Стотици милиони евра се потрошени во изминатите 20 години за да се дигитализира нашиот систем, а сѐ уште немаме интегриран систем на управување со јавниот сектор. Се чини, намерно се одложува дигитализацијата, за да нема контрола врз државните пари, вели извршниот директор на Здружението за истражување и анализи – ЗМАИ, Виктор Митевски, во гостувањето на поткастот „Каде се парите?“. Притоа, наведува интересни податоци за партиските вработувања, за начините на кои владејачките гарнитури ги трошат буџетските пари, за тоа дека СДСМ преферира привремени вработувања, а ВМРО-ДПМЕ консултантски услуги… колку ја чинеле државната каса едните, колку другите…
Со промената на власта се менува и начинот на кој се ангажираат одредени лица во јавниот апарат за пократко од една година, покажал првиот дел од исражувањето што ЗМАИ го направило во соработка со Националниот демократски институт, а финансирано од Националната фондација за демократија.
„Работиме на многу поголемо и пошироко истражување, кое треба да даде одговори на многу прашања. Многу е важно што се случува со вработувањата во јавниот сектор, со привремените вработувања, со типовите на услуги кои многу лесно може да се користат за полтички цели. Истовремено, гледаме како јавните набавки се врзани со изборните процеси“, вели Митевски.
Анализирани се податоците кои произлегуваат од три изборни циклуси, почнувајќи од 2010 година.
„Бројките покажуваат дека на новите влади им е потребна една година за да почнат со вработувањата во државниот апарат. Тоа не е случајно и не неочекувано. За постојано вработување во јавниот сектор треба да се следат строго утврдени правила со Законот за јавни службеници. И, не е едноставно да работите со систематизација што сте ја наследиле, со организациона структура во институцијата која сте ја наследиле и затоа нашата претпоставка беше дека многу често новите политички елити што ќе ја преземат власта, посегнуваат по други алтернативни начини на ангажирање лица. Видовме дека е тоа процес кој има големо значење“.
За времено вработување е потребна согласност од МИО дека заради зголемен обем на работа има потреба од ангажман, како и согласност од Министерството за финансии, дека институцијата има доволно средства за тоа. Нема потреба од конкурс и од процедури, а лицето добива едногодишно вработување.
„Кај времените вработувања забележуаме тренд на прилично големо нагло зголемување по 2017 година. Но, ако ги видиме консултантските услуги кои се уште поширока ставка, тие по 2017 опаѓаат, а имале тренд на зголемување до 2017. Важно е да се напомене дека кај привремените вработувања мора да го вработите лицето во рамки на организационата структура во институцијата, па тоа зема иста плата како и државен службеник на тоа ниво. Кај консултантските услуги ангирате консултанти стручни за некоја област и цената ја договарате со одредени лица“, појаснува Митевски.
Истражувањето ги дало и сумите што ја интересираат јавноста – колкави износи од народните пари се дадени за тие намени од страна на двете партии кои се менуваат на владејачките позиции.
„За плати и надоместоци, од тие 5,5 милијарди евра што ги има во буџетот, трошиме околу 600 милиони евра на плати и надоместоци во јавниот сектор. Привремените вработувања на централно ниво се 2,5 милиони евра годишно, а консултантските услуги 7,3 милиони евра. Но, во годините кога најмногу се трошеше, на пример во 2015, кога имало најмногу консултантски услуги, оваа категорија е 1,6 милијарди денари или 26,7 милиони евра. Да биде јасно за јавноста, овде има консултантска помош и поддршка потребна на некои институции, односно оваа сума не е само за некакви партиски потреби“, прецизира Митевски.
И, додава: „Ова не сме го кажале во јавноста досега, ако ја извадите сметката функции на држава – најчесто таму се вршат плаќањата од меѓународни донации, проекти, исплатите на јавниот долг… – ќе видите дека основата по која се исплаќани тие трансфери до консултантите“.
Исто така, посочува, во тоа време многу често се кажуваше дека таа е голема ставка затоа што се ангажираат доктори. А, Министерството за здравство не е ни во првите 10 во тој период според исплаќаните суми. Владите од 2010 до 2017 имаа голем број советници, што странци, што Македонци, имаше многу програми, а еден од најчесто споменуваните, ако ги анализирате, е развој на човечки ресурси.
Податоците се фрапантни кога ќе се споредат истите овие позиции на локално ниво.
„Многу важна работа која јавноста треба да ја знае е дека буџетот на 80-те општини плус Град Скопје заедно прават нешто повеќе од една десетина од централниот буџет. Тоа значи дека општините имаат некаде 700 милиони евра буџет. За разлика од централната власт која во моментот има околу 5,5 милијарди евра на расходната страна. Замислете, 50 отсто од расходите што ги направиле општините во 2023 одат за плати и надоместоци. Како граѓани очекуваме многу од локалната самоуправа, затоа што тие треба да ги средат дупките, да ја направат канализацијата, да отворат училишта, да ни ги згрижат децата во градинки…“, вели Митевски.
Тој процент не е во ред, затоа што голем дел од надлежностите се во областа на образованието, детската заштита, културата. Па, општините добиваат дотација за да може да ги реализираат тие работи.
„Во блок дотацијата која оди од централната власт на локално ниво за освно образование, 92 отсто, во просек, се троши за платите. Односно општините имаат 8 проценти на располагање да сервисираат струја, вода, дидактички материјали, екскурзија да платат, развој да прават во рамки на образовниот процес. Затоа сме доведени во ваква ситуација“, смета Митевски.
Уверен е дека состојбата може да се промени, затоа што голем е обемот на неефикасните трошења.
„Во нашиот образовен систем во учебната 2001/2002 година имало 18 ученици на еден наставник. Денес тој просек е 9,7 ученици на еден наставник. Демографски како нација старееме, има иселување, ги губиме учениците, а од друга страна, постојано го зголемуваме бројот на наставници. Во ОЕЦД оптимално ниво е 15 ученици по наставник“.
Треба да имаме јасни правила на игра, препорачува Митевски и укажува на нужните промени:
Првата промена – македонскиот ученик, во просек, поминува помалку време на училиште од своите соученици во Европа, односно треба да се продолжи училишниот ден. Тоа не значи да седат таму и ништо да не прават, туку да имаат соодветни училишни и вонучилишни активности. И, вишокот наставници што се вработени ќе можат да работат со тие деца.
Втората работа, ние сме една од државите која најмалку одвојува за образование по ученик. Небулоза е дека нашиот систем заради фискалната консолидација нема простор да ја зголеми блок дотацијата или средствата за основно, средно и предучилишно образование. Небулоза е да кажеме дека не сме подготвени да инвестираме во новите генерации, а притоа сме подготвени да измислуваме проекти кои немаат економска додадена вредност во општеството“.
Што се однесува, пак, до јавната администрација, и тука сме на европското дно, колку и да звучи чудно – и по бројот на вработени и по обемот на платите.
„Имаме перцепција дека платите во јавниот сектор се големи затоа што она што го добиваме како јавни услуги не е на задоволително ниво. Проблемот не е колку трошиме, затоа што, очигледно, трошиме помалку од останатите земји. Кај нас проблемот е како трошиме, како ја распоредуваме јавната администрација. Зборуваме за јавен сектор кој ги опфаќа сите јавни дејности, 1.300 буџетски корисници. Ако констатираме дека има премногу вработени таму каде што не се потребни, треба да видиме каде ни фалат за да ги надополниме тие недостатоци. Неефикасност има и од аспект на тоа дека многу од процесите во јавниот сектор зависат од човек. Понатаму, дури и со соседите да се споредуваме кога станува збор за јавниот сектор и за тоа колку пари трошиме за платите, пак сме под сите наши соседи. Само пред Албанија сме“, образложува Митевски, кој повикувајќи се на податоците тврди – трендот на намалување покажува дека јавната администрација не е толку атрактивна колку што беше во минатото.
Сега, вели, сме на нивото од 2015, односно во јавниот сектор бројката паднала на 127 илјади. Но, нагласува, нема потреба од нови вработувања, туку треба да се распределат прави луѓе на право место.
„Уште поважна е потребата да почнеме да инвестираме во човечки капитал. Тоа не значи да обезбедиме повеќе пари за плати и надоместоци. Инвесторањето во човечки капитал значи градење капацитети во тие луѓе што се во јавната администрација. Тоа, дополнето со радикална дигитализација на јавниот сектор, која во моментот е фрагметирана, и покрај потрошените стотици милиони евра во изминатите 20 години. Генерално, дигитализацијата сама по себе ќе отвори можност за паметните луѓе со одредени квалификации да продолжат да работат во јавната администрација и оне кои се најпаметни да влезат во јавната администрација за да ги водат клучните процеси“.
Во тој контекст го посочува примерот за плаќање на налозите во трезорот. Има повеќе од 30 трезорски канцеларии низ државата, каде што сите државни инстиуции носат вирмани, кои ги предаваат на шалтерски работник кој рачно ги внесува. „Во време кога сите работиме на онлајн банкарство, иМинистерството за финансии троши реурси, а во локалните институции има човек кој можеби патува и 100 километри за да стигне до најблиската буџетска канцеларија и да го даде тој налог“.
Сознанијата кои произлегле од истражувањето се интересни и од голема важност, па затоа, потенцира Митевски, „целта на проектот е да направиме платформа на која сѐ ќе биде јасно за граѓаните“, затоа што состојбите и понатаму ќе се следат. Податоците, всушност, ги добиле од Министерството за финансии, кое ги отворило своите датотеки.
„Позитивното од отворањето на трезорот е што сите видоа полза. Опозицијата што беше досега, за време на опозицискиот мандат се повикуваше на таа платформа. Искрено, мислам дека отвореноста на податоците би требало да се унапредува, а не да се уназадува. Тоа што нам ни е потребно и како општество треба да го отвориме како прашање е институциите да го следат примерот на Министерството за финансии. Кое не даваше ниеден податок, а денес една од оние институции кои предничи со отвореноста. Како општество треба да градме силни институции, а тоа ќе го постигнеме само ако тие што работат во нив не се зависни од политика“, тврди Виктор Митевски од ЗМАИ.