Просечните плати го продолжуваат својот раст, но добрата вест е дека растот од април ја претркува инфлацијата. Статистичарите измерија дека во август просечната нето плата изнесувала 36.390 денари. Ова е раст на просекот за 0,3 проценти, или за 104 денари во однос на август кога изнесуваше 36.286 денари.
Растот на просечната плата во август во однос на август 2021 година пак е 14,2 проценти, но со вклучена инфлација, статистичарите пресметаа дека реалниот раст е 5,4 процети.
Порталот „Пари“ ги стави под лупа просечните плати. И со новиот просек, платите остануваат најголеми во секторот „ Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејност “ каде што просекот е 92.464 денари. И најниските плати традиционално се во дејноста „Заштитни и истражни дејности“ и таму едвај се фаќа „минималецот“ , па просекот е 20.021 денари. Но, како што веќе пишуваше „Пари“, во оваа дејност каде што влегува приватното обезбедување на имот и лица, многу често има ангажирање со неполно работно време.
ТРГОВИЈАТА И ПРЕРАБОТУВАЧКАТА ИНДУСТРИЈА БАРААТ НАЈМНОГУ РАБОТНИЦИ, КАКО ГИ ПЛАЌААТ?
Трговијата и преработувачката индустрија се сектори во кои редовно се барат најмногу работници. Анализата од 20-ти октомври на Агенцијата за вработување покажува над 10.000 слободни работни места од кои 1.922 се во трговијата, а 1.743 во преработувачката индустрија.
Во целиот сектор „Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли“ просечната плата е малку под просекот и изнесува 35.109 денари. Но, внатре во дејностите, има и поголем плата од просечната. Па така во „Трговија на големо, освен трговија со моторни возила и мотоцикли“, просекот е 41.387 денари.
Во преработувчката индустрија, просекот е 32.028 денари, но во самиот сектор најниска плата имаат во „Производство на кокс и рафинирани нафтени производи“ и таа изнесува 22.790 денари, а највисока во „Производство на пијалаци“ каде што просекот е 44.396 денари.
Пет дејности се уште се далеку под просекот. Тоа се: Заштитни и истражни дејности; Производство на кокс и рафинирани нафтени производи; Услуги поврзани со одржување на згради и дејности на уредување и одржување на животната средина и природата; Дејности за подготовка на оброци и служење на храна; Ветеринарни дејности.
Топ 5 дејности со најниски просечни нето-плати во август
НАЈВИСОКИТЕ ПЛАТИ ПРОДОЛЖУВААТ ДА РАСТАТ
ИТ инженерите продолжуваат да бидат на цена, и иако се со најголеми плати од сите, нивните плати продолжуваат да се се зголемуваат, па во август се зголемиле за дури 10,7 проценти во однос на ласнкиот август.
На второ место е „Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати“. Во оваа дејност просекот е 57.954 денари, а годишниот раст е 14,8 проценти.
Не е лошо и да си некој експерт, или науник. Просекот на дејностите што се заведени под шифра „Останати стручни, научни и технички дејности“ е 57. 935 денари Таму просекот за една година се зголемил за 11,8 проценти.
На четврто место е просекот во дејноста „Финансиско-услужни дејности, освен осигурување и пензиски фондови“. Таму просекот е 53.801 денар, и е зголемен во однос на ланскиот август за 11,4%.
Петата позиција е за „Управувачки дејности; советување во врска со управувањето “. Разни советници и управители може да очекуваат високи плати. Просекот е 51.964 денари и е поголем за 10 проенти од лани
ТОП 5 дејности со највисоки прсечни плати во август
A.K.