Банките се безбедно место за чување на вишокот пари, а за нив гарантира Фондот за осигурување на депозитите – се изјасниле мнозинството испитаници опфатени со анкетата реализирана од ФОД. Во одговорите се забележува повисоко ниво на информирање во однос на претходото истражување на јавното мислење, што на оваа тема било спроведено пред пет години, информираат од Фондот.
Резултатите покажуваат дека 83,6 отсто од анкетираните знаат дека ФОД ги гарантира банкарските депозити. Сепак, се уште има луѓе кои се убедени дека тоа е во ингеренции на Народната банка, кои се претставени со одговорите на 16,4 отсто од испитаниците.
Солиден е процентот – 72,7% на лицата кои сметаат дека банките се сигурно место за чување на заштедите. За пет година има извесен напредок во перцепцијата за безбедноста на финансиските институции, односно во 2019 позитивно се произнеле 65,9 отсто од тогаш анкетираните. Спротивното мислење го имаат 27,3%. Одговор како „не знам“, годинава нема, за разлика од претходнагта анкета, кога 13,3% од испитаниците не биле сигурни дали треба или не да се верува во безбедноста на банките.
Интересни се и одговорите на прашањето „Зошто сметате дека вашите пари се сигурни во банка?“. Затоа што е посигурно во банка отколку дома, сметаат 28,5 отсто од граѓаните. А, пак, 24,9 проценти се определуваат за банките поради тоа што има гаранција од ФОД, од НБРСМ и од државата. На личното искуство за позитивниот став кон банките се повикуваат 16 проценти од анкетираните, а за 14,9 отсто важно е што банкарскиот систем е стабилен.
За разлика од ниските девет отсто граѓани, кои во 2019 година знаеле дека постои институција која ги гарантира депозитите, сега нивото е повисоко – 30,5 проценти го имаат тоа сознание. Тоа, посочуваат од ФОД, „укажува на фактот дека постои значителен напредок во информираноста на граѓаните за постоењето на систем за гаранција на депозитите во банките во Република Македонија“.
Во тој контекст, 35,1 отсто од вкупниот број испитаници слушнале за Фондот за осигурување на депозити. Најголемиот дел од нив, или 58,1 процент, за ФОД дознале преку медиумите. Што претставува раст во однос на 47,5 проценти регистрирани во претходната анкета од 2019 година. „Ова укажува на зголемена медиумска покриеност и промоција на Фондот во последните години“, сметаат од ФОД.
Исто така, поместување на бројките има и по прашањето на максималниот износ кој се покрива со обештетување.
„Може да се забележи дека е зголемено познавањето за максималниот износ кој Фондот за осигурување на депозити го обесштетува во Македонија. Во 2019 година, само 19,4% од испитаниците знаеле за овој износ, додека во 2024 година, процентот на информираност пораснал на 64,8%“, покажуваат наодите од анкетата.
Исчекор има и во сфаќањето на потребата од овој фонд. Конкретно, сега 72,3 отсто од анкетираните се изјасниле дека постоењето на ФОД е многу важно за градење на довербато во банкарскиот сектор, додека пред пет години такво размислување е забележано кај само 26,9 проценти.
Доколку се случи непредвидена и ризична ситуација во која се доведува во прашање исплатата на влоговите доверени во банка, настапува ФОД. Оттаму се обештетуваат максимум 30 илјади евра во денарска противвредност.