Општините од урбаните средини се поотворени, но кога се работи за буџетите, нема разлика дали е градско или рурално населено место. Отвореноста е минимална, а тоа се однесува на поголемиот број општини во државата. Освен тоа, во Македонија нема ниту една единица на локалната самоуправа која има оцена од или над 80, што значи не постои општина со високо ниво на отвореност. Сепак, нема ниту со индекс нула.
Само кај осум од 80 општини во земјава лани било забележано задоволително ниво на отвореност. Се работи за Битола со оцена 77.8, Валандово – 75.1, Крива Паланка – 75.0, Делчево – 70.6, Центар – 66.2, Струмица – 65.6, Богданци – 65.6 и Берово – 61.7. Податоците се од анализата на Здружението за истражувања и анализи (ЗМАИ), кое веќе трета година ја мери транспарентноста, отчетноста, вклученоста и правичноста на општинските буџети преку Индексот за отворени општини (ИОО), на скала од 0 до 100.
Доволна отвореност на буџетскиот процес е забелжана кај 13 локални единици со индекс од 41 до 60, а најголемиот дел од општините – дури 49 се со минимална отвореност. Притоа, ИОО е меѓу 21 и 40. Недоволно ниво на отвореност имаат 11 општини. Оттаму и заклучокот на ЗМАИ дека добар дел од локалните единици имаат минимална отвореност на општинските буџети кон граѓаните. Од можни 100, просечната вредност на ИОО за 2022 година е 35,2. А, пак, стандардите за отвореност упатуваат на тоа дека општината мора да има индекс од барем 61 за да се смета дека овозможува задоволително ниво на отвореност кон граѓаните.
При разгледување на разликите помеѓу регионите може да се забележи дека во повеќето, вклучувајќи ги Скопскиот, Полошкиот, Источниот, Вардарскиот и Пелагонискиот, најзастапени се општините со недоволно и минимално ниво на отвореност на општинскиот буџет. Додека во Скопскиот и Пелагонискиот регион најзастапени се општините со недоволна отвореност, наведено е во анализата. Притоа, заклучокот е дека просечната оценка за димензијата транспарентност е 44, за димензијата вклученост и праведност е 16 и за димензијата отчетност 46.
„Оттука, очигледно е дека еден сигурен фактор за слабата отвореност на општините е слабото ниво на вклученост и праведност. Во секој случај, резултатите насочуваат дека е потребно унапредување на отвореноста на буџетските процеси во сите димензии“, сметаат од ЗМАИ.
Исто така, нагласуваат дека целта на ова мерење е да им се даде насока на општините, што треба да преземат за да обезбедат соодветно ниво на отвореност на буџетските процеси.
Акцентот на процесите на локалниот буџет е претставен преку три области: транспарентност – го мери/испитува степенот до кој е познат на јавноста буџетскиот процес, од подготовка, преку усвојување, до спроведување. Потоа, вклучување и правичност – вклучувањето испитува како и колку граѓаните, особено маргинализираните групи, се вклучени во буџетскиот процес, односно ако се во можност да го изразат своето мислење за локалниот буџет и дали се зема предвид нивниот глас. Еднаквоста испитува како се застапени маргинализираните групи во различните фази на буџетскиот процес. Отчетноста, пак, го оценува прикажувањето на резултатите од работата на локалните власти и на целиот буџетски процес пред граѓаните.
Според ЗМАИ, резултатите покажале дека општините во 2022 не ги отвориле доволно своите буџети за граѓаните, што е присутно во сите три димензии на отвореноста: транспарентност, вклученост и праведност и отчетност.
Овен тоа, сознанијата од истражувањето укажуваат дека недоволната отвореност на општините придонесува за зголемена неефикасност на локалната самоуправа, особено при давањето на јавните услуги.