Градежните активности ќе се изведуваат со многу повреди и жртви, предупредуваат од Синдикатот за градежништво. Борбата за заштита на работниците продолжува, откако претседателот Стево Пендаровски ги потпиша петте законски решенија усвоени во Парламентот за изградба на автопатиштата што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, меѓу кои и тој за работни односи. Конкретно, за ставениот потпис на измените на овој Закон, со кој се додаваат часови и се зголемува работното време, претседателот образложи дека „не ја содржат формулацијата за 60 работни часа“. Ова е причината поради која синдикалците повторно ќе се обратат до Уставниот суд, во обид уште еднаш да се оспори оваа, сега, законска можност.
„Да потенцирам, многу правници како претседателот Пендаровски го гледале и толкувале ова, до вчера, предлог законско решение. Со сигурност можам да кажам дека овој пат, без разлика каква одлука ќе донесе Уставниот суд по нашата претставка како Синдикат, гарантирам дека ќе има многу повеќе повреди и жртви на овие градежни активности, бидејќи се трга горната граница од прекувремени часови. Не е точно дека ќе се работи редовно 40 часа, па се останато ќе се води како прекувремено. И досега имаше многу лоши искуства со огромен број работодавачи кои го прераспределуваа работното време и воопшто не исплаќаа прекувремена работа“, реагира Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање.
Според него, законското решение само ќе ја легализира работата за една цена како редовно работно време и ќе го запазиме минимумот одмор на работниците – 12 часа дневен одмор и 24- часовен неделен одмор.
„Појаснување за читателите – во пракса колку максимум ќе може да работи еден работник. Пресметката покажува: седум денови во неделата помножени со 24 часа, дава 168 часа. Кога ќе одземеме 24 часа неделен одмор, остануваат 144 часа. Кога ќе одземеме шест помножео со 12 часа дневен одмор, односно 72 часа, ќе видиме дека ни преостануваат 72 часа работа. Тоа во, просек, додека трае проектот и додека овозможуваат временските услови значи само смрт на градежните работници на терен, како на странските така и на домашните. Ова е полошо законско решение отколку специјалниот Закон за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 163/2021) и членот 12 кој го оспоривме пред точно една година, кој строго дефинираше 60 часовна работна недела“, нагласува Пешевски.
Притоа, револтирано додава дека властите се повикуваат на националниот интерес и стратешките цели, а никој досега не дефинира што е национален интерес и стратешки цели.
„Дали животот на работникот дефинитивно го помножија со нула, останува да чекаме и да сведочиме на времето што доаѓа. Пред неполн месец, токму во центарот на Скопје загина работник на скеле во високоградба, во нерегистрирани прекувремени часови работа. На истиот тој работодавач му беше дадена награда за компанија која почитува се од безбедност и здравје при работа. За нас секогаш ќе остане нејасно која е цената која нашите владини претставници ја наплаќаат за вакви безмислосни законски решенија по однос на безбедноста, здравјето и животот на работниците. Толку ли лесно заборавија дека поради лоши владини политики не останаа работници во државата и само секторот градежништво имаме помалку 12.622 работници за помалку од две години. Сведоци сме дека сега ќе ги компензираме со увоз на работна сила. Народот е виновен што си заминува, покрај волку убави политики и обезбедена работа за сите!?“, наведува Пешевски.
Исто така, нагласува дека парите за изградбата на коридорите се од државната каса, па поради тоа средствата треба да останат тука во домашните компании и работници. Со тоа, вели, повторно ќе го поткренеме бруто домашниот производ, бидејќи во услови на криза единствено овој сектор може да ја подобри економијата.
„Заборавивме дека минатата власт започна исти вакви проекти со главен изведувач од Кина и ја остави работата недовршена. И тогаш нашите компании беа подизведувачи наместо главни изведувачи, со што ќе обезбедеа нови референци за градење и надвор од државата. Наместо да доградиме нешто што е започнато, повторно даваме работа на странски наместо на домашни компании, со што свесно го тонеме секторот градежништво и ги гаснеме домашните компании, а квлафикуваниот кадар го бркаме за подобра егзистенција надовр од границите на државата“, потсетува претседателот на СГИП.
Воедно смета дека со измените на Законот за работните односи на голема врата се туркаат туѓи интереси, а не домашни. Се угодува на странски конзорциум наместо на домашни компании. „Затоа, како единствени претставници на работниците до последен здив ќе се бориме да оспоруваме се што е контра-продуктивно и се што не е во интерес на безбедноста и здравјето на работниците. Човечкиот живот не смееме да го компензираме со пари. Едноставно, платите не стигнуваат за живот, па вработените се принудени да доработуваат прекувремено, а во голем број и на црно, за плата во коверт. Тоа е досега видено низ годините и затоа сме скептици дека токму баш ова законско решение ќе биде подобро за работниците. Механизмот за спроведување на законите – инспекцијата, речиси ја нема“, тврди Пешевски, кој ја повторува заложбата – да се гради во две смени, со удвоен број работници.
Од уставните судии очекуваат доблест при оценувањето на уставноста.
„Подготвени сме повторно да излеземе на улица и да го искажеме незадоволство преку протести и штрајкови, како единствени наши правни механизми кои се уште ги брани Уставот и Законот за работни односи. Нека се гради по строго дефинирани правила и услови, со закони кои се за добро на работникот, а не за негово уништување“, укажува Пешевски, пренесувајќи ја пораката на градежниците: „Држава ви изградивме, без плата не оставивте“.