, изјави за весникот „Елефтерос типос“. „Но, постои можност енергијата што се акумулира, да предизвика земјотрес од 5-5,5 степени според Рихтеровата скала, но не со јачина над шест. Мислењата на сите научници се спојуваат околу ова“.

    Неодамнешната сеизмичка активност ги врати сеќавањата на земјотресот со јачина од 7,5 степени според Рихтеровата скала што го погоди Санторини и другите острови во Егејското Море пред речиси 70 години, најголемиот што некогаш бил забележан во Европа во 20 век. Потоа следеше цунами високо 25 метри.

    Во таа прилика најмалку 53 лица загинаа, а повеќе од 100 се повредени. 35 отсто од куќите се урнати, а 45 отсто претрпеле поголеми или помали оштетувања. Речиси сите јавни објекти беа целосно уништени.

    Лекас понатаму додава дека ситуацијата останува динамична и дека кога сè уште има сеизмичка активност, тоа значи дека „раседот се превртува, се испразнува“, додека епицентарот на потресите се движи посеверно од Санторини. „Проблемот е што не знаеме колку енергија е акумулирана во тој расед и дали преостанатата енергија би предизвикала значителен земјотрес“, вели Лекас.

    Во изјава за ТВ Скаи, тој истакна дека сеизмичката активност може да трае некаде помеѓу неколку дена, недели или дури месеци. „Секој регион, секој расед има свои карактеристики, кои за жал не можеме да ги дефинираме со научни методи, природата е многу посупериорна од нас.

    Василис Карастатис, раководител на Институтот за геодинамика во Атина, исто така потврди дека епицентарот на сеизмичката низа се движи североисточно од Санторини, што според него „е позитивно за островот и неговите структури“. Карастатис, исто така, рече дека иако биле забележани и анализирани 550 потреси во изминатите 10 дена, само 183 биле со јачина над три и биле почувствувани.

    Герасимос Пападопулос, друг познат грчки сеизмолог, предупреди на објава на интернет во неделата, 2 февруари, дека сегашните потреси може да укажат на поголем настан што се чека. „Бројот на потреси се зголеми, магнитудите се зголемија, а епицентрите се префрлија на североисток. Иако ова се тектонски поместувања, а не вулкански, нивото на ризик ескалира“, напиша тој.

    Научниците и експертите продолжуваат внимателно да ја следат сеизмичката активност, додека неколку комисии треба да разговараат за најновите сеизмички податоци и наоди во понеделник, 3 февруари. Санторини, заедно со соседните острови Аморгос и Анафи, остануваат во состојба на готовност.

    (Фото: Грик Репортер, Грик Сити Тајмс)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично