ПОВЕЌЕ

    Од случај до советник на Антикорупциска?

    Време зa читање: 3 минути

    Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), засилено користи надворешни правни советници. Ваквата пракса на актуелниот состав на Комисијата овозможи меѓу правните советници да се најдат и лица кои пред неколку години биле дел од предмети на кои работело ова тело чија главна цел е истражување на можна корупција и судир на интереси. Тоа е случајот со актуелниот советник за правни прашања на ДКСК, Стевица Јосифовски.

    Од ДКСК потврдуваат дека Јосифовски е ангажиран како правен советник  за одредени специфични правни прашања и области. Сметаат дека нема конфликт на интереси.

    Државната комисија за спречување на корупцијата располага со стручен правен тим кој се грижи за тековните правни работи и предмети. Дополнително, за одделни правни анализи и судски постапки, особено оние кои се водат пред Управниот суд, Државната комисија користи услуги од надворешни адвокати и правни експерти кои се специјализирани за тие области. Посветуваме особено внимание на прашањата за судир на интереси. Во Државната комисија се применуваат јасни механизми и процедури кои осигуруваат дека сите ангажмани, вклучително и на правните советници и се спроведуваат во согласност со принципите на транспарентност, етичко работење и почитување на законските прописи“, велат од Комисијата.

    Инаку, пред неколку години, претходниот состав на Комисијата имаше отворен предмет против сегашниот правен советник на Антикорупциска.

    Имавме предмет против Јосифовски за неспоивост на функциите адвокат и претседател на Управниот одбор на Агенцијата за електронски комуникации. Беше утврдено дека согласно тогашната регулатива двете функции се неспоиви. Одлуката на Комисијата беше потврдена и од Управниот суд каде што Јосифовски упати жалба. Потоа предметот беше поднесен до Вишиот Управен суд кој го врати на повторно постапување“, вели Билјана Ивановска, поранешна претседателка на Комисијата во чии мандат бил воден овој предмет.

    Во време додека траела постапката пред судот, се променил Законот и повеќе не било незаконски адвокат да извршува и јавна функција.

    Исто така, Јосифовски бил адвокат и на поранешен директор на Агенцијата за млади и спорт во случајот против ДКСК, кога тогашен член на Комисијата бил тужен за клевета. Овој случај завршил во корист на Комисијата, а судот ја отфрли тужбата.

    Постојат сомневања дека тој е опфатен и со предметот во кој Телеком треба да исплати оштета од четири милиони евра на фирма, а за овој предмет Основното јавно обвинителство (ОЈО) започна предистражна постапка. ОЈО ја започна постапката откако министерот за транспорт и врски Александар Николоски го испрати предметот за натамошно разгледување бидејќи државата има дел од сопственоста на Телеком.

    Ние по службена должност бевме известени и јас го информирав Јавното обвинителство и побарав да го испита случајот, имајќи предвид дека во службеното известување кое го добивме, добивме информации кои се навистина сериозни за состојбата во судството во Македонија. Ние впрочем и затоа бараме да се распушти Судскиот и Обвинителски совет затоа што состојбата е многу лоша и довербата во судството е никаква, а вакви случаеви дополнително ја урнисуваат довербата во судството“, истакна Николовски на 26 август годинава во вестите на Сител.

    За истиот предмет по претставка за судијката известител расправаше и Републичкиот судски совет, по што беше усвоен извештај во кој беа констатирани низа незаконитости во постапката.

    Пишива: ГОРАН ТЕМЕНУГОВ новинар

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично