Со воведување двосменско работење и со удвојување на работната сила може да се постигне посакуваниот ефект – коридорите 8 и 10 д да се изградат брзо и евтино, тврди Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво. И износот што треба да се плати за работничкиот труд ќе остане ист без оглед дали се плаќаат прекувремени часови или ангажирани работници што ќе покриваат уште една смена.
Но, актуелните измени во Законот за работни односи се неприфатливи и ќе одат на Уставен суд.
„Се овозможува секој работник да работи по 12 часа од понеделник до сабота, што значи од 40, работната недела ќе се зголеми на 72 часа. Така покажуваат нашите пресметки, што значи не е точно дека зголемувањето на работната седмица е за 20 часа, што исто така е многу. А, на 40-часовна работна недела дозволени се максимум осум часа прекувремена работа“, реагира Пешевски.
Освен тоа, посочува и на условите во кои работат градежните работници, однсно дека е невозможно на терен да се издржат 12 часа проследени со активности кои бараат огормен личен напор.
„Се работи надвор, сеедно дали врне, дали е студено или е многу топло. Направивме анализи и затоа сме на ставот дека треба да има две смени, со удвојување на бројот на работниците. За прекувремена работа саатницата е 135 проценти повисока. Ако се пресмета според платите од 26.000 – 27.000 денари што ги земаат работниците од нискоградба, излегува дека е исто како и да се организира уште една смена“, наведува Пешевски и вели дека градежните работници и нивните права мора да бидат заштитени. И посочува, без оглед дали ќе бидат наши или донесени од странство. „Навистина, се залагавме во работата да бидат вклучени што повеќе наши работници, но во никој случај под понудените услови“, категоричен е тој.
Извесно е дека предложените промени, произлезени од договореното со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ ќе минат во Собранието со гласовите на владејачкото мнозинство. Тоа може да се случи во секој момент, бидејќи актуелната 115. парламентарна седница е во тек, а и владините претставници во секоја изјава потенцираат дека се за „брза и поевтина“ изградба на коридорите 8 и 10 д. Меѓутоа, Сојузот на синдикатите на Македонија ќе реагира и ќе ги оспори пред највисоката судска инстанца.
„Го оспоривме специјалниот закон за ‘Бехтел и Енка‘ и се надеваме дека Уставниот суд ќе остане на веќе еднаш заземениот став, дека ваквите предлози се противуставни“, вели лидерот на СГИП. Притоа, додава дека ова прашање мора да се решава во рамките на Економско-социјалниот совет, но досега никогаш не била спомената ваква промена. Оттука и мислењето дека власта оваа работа ја турка заткулисно и на сила. Во сето тоа, додава, се злоупотребува европското знаменце и низа меѓународни конвенции од областа на човековите права и работните односи.
Пред неколку дена синдикатите ги повикаа пратениците „да не прават од работниците робови, единствено поради тоа што тие робуваат и слугуваат на одредени структури“. Исто така, како што е наведено во обраќањето – ги потсетуваат дека „работниците не ги бирале за да носат закони опасни по безбедноста и здравјето на работниците, не ги бирале за да им создаваат нечовечки услови за работа, не ги бирале за да ги жртвуваат нив наспроти бизнис интересите на поединци“.
И покрај повикот, велат од Синдикатот, никој не реагирал и не им се обратил, ниту народните избраници од позицијата, ниту од опозицијата.