ПОВЕЌЕ

    „ПАРИ“ ОТКРИВА: Во Веро и Кит-го продавачите се најмалку платени

    Време зa читање: 4 минути

    Трговијата редовно се наоѓа на првото или на второто место по бројот на слободни работни позиции во дневните анализи на Агенцијата за вработување. Бројките дневно се менуваат, но трендот останува. Така, според анализата од 11 мај, во Агенцијата за вработување имало 9.184 слободни работни места, а трговијата е втора по потрага на работници, и бара 1.753 нови вработени, односно 19 отсто од сите новоотворени работни позиции.

    Големите трговски синџири речиси постојано имаат огласи. Но, она што е евидентно додека пазариме во омилениот маркет, е дека вработените често си ги напуштаат работните места. Маркетите, пак, се обидуваат да се натпреваруваат огласувајќи бонуси, повисок К-15 од задолжителниот, слободни денови за роденден и што уште не…

    Зошто тогаш во овој сектор има најголема флуктуација и отворени работни места?

    Порталот Пари ексклузивно открива какви биле просечните нето-плати во трговските синџири кои лани имаа најголеми добивки. Во овие нето-плати, покрај основната плата, се вклучени и разни додатоци, како на пример за работа на празник или работа во недела, за оние маркети на кои тоа им е дозволено.

    Податоците откриваат дека Кит-го, кој лани остварил профит од 2,5 милиони евра, давал најмали плати. Таму просечната нето-плата со додатоците била 22.274 денари. Синџирот вработува 811 работник.

    Потоа, втор, но од опашката, е Верополус, кој лани успеа да направи најголема добивка, од над 9 милиони евра. Таму просечната нето-плата со додатоците била 22.773 денари, а има 969 вработени.

    Најголема просечна плата, пак, давал Кам. Тој е втор на нашата листа на анализирани трговски синџири по добивка. Минатата година реализирал добивка од 4,9 милиони евра, а просечната плата за 1.144 вработени била 29.474 денари.

    Втора по големина просечна нето-плата е во Рамстор, каде што нето-просекот за 634 вработени е 26.797 денари. Зад него е Стокомак, со сличен број на вработени – 648, и со просечна нето-плата од 25.880 денари.

    Жито имал најмала добивка во 2022 година, од 340.000 евра, но сепак не давал и најмали просечни плати. Таму просекот за 837 вработени е 24.987 денари.

    Потоа е Кипер, со многу повисока добивка, од 3,4 милиони евра, и со просечни плати од 24.435 денари, за 820 вработени. Сличен просек на плати имало и во Тинекс – по 24.350 денари за 1.359 вработени, а овој трговски гигант е на претпоследното место по добивка, односно лани направил профит од 460.000 евра.

    Просечни нето-плати со додатоци во 2022 година

    Минатата година, пак, просечната нето-плата во државата, според Државниот завод за статистика, била 31.859 денари, што значи дека ниту еден од трговските синџири не го фатил минатогодишниот државен просек. 

    Кам во континуитет го држи првото место

    Податоците покажуваат дека и во претходните години Кам е работодавачот од трговскиот сектор кој давал најголеми плати. Тој лани го зголемил просекот за околу 3.000 денари во однос на 2021 година. За минатата година може да се забележи значително подобрување кај Кипер. Просечната плата се зголемила од 20.362 денари во 2021 година, на 24.435 денари во 2022 година. Позначајно зголемување имало и кај Рамстор, каде просекот предминатата година бил 22.293 денари за лани да скокне на 26.797 денари.

    Податоците покажуват дека и останатите трговци го качиле просекот на платите, најчесто за околу 3.000 денари.

    Веро и во претходните години, иако се истакнувал со добивките, не се истакнувал со платите.

    Нето-плати во 2021 и во 2020 година

    Лектор: Христина Ангелеска

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично