ПОВЕЌЕ

    НЛБ Банка со добивка од 8,1 милиони евра за три месеци

    Време зa читање: 5 минути

    Во периодот од 01.01.2021 до 31.03.2021 година, НЛБ Банка АД Скопје работеше согласно усвоената Деловна политика на Банката за 2021-та година, и покрај продолжените негативни ефекти од пандемијата КОВИД-19, која донесе бројни ограничувања во домашната и меѓународната економија. Во такви услови, целта на Банката, како една од водечките финансиски институции, е да ја зачува високата ликвидност и солвентност, да го задржи континуитетот и квалитетот на услугите кои ги нуди и да обезбеди финансиска поддршка на клиентите.

    И во првиот квартал од 2021 година, Банката успеа да оствари позитивни резултати преку реализација на низа активности поврзани со зголемување и подобрување на понудата за клиентите со продукти и платни сервиси. Во овој период, Банката продолжи со имплементација на стратешките иницијативи во инвестиции во дигитализација и нови технологии, со цел пренасочување на клиентите кон дигиталните канали како поедноставни, поевтини и побезбедни начини на извршување на банкарските трансакции.

    Инвестициите во дигитализацијата, подобрениот квалитет на средствата, посветеноста на сите вработени, како и постигнатите извонредни финансиски резултати во изминатата година, во првиот квартал од 2021-та беа наградени од:

    -Финансискиот магазин ЕМЕА на Europe Banking Awards 2020 каде НЛБ Банка АД Скопје e избрана за Најдобра банка во C. Македонија.

    Биланс на состојба

    Заклучно со 31.03.2021 година билансната сума изнесува 98.806.940 илјади МКД, односно се зголеми за 2.261.727 илјади МКД или 2,3% во однос на 31.12.2020 година.

    Паричните средства и паричните еквиваленти изнесуваат 19.061.993 илјади МКД и бележат зголемување од 8,4% во однос на 31.12.2020 заради зголеменa состојба на тековни сметки и краткорочни депозити во банки.

    Кредитите и побарувањата од банки бележат зголемување од 468.689 илјади МКД во однос на 31.12.2020.

    Вкупните Кредити кај небанкарскиот сектор изнесуваат 58.050.415 илјади МКД и бележат зголемување од 0,1% во однос на 31.12.2020. И покрај продолжената ситуација со КОВИД-19 во земјата, кредитирањето кај домаќинствата се зголеми и тоа во сегментот кредити за домување и потрошувачки кредити.

    Вложувања во хартии од вредност изнесуваат 16.713.439 илјади МКД и се зголемени за 2,1% во однос на 31.12.2020 како резултат на зголеменото вложување во еврообврзници и благајнички записи. Вложувањата во хартии од вредност со рок на доспевање над три месеци Банката ги користи за управување со вишокот на ликвидност и поддршка на профитабилноста.

    Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања во однос на 31.12.2020 година се намалени за 1,1%. Намалувањето се должи на редовни годишни исправки на вредноста на нефинансиските средства согласно регулативата на НБРСМ.

    Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) изнесуваат 81.451.106 илјади МКД и во однос на 31.12.2020 година се зголемени за 1.671.267 илјади МКД или за 2,1%. Зголемувањето на депозитите се должи на нови клиенти од сегментот домаќинства кои се приматели на пензии, плата и други видови примања, нови клиенти кои ги користат физичките и електронските платни сервиси на Банката и нови клиенти од сегментот нефинансиски правни лица, како и на зголемувањето на приливот на средства на сметките на постојните клиенти во домашна и странска валута.

    Обврски по кредити се зголемени за 19.413 илјади МКД или за 4,6%.

    Субординираните обврски се зголемени за 1,2% во однос на 31.12.2020 година.

    Акционерскиот капитал и резервите на Банката се зголемени 3,2% и изнесуваат 13.847.611 илјади МКД.

    Биланс на успех

    Нето каматните приходи, заклучно со 31.03.2021 година се пониски за 1,9% споредено со истиот период претходната година, при што приходите од камати се пониски за 4,9%, главно поради пониски каматни приходи од секторите нефинансиски правни лица и население и како и пониски приходи од вложувања во хартии од вредност, додека расходите по камати се пониски за 23,6% главно поради пониски каматни стапки, преструктурирање на изворите во корист на средства по видување и намалување на расходи за субординирани обврски.

    Нето приходите од провизии се повисоки за 5,7% споредено со истиот период претходната година, при што приходите од провизии се зголемени за 11,2% како резултат од зголемени приходи од ПОС терминали, повисоки приходи од услуги во платен промет во земјата и повисоки приходи од трансакциски сметки. Расходите за провизии се зголемени за 20,7%, главно поради повисоки расходи за картично работење.

    Останатите некаматни приходи изнесуваат 199.647 илјади МКД и се повисоки за 32,0% во однос на истиот период претходната година, главно поради остварени повисоки наплати на претходно отпишани побарувања кај нефинансиски правни лица и население, остварена капитална добивка од продажба на превземени средства како и зголемени приходи од курсни разлики.

    Вкупните приходи од работење изнесуваат 1.197.497 илјади МКД и се повисоки за 4,3% во однос на истиот период претходната година.

    Вкупните оперативни трошоци изнесуваат 507.719 илјади МКД и се зголемени за 5,6% при што трошоците за вработени се повисоки за 2,1%, трошоците за амортизација се повисоки за 7,7%, останатите расходи од дејност се повисоки за 8,8% во однос на истиот период претходната година.

    Заклучно со 31.03.2021, беа издвоени Исправки на вредноста на финансиските средства и вонбилансна изложеност, на нето основа во износ од 133.331 илјади МКД или 28,4% помалку во однос на истиот период претходната година соодветно на структурата и квалитетот на кредитната изложеност. Исправките на вредност на нефинансиски средства изнесуваат 1.659 илјади МКД.

    Бруто добивката на Банката заклучно со 31.03.2021 година изнесува 554.788 илјади МКД и е зголемена за 19,3% во однос на истиот период претходна година.

    Нето добивката на Банката заклучно со 31.03.2021 година изнесува 499.309 илјади МКД и е зголемена за 19,3% во однос на истиот период претходна година.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично