Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во вторникот дека има намера да воведе царина од 10 отсто на Кина поради улогата на земјата во поттикнувањето на кризата со фентанил. „Зборуваме за царина од 10 проценти за Кина врз основа на фактот дека тие испраќаат фентанил во Мексико и Канада“.
Фентанил стана најновото бојно поле во тековната трговска војна меѓу двете најголеми економии во светот. Кина во моментов е примарен извор на хемикалии прекурсори потребни за производство на фентанил.
КАКО ФЕНТАНИЛОТ СТАНА ПРОБЛЕМ ВО САД?
Фентанил е опиоид кој се користи во лекови против болки. Сепак, долго време се користи како синтетичка дрога во Соединетите Држави и предизвика епидемија на зависност која во последно време убила стотици илјади Американци. Големи количества фентанил се произведуваат во Кина, а потоа пристигнуваат во САД преку Мексико. Кина и САД презедоа чекори за заострување на трансферот на овие хемикалии. Сепак, нелегалниот трговски ланец за фентанил се префрли од директен извоз во САД – во Мексико, каде сега се произведува фентанил, а потоа се шверцува во САД.
Трамп во понеделникот објави дека ќе воведе царина од 25 отсто за Мексико и Канада за нивниот неуспех да го задржат протокот на дроги како фентанил, но и на илегалните имигранти во Соединетите Американски држави.
Опиоидите како што е OxyContin, кој е всушност фентанил, беа ефикасни во лекувањето на болката, но исто така доведоа до зголемени проблеми со зависноста. Во 2016 година, синтетичките опиоиди како фентанил ги надминаа и опиоидите и хероинот како водечка причина за предозирање и смртни случаи.
Трамп рече дека го спомнал ова прашање во неговиот разговор со кинескиот претседател Си Џинпинг минатата недела. „Исто така пред некој ден го имав тој разговор со претседателот Кси, за Кина. Реков, не го сакаме тоа ѓубре во нашата земја. Мораме да го запреме. Зборуваме за царина од 10% за Кина врз основа на фактот дека тие испраќаат фентанил во Мексико и Канада“, рече Трамп.
Царината од 10 отсто ќе биде надополнување на сите постоечки давачки за кинескиот увоз. Тарифите што Трамп ги воведе во неговиот прв мандат беа проследени со голем број тарифи и трговски ограничувања од страна на претходниот претседател Џо Бајден, како што се големи царини за кинески електрични возила, метали, соларни панели итн., како и трговски ограничувања за кинеските полупроводнички и други високотехнолошки индустрии.
И покрај тоа што Трамп ѝ се закани на Кина, главниот американски противник, со царини, тие се значително помали од она со што им се закани на сојузниците. Додека на Канада и Мексико, соседите и сојузниците на САД, им се закануваат царини од 25 отсто, Кина се соочува со царини од само 10 отсто. Тоа е дури и пониско од царините од 60 отсто за сите кинески увозни производи што Трамп ги вети во кампањата.
Трамп долго време ги користи царините како тактика за преговори со државите за да се постигне поволен договор. Се чини дека тој сега ги користи заканите за царини за повторно да преговара за Договорот САД-Мексико-Канада (USMCA) и трговскиот договор со Кина што го потпиша во неговиот прв мандат. Договорот со Кина се претвори во апсолутен неуспех.
Трамп во понеделникот им нареди на одделенијата за трговија и финансии заедно со трговскиот претставник да ги разгледаат трговските дефицити на САД со нациите, да ги идентификуваат нефер практиките на нациите во трговијата со Соединетите Американски држави и да ги разгледаат постоечките трговски договори како USMCA и Фаза еден трговски договор од 2020 година со Кина.
ОПИУМСКИ ВОЈНИ НА 21.ВЕК
Стратегијата на Трамп со царини да ги казни земјите од каде доаѓа заканата со нелегални опијати потсетува на опиумските војни на Велика Британија со Кина пред речиси две столетија. Во првата половина на 19 век, британската влада се соочила со економски проблем. Увозот на чај, порцелан и свила од Кина создал голем трговски дисбаланс.
Еден производ до кој Британците можеле да пристапат во големи количини бил опиумот одгледан на териториите под нивна колонијална контрола. Британскиот одговор за решавање на трговскиот дисбаланс бил да го преплави кинескиот пазар со опиум. До 1830-тите, милиони кинески граѓани станале зависници од оваа дрога.
Откако во 1839 година, кинескиот император превзел мерки да го запре протокот на опиум и да ги уништи британските залихи на лекот на кинеска територија, британските трговци се побуниле и барале надомест за уништената стока. Под изговор дека кинеската репресија е спротивна на принципите на слободната трговија, тие успешно излобирале кај британската влада за воен одговор на кинеската репресија, по што следуваа две опиумски војни, во кои Кина беше поразена и натерана на големи територијални отстапки (Британија го доби Хонк Конг на 100 години користење), а британските трговци добиле широки овластувања.
Овој период во Кина останал запаметен како ера на национален срам и понижување.
Кина првично не сакаше да преземе мерки за да им помогне на САД да се справи со кризата со зависноста, а заканата од царини очигледно не ги натерала Кинезите да бидат покооперативни. Што не треба да зачудува, со оглед дека опиумските војни го сигнализираа почетокот на она што се нарекува „век на понижување“ во Кина, период кога земјата беше колонизирана и диктирана од странски сили.
Реториката на Трамп за тарифите потсетува на тој период и веројатно нема да ја направи кинеската влада покооперативна за шверцот со дрога и други прашања. Овој пристап сугерира дека ништо не е научено за важноста на меѓународната соработка во справувањето со кризите на зависност од Опиумските војни, заклучува магазинот Конврзејшн.