Дивоградбите се дежурна тема што не се симнува од дневен ред. Некогаш со помал, некогаш со поголем интензитет, но таа редовно ја бранува јавноста. Самото бесправно градење објекти е шлаканица врз правниот систем на една земја, придонес кон нееднаков третман на граѓаните, создавање урбанистички хаос и небезбедност, поткопување на општинските приходи, од кои треба да се градат патишта, училишта, згради итн. Темата со дивоградбите деновиве пак е во фокусот на јавноста, а од МВР информираа дека во насока на обезбедување докази влегле во повеќе скопски општини.
На 24-ти февруари 2011 година, или пред 14 години, во Службен весник се објави Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Со оваа регулатива, донесена во времето на ВМРО-ДПМНЕ, кога премиер беше Никола Груевски, требаше да стави крај на дивоградбите, или, поинаку кажано, што се изградило ‒ се изградило, да се легализира по 1 евро за квадрат, и конечно да профункционираме како нормална држава во која не би смеело ни гаража да се гради без дозвола, а не, пак, зграда. Тогашните процени беа дека во државава има околу 400.000 дивоградби. Се поставија амбициозни таргети – во рок од 6 месеци од стапувањето во сила на Законот да се поднесат барања за легализација на објектите изградени до 3 март 2011 година. Потоа, роковите и за поднесување на документите и за завршување на целиот процес повеќепати со законски измени се сменија. Во јуни 2018 година се процени дека останале нелегализирани уште 70.000 објекти и се донесоа нови, последни законски измени за расчистување со нелегално изградените објекти, со што крајниот рок беше 31 декември 2018, со истиот услов дивоградбата да била изградена до март 2011. Но, на 16 јуни годинава, вицепремиерот Изет Меџити на прес-конференција каже дека во 80 општини има 200.000 дивоградби!
ОД ПРОЦЕНИТЕ ДО ИЗВЕШТАИТЕ НА ИНСПЕКТОРИТЕ ИМА ГОЛЕМИ РАЗЛИКИ
За разлика од овие 200.000 дивоградби за кои сега зборува Меџити, или оние 50.000 за кои зборуваше Скендер Реџипи на крајот од 2023-та година, кога бараше нови законски измени за нивно решавање, Државниот завод за статистика зборува за помалку од 1.000 дивоградби. Но, во методолошкото објаснување на статистичарите јасно стои: „Годишниот статистички извештај за бесправно изградени објекти, ГРАД. 71А го пополнуваат градежните инспекции во општините, надлежни за работите од областа на урбанизмот“. Значи: ова е тоа што го забележале, или не го забележале инспекторите на терен.
Според пријавите на инспекторите, лани во однос на 2011 година, кога почна да се применува Законот за постапување со бесправно изградени објекти, дивоградбите се намалиле речиси двојно, од 1.412 на 757. Повеќе од дупло помалку се и објекти за домување што се бесправно изградени, од 388 во 2011 година на 151 во 2024 година. Но, во евиденцијата на инспекторите сѐ уште ги има тие 151 објект за домување како нелегални! А, нелегални има и уште 77 деловни објекти! Има и државни дивоградби: вкупно 46 на списокот од 2024-та година.
НЕЛЕГАЛНО СЕ ГРАДЕЛО И ПО 2011 ГОДИНА
Јасно е дека големата идеја со Законот од 2011, со кој требаше да се легализираат дивоградбите до март истата година и да се заврти нова страница на контролирано, законско и урбано градење, не успеа. Тоа јасно го покажуваат уште два обиди за донесување закон што ќе ги легализира дивоградбите што во меѓувреме се изградиле. На 11 мај 2021 година дури и се донесоа законски измени со кои требаше да се легализираат дивоградбите до стапување во сила на тој закон. Таму имаше и други измени што екологистите ги дочекаа на нож. Но, и покрај тоа што Законот се изгласа, потпис на него не стави тогашниот претседател Стево Пендаровски. Во 2022 година речиси ист ваков закон пак се стави на гласање пред пратениците. И тој, како и претходниот, требаше да ги „казни“ оние што бесправно изградиле со повисоки комуналии. Но, голем дел од јавноста скокна и порача дека тоа е амнестија за криминал, а не казна. Пратениците, под голем притисок на јавноста, не го изгласаа законот.
Факт е дека на терен постојат многу дивоградби. Можеби се 50.000, а можеби се и 100.000. Дури и да се само 757, колку што евидентирале инспекторите – многу се!
Реадакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.