Кога ќе се спомене името Сваровски, веднаш се појавува асоцијација на сјај, елеганција и совршенство. Овој глобален бренд, кој својата приказна ја започнал уште во 1895 година, денес претставува врв на прецизност во изработката на накит, часовници со швајцарски механизам, кристални фигури, модни додатоци и уникатен домашен декор. Сето тоа го прави преку маестрално брусење на кристал – техника што нема свој еквивалент во светот.
Во Македонија, Royale House ја отвори портата за овој луксузен бренд во 2007 година со првиот Премиум бутик во центарот на Скопје. Оттогаш, Сваровски стана синоним за префинет вкус, а неговото присуство се прошири и на неколку локации низ Македонија.
Во последните три години, со продажбата на скапоцен накит – како што се прстени, обетки, алки, ѓердани, брошеви, фигури ‒ компанијата оствари вкупен приход од над 2,6 милиони евра. Само во 2024 година, продажбата достигна 1,06 милиони евра, што претставува раст од речиси 70 насто во однос на 2022 година.
Ова не се само бројки ‒ тие раскажуваат приказна за бренд што опстојува долго време на македонскиот пазар. Анализата што ја подготви порталот Пари во соработка со Бизнис Мрежа не само што ја прикажува динамиката на раст, туку и отвора прашања: Дали зголемувањето на приходите значи и зголемена добивка? Колку чини совршенството кога е преточено во кристал?
Токму преку детална споредбена анализа на приходите, трошоците, добивките и кадровската структура, ќе навлеземе под површината на сјајот и ќе ја откриеме реалната финансиска слика на брендот што одамна стана симбол на луксуз и вечна естетика.
Компанијата Сваровски бележи значителен и континуиран раст на приходите во последните три години. Овој раст е особено впечатлив меѓу 2022 и 2023 година, кога приходите скокнаа за речиси половина. Во 2022 година љубителите на овој кристал оставиле 623,4 илјади евра во касите на Сваровски, а во 2023 година ‒ 906,8 илјади евра. Во 2024 година растот е побавен, но сѐ уште стабилен.
Извор: БизнисМрежа
Расходите, пак, растат паралелно со приходите, но и со малку поголем процент. Во 2023 година растот на расходите е над 49 насто во однос на 2022 година и изнесувал 843,1 илјади евра. Ова може да сугерира на инвестиции во ресурси, маркетинг, зголемување на персонал или други развојни активности. Во 2024 година се забележува побавен раст на трошоците во однос на претходната година – 1,03 милион евра и раст од 22 насто.
Извор: БизнисМрежа
Добивката во 2024 година бележи драматичен пад од 65,8 насто. Сваровски лани заработиле само 19,4 илјади евра, додека, пак, профитот во 2023 година изнесувал 56,8 илјади евра и според податоците скромно пораснал во однос на 2022 година. Прашањето е дали е ова временска фаза или почеток на подолготрајно намалување на профитабилноста?
Извор: БизнисМрежа
Минатата година тимот броел 19 вработени, петмина повеќе во однос на 2023 година, кога за Сваровски се грижеле 14 лица. Во 2022 година имало 16 вработени. Интересно е што бројот на вработени паднал во 2023 г., а потоа нагло пораснал во 2024 г.
Извор: БизнисМрежа
Просечната плата по вработен останува практично непроменета. Лани просечна нето-плата по вработен изнесувала 538 евра и се забележува мало намалување во однос на 2023 година, кога платата изнесувала 541 евро.
Извор: БизнисМрежа
Ланската година претставува пресвртна точка за Сваровски во однос на другите години. Иако приходот продолжува да расте, расходите пораснале уште побрзо. Како резултат, добивката е речиси анемична, со маргина што драматично паѓа од 6,26 насто на само 1,83 насто. Ова значи дека компанијата работи на работ на одржливост, каде што речиси целиот приход се троши, оставајќи минимален профит.
Оперативната маргина опаѓа секоја година – од 8,45 насто на 6,26 насто, па на само 1,83 насто. Ова е алармантен тренд, бидејќи покажува намалување на профитабилноста во однос на обемот на работа. Компанијата се наоѓа на крстопат: дали ќе продолжи со агресивни вложувања со надеж дека ќе дојде до поврат, или ќе го оптимизира бизнис-моделот за да ја врати профитабилноста?
Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска