Пет друштва управуваат со инвестициски фондови кои тежат 289,6 милиони евра. Домашниот терен им е најпривлечен за вложувања, а ценат дека најголем поврат имаат парите што се насочуваат кон финансиските услуги, информатичката технологија и здравството. Со најмногу пари раководат „ВФП Фонд Менаџмент“ и „КБ Инвест“, со најмалку „Иново Статус“.
Ова е основната слика за тоа како работеле друштвата во првите шест месеци од годинава и каде се вложувале парите доверени од правни лица и од граѓаните, добиена врз база на податоците поместени во кварталниот извештај на Комисијата за хартии од вредност
Нето-вредност на средствата во инвестициските фондови со кои управуваат друштвата се во износ од 17.849,28 милиони денари. Во однос на првиот квартал има зголемување од 15,83 проценти, затоа што тогаш сумата била 15.409,92 милиони денари или 250 милиони евра.
За, една година, пак, постигнат е раст од 49,04%, односно на крајот од првата половина на 2023 друштвата управувале со 11.975,85 милиони денари (194,3 милиони евра).
Вкупните средства со кои располагаат инвестициските фондови се зголемиле за 2.439,37 милиони денари (39,64 милиони евра) само во второто тримесечје. Според презентираните податоци, постојано се движеле по нагорна линија – во април за 0,60%, во мај 7,40% и во јуни 7,21%. Споредено со истиот лански квартал, зголемени се за 5.873,44 милиони денари (95,45 милиони евра).
Всушност, износите се резултат на приливите и одливите на средства. Во текот на вториот квартал во инвестициските фондови се уплатени вкупно 5.194,26 милиони денари (84,3 милиони евра), а се одлеале 3.059,42 милиони денари (49,68 милиони евра). Оттаму и позитивата, односно нето-разликата од 2.134,84 милиони денари (34,69 милиони евра). Инаку, лани во тоа време плусот бил само 7,72 милиони денари или 125,29 илјади евра.
Најголем дел од приливите во фондовите – 40,82% доаѓаат од домашните нефинансиски правни лица и од финансиските институции кои не се банки (32,65%). На третотот место се парите што ги доверуваат граѓаните – 26,34%. За разлика од овие високи проценти, приливите од странските физички лица се 0,19%. Во првиот квартал најмногу средства се слеале (45,1%) од домашните финансиски небанкарски институции.
Тие што најмногу придонесуваат, најмногу и повлекуваат пари: нефинансиските претпријатија – 43,9%, финансиски институции кои не се банки 35,59% и граѓаните 20,03%. Одливите од странски физички лица се незначителни и изнесуваат 0,49% од вкупните одливи во овој квартал. Во првите три месеци најголеми биле повлекувањата од домашните финансиски институции кои не се банки – 48,88%.
Во меѓувреме парите се инвестираат. На последниот ден од јуни највисокото учество на вложените средства е забележано во три сектори: финансиски услуги – 20,6%, информатичка технологија -17,02% и здравство – 16,81%. Вкупно 4.153.812.692 денари (67,46 милиони евра). Тоа значи за 47,48% повеќе од лани во истото време, станувало збор за износ од 2.816.465.363 денари (45,74 милиони евра).
Инаку, тука нема промени, односно овие три сектори се главниот избор на друштвата за вложување на парите од инвестициските фондови. Податоците од извештајот на КХВ покажуваат дека најголем годишен раст има кај вложувањата во финансиските услуги со 55,48%, па во ИТ со 51,14%, кај индустрија со 40,57% и во здравство 35,61%. Воедно, се напоменува дека во ниеден сектор не е забележан пад на вложувањата.
На квартално ниво, пак, најголемо зголемување на инвестициите од 38,9% има во финансиски услуги и во комуникациски технологии 23,19%. Квартален пад има само во два сектори – суровини со 9,97% и комунални услуги со 1,29%.
Од аспект на географската структура на вложувањата на инвестициските фондови, во континуитет доминираат реализираните на домашен терен. На крајот од јуни изнесуваат 10.975,29 милиони денари (178,24 милиони евра). И во вкупните вложени средства зафаќаат 59,35 проценти. Во споредба со истиот лански период има зголемување од 64,78%, или за 4.314,77 милиони денари (70 милиони евра).
Во европските земји се вложени 23,93% од вкупно собраните средства, односно 4.425,56 милиони денари (71,87 милиони евра). Помал е делот (13,71%) ориентиран кон САД, при што се работи за инвестирани 2.535,54 милиони денари или 41,1 милион евра.
„Релативно ниската променливост на географската структура на вложувањата претставува директна рефлексија на вложувањата на фондовите во депозити кои согласно законот можат да бидат пласирани само во македонски банки, како и вложувањата во македонски обврзници на домашен пазар или пак во македонската еврообврзница“, појаснуваат од КХВ.
Валутната соодветствува со географската структура. Има раст кај вложувањата во сите валути, но се издвојува домашната со високи 81,46 проценти. Понатаму се швајцарските франци со плус 72,1%, американските долари со 38,97%, останатите валути со 39,35% и еврата со 27,83%.
„Сепак, значително високата ориентираност на вложувањата во денари и понатаму останува непроменета и на крајот од вториот квартал оваа година изнесува 45,67% од вкупните вложувања“, нотирано е во извештајот.
Во овој сегмент квартален раст од 39,05% е забележан кај вложувањата во швајцарски франци, 26,34% во денари, 20,94% во останати валути, 10,71% во евра и 10,66% во американски долари.
Што се однесува до петте друштва кои управуваат со 22 отворени инвестициски фодови, најголем исчекор има кај последно основаниот. Поточно, најизразен е кварталниот раст од 47,99% на вредноста на фондовите кај „Вега Фондови“ АД Скопје, кој функционира две години. Раст од 25,9% е регистриран кај „КБ Инвест“ АД Скопје, 9,44% кај „ВФП Фонд Менаџмент“, 5,7% кај „Генерали Инвестментс“ и 4,21% кај „Иново Статус“.
Сите тие се со зголемена вредност и на годишна основа. Споредено со второто тримесечје од 2023 има годишен раст на нето-вредноста на фондовите кај сите друштва, најмногу, за 162,02% кај „Вега Фондови“. „Генерал Инвестментс“ бележи зголемување од 49,47 проценти, „КБ Ивест“ од 47,22, „ВФП Фонд Менаџмент“ од 44,52 и најмал раст од 6.97 насто има кај „Иново Статус“.
Со најголем процент од нето-вредноста на отворените инвестициски фондови од 39,20 отсто управува „ВФП Фонд Менаџмент“, а веднаш по него со 36,66 проценти е „КБ Инвест“. Најмало учество од само 0,42 проценти во вкупната нето-вредност на фондовите има „Иново Статус“.
Промени, односно намалување има на учеството на „ВФП Фонд Менаџмент“ во вкупната нето-вредност под управување од 41,49% на крајоод првиот на 39,2% на крајот од вториот квартал. Раст бележи „КБ Инвест“ – од 35,57% во првото на 38,66% во второто годинешно тримесечје.
Во втор квартал, според извештајот на КХВ, паричните фондови ја имаат доминантната позиција, додека учеството на акциските фондови во вкупната вредност се намалува. На крај од вториот квартал 2023 тоа учество изнесувало 47,08% од вкупната нето-вредност, на крајот од првиот годинешен квартал е 44,71%, а на крај од ворото тримесечје 43,04%.
Kaj отворените парични фондови во вториот квартал има раст на нето-вредноста на средствата под управување од 22,7% и годише раст од 65,42%. Акциските фондови бележат квартално зголемување на нето-врдноста од 11,5 и годишно од 36,25 насто, обврзничките фондови 5,41 и 51,24, а балансираите фондови од 13,21 и 37,49 проценти.
Р.П.