Од невработените, 400 лица ќе бидат ангажирани во јавни работи, пред се во создавањето противпожарни појаси. За таа работа е предвидена месечна финансиска поддршка од 24 илјади денари. Тие што ќе се покажат особен интерес и ќе се истакнат, ќе имаат можност да добијат постојано вработување, ја образложи портпаролката Марија Митева, најновата владина мерка опфатена во оперативниот план за вработување: „Јавни работи за заштита и превенција од пожари“. На прес-конференцијата во Владата говореа и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов и директорката на ЗЕЛС, Душица Перишиќ.
„Мерката предвидува вклучување на 400 невработени лица, кои ќе бидат ангажирани во јавни работи со фокус на создавање на противпожарни појаси и други активности за спречување и намалување на ризикот од пожари. Сакам да потенцирам дека секој ангажиран учесник ќе добива месечна финансиска поддршка од 24.000 денари. Исто така, важно е да нагласиме дека сите оние кои ќе покажат одобен интерес, посветеност и висока подготвеност по завршување на оваа мерка ќе бидат трајно ангажирани преку нивно вработување во институциите кои се надлежни за оваа работа“, наведе Митева.
Воедно, нагласи дека програмата за првпат се спроведува во нашата држава, а се делува превентивно.
„Со оваа мерка, како држава правиме исклучително значаен исчекор – од реактивна кон проактивна политика во областа на заштитата од пожари и зачувување на животната средина. Наместо да дејствуваме несинхронизирано и откако штетите се веќе направени, денес започнуваме со процес на навремена подготовка, превенција и мобилизација на ресурси и луѓе, рече владината портпаролка.
Оваа мерка има двоен ефект – социјален и еколошки.
„Од една страна, обезбедуваме приход и вклучување на невработени лица, со што даваме конкретна поддршка на ранливи категории граѓани, односно на навработени. Од друга страна, создадовме функционален и одржлив систем на заштита од пожари, кој е предвидено да опфати 14 општини низ државата, општини каде имаме територијални противпожарни единици“.
Пријавувањето, како што посочи Митева, ќе се одвива транспарентно преку јавен повик што ќе го објават општините.
„Секое лице што се чувствува подготвено и мотивирано да даде придонес во оваа заедничка мисија, ќе може да аплицира со поднесување на пријава и апликација. Локалните самоуправи во овој случај ќе имаат активна улога во спроведувањето, затоа што борбата против пожарите е одговорност што ја споделуваме – од централно, до најлокално ниво“, истакна Митева, повикувајќи ги граѓаните да се пријават преку своите општини.
Надоместот од 24 илјади денари можеби не е голем, но сите оние кои ќе покажат успех во справување со пожарите, ќе бидат професионално вработени во некои од територијалните противпожарни единици низ државата, нагласи Ангелов. Како што рече, предвидено е во Скопје да се ангажираат стотина лица. Тие ќе бидат распоредени во тимовите за брз одговор на ДЗС и ќе поминат кратка обука. Најдобрите ќе бидат избрани за новата единица чие формирање е во тек – Специјална единица за заштита и спасување.
Во општините, според Перишиќ, засега се работени од 700 до 800 пожарникари. А, стандардите налагаат на секои 1.500 жители да има по еден пожарникар.