ПОВЕЌЕ

    Управување со отпад – мали бизниси, високи профити

    Време зa читање: 7 минути

    Сума од 45,8 милиони евра минатата година се свртела во десетте компании што се занимаваат со управување со отпад а имаат најголеми приходи во овој бизнис. Но, споредено со претходната година приходите кај овие компании се намалени за 14,6 отсто, покажува анализата на Таргет Груп“ за финансиската кондиција на компаниите што се занимаваат со управување со отпад. За поголемиот дел од овие десет компании што се најголеми според приходите,  2019 година била полоша во однос на 2018 година, со оглед дека имаат намалени приходи.

    Кај десетте компании што се занимаваат со управување со отпад, а кои имаат најголеми добивки – лани е регистрирана сума на вкупна добивка во износ од 1,8 милиони евра, а истата е намалена во однос на претходната година за 14,2%.

    „ПАВОР“ СО НАЈГОЛЕМИ ПРИХОДИ, „ЕКОЦЕНТАР 97“ СО НАЈГОЛЕМА ДОБИВКА

    Финансиските податоци покажуваат дека компанијата „Павор“, лани ги има направено најголемите приходи во оваа дејност, но истата компанија бележи пад на приходите во однос на претходната година и тоа за 16,6 отсто.  Оваа компанија, иако ги има најголемите приходи во оваа дејност, кога е во прашање добивката се наоѓа на осмото место, со оглед дека лани има добивка во износ од 52.600 евра. Но, компанијата бележи драстичен пад на минатогодишната добивка споредено со претходната година и тоа за 80,3 отсто.

    Иако доаѓа од групата на мали бизниси, сепак најголемата добивка во бизнисот управување со отпад минатата година ја има компанијата „Екоцентар 97“ со седиште во Скопје.

    Во оваа компанија лани е направена добивка во износ од 694.100 евра. При тоа, 2019 година се покажала како поуспешна во однос на 2018 година за оваа компанија со оглед дека добивката е зголемена за 130 отсто.  Во однос на приходите, оваа компанија се наоѓа на осмото место, со тоа што лани пријавила приходи во износ од 2,6 милиони евра.

    Во „Екоцентар 97“ лани работеле 34 луѓе. Со тоа, добивката по вработен за оваа компанија за минатата година изнесува 20.400 евра.

    „Друштвото за собирање и примарна обработка на отпадоци  Екоцентар 97 ДООЕЛ Скопје е основано во 1997 со 100% домашен капитал. Основна дејност е откуп, селекција, преработка и транспорт на секундарни суровини, како необоени (железо и челик) и обоени метали (бакар, алуминиум, месинг, калај, олово, никел и сл.). Компанијата Екоцентар 97 активно се занимава со рециклирање повеќе од 20 години и низ годините, согласно потребите на пазарот ја има проширено и својата дејност.Веднаш по основањето, компанијата исто така започнува да се занимава и со откуп и рециклирање на стари автомобили, акумулатори и превземање на отпадни гуми, е наведено на нивата интернет страна.

    Уште еден мал бизнис, успева да направи големи добивки во дејноста управување со отпад.  Односно, втора најголема добивка, лани има битолската компанија „Ремондис Медисон“, каде е направена добивка во износ од 375.900 евра. Далеку помалку од сумата што ја „ќарила“ скопската „Екоцентар 97“.

    Во „Рамондис Медисон“, лани имало 61 вработен со што компанијата е втор најголем работодавач во оваа дејност за минатата година. Добивката по вработен во оваа компанија изнесува нешто повеќе од 6.100 евра.  Оваа компанија  е дел од мултинационалната компанија Рамондис со седиште во Лунен Германија и со работа во Македонија стартува на 01. Јули 2019 година.

    „Основна дејност на компанијата е собирање , транспорт и третман на комунален и други видови безопасен отпад , собирање транспорт и третман на опасен отпад- медицински отпад, отпад кој произлегува од хумана и ветеринарна медицина и чистење и одржување на јавни прометни површини . Компанијата дава услуги на јавни претпријатија и на компании од приватниот сектор“, е наведено на нивната интернет страна.

    Охридската компанија „Отпад“, лани има трета најголема добивка во оваа дејност. Во оваа фирма лани е регистрирана добивка во износ од 351.800 евра, но истата е намалена за 34,3 отсто во споредба со претходната година.

    Компанијата „Отпад“ од Охрид, лани имала приходи кои се за 9,8 отсто помали од претходната година, односно лани во оваа компанија се свртела сума од 8,1 милиони евра.  Тоа е втор најголем приход остварен во оваа дејност за минатата година.

    Станува збор за компанија што е во групата на големи бизнис а во неа работат 36 луѓе. Со тоа, лани добивката по вработен во оваа компанија изнесувала нешто повеќе од 9.700 евра.

    „Еко Циркон“, компанија што е во групата на големи бизниси со седиште во Скопје, лани има приходи од 6,4 милиони евра, но за разлика од претходната година тие се намалени за 18 отсто. Но, покрај падот на приходите,  оваа компанија, лани,  има голем пад и на добивката. Односно, минатата година во „Еко Циркон“ имали добивка од 109.100 евра, но истата е намалена за 72 отсто во споредба со претходната година.

    Во оваа компанија лани работеле 49 луѓе. Добивката по вработен во „Еко Циркон“, минатата година изнесувала нешто повеќе од 2.200 евра.

    „Компанијата ЕКО ЦИРКОН е регистрирана во 1997 година со основна дејност откуп и преработка на секундарни суровини (железо, алуминиум, бакар, олово, бронза, месинг, и други) од технолошки и индустриски отпад, како и ископ со тешка механизација. Компанијата е основана со личен приватен влог и основни средства во сопственост на оснивачите. Во првиоте години од своето работење, целокупноте приходи се реинвестирани во развојот на компанијата, во подобрување и опремување“ е наведено на нивната интернет страна.

    Тетовската „Технометал С.Р.Л.“ минатата година има приходи во износ о 4,6 милиони евра, но во однос на претходната се намалени за 46,9 отсто.  Оваа компанија што е во групата на мали бизниси, не е на листата на десет компании од оваа дејност со најголема добивка, иако по однос на приходите е на четврто место. Компанијата не котира високо ниту според бројот на вработените.

    Кочанската „Пејпар Мил“, лани има приходи од 4 милиони евра а истите во однос на претходната година се намалени за 17,4 отсто.  Во оваа компанија што е од групата на средни бизнис минатата година работеле 108 луѓе, односно токму оваа компанија е најголем работодавач во оваа дејност.  „Пејпар Мил“ иако важи за најголем работодавач, и има петти најголеми приходи во овој бизнис остварени во текот на минатата година, сепак по однос на добивката за лани, не сед наоѓа на листата на десетте компании со најголема добивка.

    „Фабрика за хартија во Кочани е една од најстарите фабрики во Македонија. Заснована е уште во 1963 година. Во составот на UNITRADE CLUSTER од 2016 година. Веднаш по нејзиното повторно отварање започна капиталната реконструкција на производствените капацитети, поради нејзиниот престанок на работа претходните години. Од моментот на приватизација на фабриката, па се до денес во неа е вложено околу 4 милиони евра.“, е наведено на нивната интернет страна. Сепак, жителите на Кочани изминатиот период излегуваа на протести бидејќи сметаат дека компанијата загадува иако претходно беше инсталиран воден филтер.

    Компанијата „Далас два“ од Студеничани, минатата година успева да ја зголеми добивката за 499 отсто и со тоа да биде на петто место според направена добивка во бизнисот со управување со отпад. Односно, лани во оваа компанија е направена добивка во износ од 107. 700 евра.

    Останатите компании кои се во оваа дејност имаат добивки помали од 60 илјади евра.

    Извор на податоци: „Бизнис мрежа“.
    Анализа на податоци: Таргет Груп

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично