ПОВЕЌЕ

    ОД ЧЕТИРИТЕ МИЛИЈАРДИ ЕВРА ДОЛГ НА ГРАЃАНИТЕ КОН БАНКИТЕ, само 0,47% се за зелените кредити

    Време зa читање: 4 минути

    Се зголемува зеленото кредитирање во земјава, особено поттикнато од компаниите. Интересот на граѓаните и натаму е низок. На крајот од декември, односно во последниот минатогодишен квартал, кај банките е забележан раст од 8,5 проценти кај зелените кредити во однос на истиот период од 2023 година. Разликата е за 2,3 милијарди денари. Споредено, пак, со крајот на 2019 година, кога и започна прибирањето и објавувањето на овие податоци, зелените кредити се зголемени за четири пати.

    Од сите одобрени кредити во домашниот банкарски систем, зелените зафаќаат шест проценти и се во износ од 29.177 милиони денари или околу 475 милиони евра, покажуваат податоците од Народната банка, кои се однесуваат за последното ланско тримесечје. Домаќинствата имаат удел од 0,5% или користат 1.145 милиони денари (18,6 милиони евра), а нефинансиските друштва – 28.032 милиони денари (455,8 милиони евра), што претставува 11,6%.

    Напредокот е очигледен кога се знае дека на стартот, односно на крајот од 2019 година уделот бил 2,2 отсто, а вкупната сума 7.176 милиони денари (116,7 милиони евра). Од тоа, делот на компаниите бил 3,7% (97,8 милиони евра). Всушност, позитивните зелени движења се иницирани оттаму. Населението на почетоците учествувало со 0,7% и 1.160 милиони денари (18,9 милиони евра) и во однос на овие бројки, има благ пад.

    По вредност на одобрените зелени кредити разбирливо е дека се издвојуваат големите банки. Гледано од страната на учеството на зелените во вкупните кредити, процентот е најголем кај средните банки.

    Петте големи банки заклучно со крајот на демекври 2024 година обезбедиле зелена кредитна поддршка од 22.318 милиони денари (околу 363 милиони евра). Во нивните вкупни кредити тоа означува 5,4%. За споредба, на крајот од 2019 сумата била 52 милиони евра со удел од 1,3%.

    Компаниите од овие средства користат 354,4 милиони евра и партиципираат со 10,8% (36,5 милиони евра и 1,9% на крајот од 2019). Кај домаќинствата, состојбата е 8,5 милиони евра и 0,3% (крај на 2019 – 15,6 милиони евра и 0,7%).

    Средните банки одобриле 6.548 милиони денари, односно 106,5 милиони евра. Тоа претставува 12,3% од сите видови исплатени кредити. Пред пет години износот бил 63 милиони евра со удел од 5,5%. Населението користи 3% од зелените средства, или 9,8 милиони евра (2019 – 3,08 милиони евра и 0,6%). Најмногу пари, односно 18,3% за зелени намени се дадени на компаниите – 96,6 милиони евра (2019 – 59,9 милиони евра и 9,4%).

    Од сите кредити што ги исплатиле малите банки, само 1,2 проценти се зелени. Во денари 311.1 милион, а во евра – пет милиони. Позициите на крајот од 2019 биле 1,6 милиони евра и 0,9%. Населението користи околу 280 илјади евра или 0,09% (2019 – над 154 илјади евра и 0,1%). А, пак, уделот на фирмите е 4,4% со износот од 4,8 милиони евра (2019 – 1,4 милиони евра и 1,9%).

    Зелените пари се пласираат преку сите банки во земјава. Наменети за проекти кои поддржуваат одржливи, еколошки или за цели кои придонесуваат за зелената транзиција во општеството. Условите под кои се нудат се поволни, а често се и на „акција“, односно за нив има промотивна понуда. За граѓаните има избор од зелени потрошувачки, станбени и кредити за купување возило со еколошки перформански. Сепак, нивниот одзив и интерес, во споредба со другите кредити од банкарската понуда. На крајот од декември, населението имало долг кон банките од четири милијарди евра, од кои 2,1 милијарда за потрошувачките кредити. Овие 18,6 милиони евра забележани во последниот лански квартал кај зелените заеми претставуваат 0,47% од нивната задолженост.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично