ПОВЕЌЕ

    ОБРАЗОВАНИЕТО СТАНУВА БИЗНИС СО ЗНАЕЊЕ: Приватните универзитети со вкупен приход од 10 милиони евра

    Време зa читање: 6 минути

    Приватните универзитети во Македонија одамна не се само алтернатива, туку активни играчи што го забрзуваат модернизирањето на високото образование. Во последниве години се гледа поголема пазарна дисциплина: побрзи циклуси на акредитирање програми, поизразен фокус на информатичката технологија, бизнис и примена на вештачка интелигенција во наставата, како и подлабоки партнерства со компании за практики и вработување. Таа свежина се гледа и во финансиските параметри ‒ приходите растат, профитот е пошироко распределен, бројот на вработени е стабилен со умерен прираст, а платите постепено се зголемуваат во институциите што водат кон квалитет и специјализација.

    Во анализата што ја подготви порталот Пари од податоците на Бизнис мрежа се опфатени податоци за 17 приватни универзитети, од кои 10 влегуваат во топ-листата по перформанс. Десетте со најголем промет во 2024 година оствариле вкупен приход од околу 10,3 милиони евра, додека десетте со највисока добивка имаат заеднички профит од околу 1,1 милион евра. Десетте најголеми работодавачи во групата ангажираат 421 вработен, а збирот на просечните месечни плати изнесува 6,8 илјади евра.

    САМО ТРИ УНИВЕРЗИТЕТИ ИМААТ МИЛИОНСКИ ПРОМЕТ

    Голем износ од промет од приватното високо образование е концентриран во десетте водечки универзитети, со збир од околу 10 милиони евра. Во големиот обрт учествуваат институции што котираат во милионски износи. Универзитетот Американ Колеџ Скопје, кој ги комбинира образовните методи и практики од американскиот и европскиот образовен систем и е основан под закрила на мотото дека сите луѓе се збогатени преку образованието, остварил околу 2,5 милиони евра приход.

    Потоа е Меѓународен славјански универзитет Свети Николе со 1,9 милиони евра, кој располага со два кампуси ‒ во Свети Николе и Битола, и е втор дом на повеќе од 2.000 студенти. На трето место е Универзитет Скопје со 1,2 милиони евра.

    Институции со приходи блиску до милион се: Меѓународен универзитет во Струга (991 илјада евра) и ВИЗИОН – Гостивар (971 илјада евра).

    Во вториот дел од категоријата е и специјализираната академија што ја поткрепува пазарната понуда со практични и информатички ориентирани програми ‒ Brainster Next College со 581 илјада евра.

    Потоа следи МИТ Универзитет со 553 илјади евра, Бизнис академија Смилевски – БАС со 523 илјади евра, Евро Колеџ со 384 илјади евра и Факултет за исламски науки со 379 илјади евра.

    ТОП 10 ПРИВАТНИ УНИВЕРЗИТЕТИ ПО ПРИХОДИ

    Извор: Бизнис Мрежа

    ДОБИВКИТЕ СЕ ДВИЖАТ ОД 4 ИЛЈАДИ ДО 322 ИЛЈАДИ ЕВРА

    Американ Колеџ Скопје е профит-лидер со 322,7 илјади евра и благ раст од 1 насто, што зборува за зрела структура на трошоци. На второ и трето место се Меѓународен универзитет во Струга со 289,1 илјада евра (+ 12,72 %) и МСУ Свети Николе со 263,7 илјади евра (+ 11,33 %) ‒ двете институции добиваат на маржа со дисциплина во оперативните трошоци и јасно позиционирани понуди.

    Интересно изненадување е Бизнис академија Смилевски – БАС, која скокна од 6 илјади евра во 2023 година на 121,7 илјади евра лани.

    Последниот факултет во оваа колона е Факултетот за исламски науки, и иако добивката е скромна во апсолутен износ (4,3 илјади евра), годишниот скок е голем ‒ + 658,9 % во однос на 568 евра преклани.

    ТОП 10 ПРИВАТНИ УНИВЕРЗИТЕТИ ПО ДОБИВКИ

    Извор: Бизнис Мрежа

    НАЈГОЛЕМ РАБОТОДАВАЧ Е АМЕРИКАН КОЛЕЏ

    Кадарот е темел на квалитетот. Вкупно 401 вработен во 2024 година наспроти 388 преклани зборува за умерен, но значаен прираст. Најмногу вработени има Американ Колеџ (81, + 6,58 %), што е во корелација со обемот на програми и сервисите за студенти.

    МСУ Свети Николе има 70 лица (со мал пад), додека ВИЗИОН Гостивар пораснал на 62 вработени (+ 10,1 %), што е типичен потпис на институција во подем. Универзитетот Скопје, Еуро Колеџ Куманово и Еуро Прима Скопје одржуваат стабилен тим.

    Ова вработувачко плато со благ нагорен наклон покажува дека приватните универзитети растат главно преку повисока продуктивност, нови програми и партнерства со индустријата, а не само преку зголемување на бројноста на кадарот.

    ТОП 10 ПРИВАТНИ УНИВЕРЗИТЕТИ ПО БРОЈ НА ВРАБОТЕНИ

    Извор: Бизнис Мрежа

    НАЈВИСОКАТА ПЛАТА Е 1.012 ЕВРА, А НАЈНИСКАТА – 338 ЕВРА

    Кога се зборува за образованието, постојана тема е дека таа дејност треба да биде една од најплатените. За знаењето што им го пренесуваат на студентите во приватните универзитети, платите на вработените се движат во јасен нагорен тренд во однос на 2023 година, со распон од околу 350 до над 1.000 евра месечно по институција.

    Лидер по висина на просечна плата е Бизнис академија Смилевски – БАС со околу 1.012 евра, што оди рака под рака со скокот на профитабилноста и побарувачката за бизнис и менаџментски вештини. Платата во Brainster Next College е околу 793 евра, а техничките и дигиталните профили традиционално носат повисок надомест. Американ Колеџ Скопје исплаќа просек од приближно 707 евра, со стабилно зголемување на годишно ниво. Платата на МСУ Свети Николе е околу 579 евра, а на Универзитетот Скопје околу 545 евра, со видливи подобрувања.

    Годишните промени го потврдуваат трендот: БАС бележи силен прираст (приближно 92 %), Brainster Next околу 15 %, Американ Колеџ околу 10 %, МСУ Св. Николе околу 14 %, а Универзитетот Скопје околу 19 %. Заклучокот е јасен: таму каде што има специјализација (информатичка технологија, дигитални и бизнис-вештини), применливост на знаењето и врски со индустријата, платите побрзо се усогласуваат со пазарните очекувања.

    ТОП 10 ПРИВАТНИ УНИВЕРЗИТЕТИ ПО ПРОСЕЧНА ПЛАТА

    Извор: Бизнис Мрежа

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично