ПОВЕЌЕ

    Прво официјална потрошувачка кошница, потоа минимална плата, но по кои услови?

    Време зa читање: 3 минути

    Официјална потрошувачка кошница со опфат на сите релевантни елементи ќе ја креираат заеднички синдикатите, Државниот завод за статистика и Организација на потрошувачи, заедно со министерствата за економија и за финансии. Одлуката ја донесе Економско-социјалниот совет на денешната, а на идната седница би требало да се формира телото кое ќе работи на тоа, информира претседателката на Организацијата на работодавачи, Владанка Трајкоска. За минималната плата се разговарало, но без да се донесат заклучоци.

    „Нема договор за минималецот. Се дискутираше за минималната синдикална кошничка, но се официјализираше дека ќе има официјална потрошувачка кошница. Сметаме дека ќе биде официјална и институционална, ќе ги дефинира сите точки и ќе ги земе предвид сите потрошувачки елементи релевантни за една кошничка“, вели Трајкоска.

    Според неа, меѓу темите кои биле предмет на дискусија, се зборувало и за минималната плата, а тоа минало без ставови и заклучоци. Притоа, додава, „сите се стремиме кон ЕУ и она што го истражувавме беше дека ЕК нема директива за потрошувачката кошница“. Односно секоја држава во регионот и во ЕУ има и синдикална и кошница што ја формираат институциите, а разликите се огромни, поради тоа што синдикалните се дури двапати поголеми.

    „Тоа се политички одлуки и елементи кои ги користи синдикатот за свои придобивки и тоа е нивен метод за вршење притисок“, посочи Трајкоска.

    Пред седницата, пак, работодавачите уште еднаш ја искажаа согласноста за зголемување на минималната плата и на над 450 евра, доколку Владата субвенционира дел од придонесите. И тоа, во рок од една година. Тоа е условот, според Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија, за секое зголемување од илјада до девет илјади денари. Од тие 24.800 денари што би тебало да се постигнат со мартовското усогласување на минималецот, до 34.000 денари.

    „Нашиот предлог е за зголемувањето од една до девет илјади денари да може да ни помогне државата околу придонесите. Секое покачување што ќе го издвојат работодавачите да биде помогнато во рок од една година од Владата преку социјалните придонеси, а понатаму, да се надеваме со зајакнување на економијата, да има шанси да се исплаќаат во целост“, вели Бошков.

    Предлогот, пак, на Стопанската комора на северозападна Македонија е минималец од 500 евра,  но висината на придонесите да не се менува. Да остане на нивото на сегашната минимална плата.

    Коментарот што на овој предлог го даде министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, беше дека работодавачите мора да ја почитуваат таа обврска и да плаќаат, затоа што државата има најиски придонеси во регионот.

    На минималец во земјава, според податоците на синдикатите, се околу 20 илјади вработени.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично