Службата во името на народот, на македонскиот пратеник годишно му носела просечни 40 илјади евра како компензација за патните трошоци. Овозможено со утврдените 20 отсто од цената на литар гориво, врз која им се пресметуваат износите што ги инкасираат месечно. Наместо тоа, парламентарците да добиваат надомест не поголем од продажната цена на шест и пол литри гориво, просечно потребни за изминат пат од 100 километри. Идејата е на Левица, чии пратеници доставија Предлог на закон за изменување на Законот за пратениците.
Предложеното се аргументира со бројките произлезени од компаративната анализа за просечните исплатени патни трошоци за пратеник, со која се опфатени Македонија, Словенија, Бугарија, Хрватска и Косово, за периодот 2010–2016 година. Оттаму, најмногу ќар од патувањата на народна сметка имал македонскиот пратеник. Со сумата од просечните 40.000 евра е за 4.000 подобар од колегата во Словенија. За 21.000 евра од бугарскиот пратеник и за 28.000 евра го надминува хрватскиот посланик. А, дури за 34.000 евра го „шие“ пратеникот на Косово!
КИЛОМЕТРАЖА ЗА 14.000 ЕВРА
Со текот на годините трошоците се намалувале, но и натаму се високи. Најмногу пари на име патни трошоци се исплатени во 2015 – 770.883 евра; во 2016 се работело за износ од 698.797 евра; во 2017 за 512.000 евра; во 2018 – 522.930 евра и за 2019 година од даночните обврзници биле намирени 390.993 евра за патувањата на народните избраници. Нема кој не се сеќава на Силвана Бонева, на Мира Стојчевска „Дизел“… На кои им парираат и пратениците од актуелниот состав, каде што топ 10 по поминатите и наплатени километри ги предводи прилепчанецот Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ, кои во 2024 изброил 868.650 денари или над 14 илјади евра.
„Неразумното расфрлање со народни пари од пратениците во име на патни трошоци продолжува. За удобно патување на претставниците во законодавниот дом од народни пари е платено 300.000 евра за изминатата 2024 година, односно околу 280.000 евра е потрошено за претходната 2023 година“, велат од Левица.
Во образложението на предлогот се наведува дека „предвидената и планирана битна измена на Законот е сублимат од поправичната уредност на оваа правна област во некои од земјите-членки на ЕУ“, а потреба за промена се оправдува со „досегашните енормни суми на надоместоци кои им се исплатени на пратениците“.
Па, поради тоа што се „народни претставници“, за да се доближат до граѓаните кои ги претставуваат, потребно е да се „ограничи пратеничкото право на надоместок за патни трошоци, кое честопати се злоупотребува“, сметаат од партијата и нагласуваат дека „износите кои пратениците ги добиваат на име на патни трошоци за службени потреби во изминатите години се нереални и често на месечно ниво достигнуваат и до три минимални плати“.
БЕСПЛАТЕН ЈАВЕН ПРЕВОЗ – ПРИВИЛЕГИЈА ЗА ШВЕДСКИТЕ ПРАТЕНИЦИ
За разлика од македонскиот пристап кон пратеничката функција, од која се вади лична корист (не само преку патните трошоци), далеку одовде пратениците се сосема обични граѓани. Би имало ли кандидати за македонското Собрание доколку се практикува шведскиот систем на вреднување? Би ја прифатиле ли логоката – ги претставуваме гласачите и за тоа не се потребни посебни привилегии, односно привилегија е самото тоа што ја работиме таа работа во корист на граѓаните и државата?
Шведските пратеници, кои за должностите што ги извршуваат добиваат надомест, а не плата, имаат бесплатен јавен превоз. Годишниот билет за воз овозможува неограничен број патувања, но само службени во име на Риксдагот или за други државни задачи. За годишен авио-билет, по правило за економска класа, можат да аплицираат пратениците кои живеат многу далеку од престолнината.
„Ако е потребно, членовите можат да го користат својот сопствен автомобил за службени патувања. Тие добиваат надомест од 38 шведски круни (3,31 евро) на секои 10 километри, од кои 25 круни (2,18 евра) се ослободени од данок. Доколку е потребно, членовите можат наместо тоа да изнајмат автомобил за службените патувања.
Ако нема јавен превоз или постојат посебни причини, можат да добијат надомест за патување со такси. Посебни причини може да вклучуваат, на пример, тежок багаж, заштеда на време или медицински причини“, се правилата според кои се раководат шведските парламентарци.
А, тие што патуваат до работното место во Риксдагот во Стокхолм, добиваат трактамент. Или дневници, бидејќи местото на живеење на пратеникот се смета за негово работно место и патувањата од таму до Стокхолм се третираат како службени.
На веб-страницата на шведскиот Риксдаг пишува: „При изборот на видот на превоз членовите мора да го земат предвид трошокот, времето на патување и влијанието врз животната средина. Исто така, треба да се земе предвид и аспектот на безбедноста. Членовите кои избираат вид на превоз што не е најевтин, мора да го оправдаат тој избор“.
Дневниците за престој и ноќевање се движат – 13 круни или 11,34 евра за тие со адреса на далечина до 50 километри од Стокхолм. Тие, пак, кои треба да минат над 50 километри добиваат дневница од 490 шведски круни (42,7 евра), од кои 290 (25 евра) се ослободени од данок, и тоа ако патувањето заврши до 19 часот или подоцна. Ако не, дневницата е 245 круни (21 евро), од кои 145 (12,6 евра) се ослободени од данок. „Доколку членовите добијат бесплатни оброци како дел од службеното патување, тие се одземаат од надоместот“.
Во текот на мандатот пратениците можат да работат и да примаат плата, а за ангажманот во Риксдагот добиваат месечен надомест од 78.500 шведски круни или 6.850 евра, сума која подлежи на данокот на доход.
M.A.