ПОВЕЌЕ

    НЕРЕШЕНИОТ СТАТУС НА НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК – ИДЕАЛЕН ЗА ЛОВ ВО МАТНО: Ревизорите пронашле бројни неправилности во работењето на Општината Маврово Ростуше

    Време зa читање: 5 минути

    Ловело ли раководството на Општината Маврово Ростуше во матно во ситуација кога државата одолговлекувала со ре-прогласувањето на Националниот парк Маврово и дали е тоа причината за поплавата од дивоградби и бетонизација на еден од најубавите предели во нашата земја? Заклучоците на најновиот извештај за извршена ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2023 година на Општина Маврово и Ростуше укажуваат дека оваа оценка е во најмала рака – блиску до вистината.

    „Општината не може да пристапи кон изработка на нови урбанистички планови сѐ додека не се донесе Закон за ре-прогласување на Национален парк Маврово и не се усвојат зоните на заштита, додека состојбите на немање на урбанистички планови и неможноста да се издаваат решенија за градење придонеле на територијата на општината да се изградат голем број на бесправно изградени објекти“, стои во ревизорскиот извештај.

    Државниот завод за ревизија даде неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година за сметките на основен буџет 630 и 637, а за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики изразено е неповолно мислење за сметката на основен буџет 630 и мислење со резерва за сметката на основен буџет 637 откако констатираше многубројни неправилности и неусогласености во работењето на општината.

    Општината пет години не издавала решенија за данок на имот, открија ревизорите, а електронската евиденција магично исчезнала од компјутерите на општината. „Поради губење на базата на податоци за данокот на имот со бришење на целиот компјутерски систем за евиденција, во периодот од 2013 до 2018 година, општината не издавала решенија за данок на имот, а од 2018 година, пристапено е кон поединечно внесување на решенија и со прибирање на податоци за обврзниците при промет на недвижноста, наследство и подарок. Бројот на обврзници и на издадени решенија е зголемен од 2.278 во 2019 година до 3.176 во 2023 година“, стои во ревизорскиот извештај.

    Поради некомплетната база на податоци и не издадените решенија за данок на имот на сите обврзници, не е испочитувана законската обврска за водење регистар на недвижен имот кој подлежи на оданочување.

    Заклучно со 31.12.2023 година, општината побарува 11.485 илјади денари, од кои 77% по основ на данок на имот, а 23% по основ на комунални такси за фирма, односно назив на деловна просторија, за кои не се преземени мерки и активности за нивна наплата.

    Општината не остварува приходи по основ на комунални такси за поставување на рекламни паноа, користење на простор пред деловни простории и поставување на урбана опрема, а не остварува приходи и од надоместок за одржување на јавната чистота.

    За реализација на програмските активности за 2023 година на ЈПКД „Маврово“ општината нема издвоено буџетски средства ниту е склучен договор за уредување на меѓусебните права и обврски.

    И покрај тоа што постапката за ре-валоризација на Националниот парк Маврово е започната во 2012 година, до денот на ревизијата истата не е завршена, односно не се утврдени зоните на заштита, а со Одлука на Уставниот суд на Република Северна Македонија укинати се Урбанистичкиот план за село Маврово со детална разработка на дел од урбан блок 5 и дел од урбан блок 7 и Урбанистичката документација за населено место Леуново – Општина Маврови Анови.

    Предлог зонирање од Студија за ревалоризација од 2024 година

    Поради суспендираните урбанистички планови, општината не е во можност да издава дозволи за градење и да наплатува надоместок за уредување на градежно земјиште, а согласно препораките на Постојниот комитет на Секретаријатот на Бернската Конвенција престанува да постапува по барањата за легализација на бесправно изградените објекти се до завршување на постапката за ре-прогласување на Национален парк Маврово.

    Приходите по основ на надомест за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, не се користат за донесување на урбанистички планови и не се доставува извештај до Министерството за транспорт и врски за нивното користење. По извршените инспекциски надзори и издадените решенија за рушење на бесправно изградени објекти, општината не преземала активности за нивно административно спроведување.

    Неусогласеноста на билансните позиции во финансиските извештаи, сметководствената и материјалната евиденција од книгата на основни средства, неевидентираните објекти за кои постои доказ за сопственост на општината, неправилностите при вршење на пописот на средствата и обврските и не воспоставената материјална и сметководствена евиденција за набавените и потрошените материјали, влијаат на реалноста и објективноста на Билансот на состојба на ден 31.12.2023 година.

    Во 2023 година, општината направила расходи во износ од 1.723 илјади денари без поткрепувачка документација, а извршени се набавки на услуги во износ 855 илјади денари, за кои не се спроведени постапки за јавни набавки.

    За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица, стои во заклучокот на ревизорскиот извештај за финансиското работење на Општина Маврово Ростуше.

    (Фото: сајт на Општина Маврово Ростуше)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично