ПОВЕЌЕ

    „НЕБЕЗБЕДНИ ПРОИЗВОДИ ОД ТЕМУ И ШЕИН ВЛЕГУВААТ НА ЕВРОПСКИОТ ПАЗАР“ – Брисел бара итни мерки

    Време зa читање: 3 минути

    Во сенка на брзиот раст на популарноста на кинеските онлајн платформи како „Шеин“ и „Тему“, Европската Унија се соочува со сериозна загриженост околу безбедноста на производите што тие ги нудат. Комесарот за правда на ЕУ, Мајкл Мекграт, остро реагираше поради, како што ги нарече, „шокантните безбедносни пропусти“ кај дел од прозиводите што слободно влегуваат на европскиот пазар. Истрагите укажуваат на сериозни прекршувања на стандардите за безбедност, што го поттикна Брисел да размислува за конкретни чекори во зајакнување на контролата.

    Мекграт се осврна на низа производи кои ја поткопуваат регулативата на ЕУ – од бебешки цуцли со лабави монистра кои претставуваат ризик од задушување, до козметика што содржи Лилијал, хемикалија забранета во Европската Унија од 2022 година поради потенцијални последици врз плодноста и развојот на фетусот. Очилата за сонце без УВ заштита, детските мантили со токсични хемикалии и шорцеви со опасно долги врвки дополнително го илустрираат сериозниот недостаток на усогласеност со европските безбедносни стандарди.

    Со повеќе од 12 милиони нисковредносни пакети што секојдневно влегуваат во ЕУ од продавачи надвор од блокот, националните системи за заштита на потрошувачите се доведени до работ на капацитетите. Според податоците, бројот на такви пратки во 2024 година се очекува да надмине 4,6 милијарди, двојно повеќе од претходната година. Во исто време, системот за брзо предупредување „Сејфти гејт“ забележа рекордни 4.137 предупредувања во 2023 година, при што козметиката беше меѓу најчесто пријавените небезбедни производи.

    Комесарот Мекграт потенцира дека станува збор не само за заштита на здравјето и животот на европските потрошувачи, туку и за заштита на европските компании кои доследно ги почитуваат правилата. Тој предупреди дека актуелниот модел создава нелојална конкуренција и сериозно го нарушува интегритетот на европскиот пазар. Како потенцијален одговор, Европската комисија размислува за укинување на прагот од 150 евра за ослободување од царина, како и воведување такси за ракување со секој пакет, со цел подобро финансирање на царинските проверки и обесхрабрување на нерегулираниот увоз.

    Во тек е тајна операција со „тајни купувачи“ низ Европа која треба да ги потврди сомневањата за намерно заобиколување на регулативата од страна на кинеските платформи. Мекграт најави дека темата би можела да биде отворена на самитот ЕУ-Кина на 25 јули, како и при неговата најавена посета на Кина до крајот на годината, каде ќе инсистира на директна комуникација со тамошните власти.

    Во обид да го смири притисокот, „Шеин“ информираше дека инвестира 15 милиони долари во програми за безбедност и усогласеност, отстрани 500 добавувачи и воспостави тестирачки центри во Велика Британија и Германија. Од „Тему“, пак, уверуваат дека сериозно ја сфаќаат безбедноста и квалитетот, наведувајќи соработка со меѓународни сертификациски тела како TÜV SÜD и SGS.

    И покрај овие уверувања, Мекграт е дециден: „Решен сум да го засилиме спроведувањето на нашите закони. Не можеме да дозволиме европските потрошувачи да бидат изложени на ризик, ниту европските компании да се натпреваруваат под нерамноправни услови.“ Очигледно е дека Унијата подготвува посистемски одговор на сè поголемиот предизвик што го носат глобалните платформи со лабави регулативи.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично