ПОВЕЌЕ

    МИНИРАЛЕ НА УШТЕ НЕДОДЕЛЕНА КОНЦЕСИЈА: Бехтел и Енка почнале со експлоатација на камен во прилепски Ореовец, месното население бара заштита

    Време зa читање: 5 минути

    Барањето на ЈП за државни патишта за доделување на концесија за експлоатација на камен за потребите за изградба на патниот коридор 8, делница Тетово-Гостивар-Букојчани и Требеништа-Струга-Ќафасан, како и Коридор 10, делница Прилеп-Битола, на локалитетот Ореовец, крај Прилеп, кој го гради стратешкиот партнер на Владата, конзорциумот Бехтел и Енка, е се уште во процедура на одобрување кај надлежното Министерство за економија, но на терен веќе наголемо се врши минирање на планината и правење ископи, што предизвика револт кај локалното население, кое веќе неколку дена го блокира приодниот пат кон наоѓалиштето на камен, исплашени дека активностите ќе им ги загрозат изворите за вода за пиење и нивните домови.

    „Веќе се направени неколку минирања, и веќе има оштетувања во некои куќи, што не е ни чудно кога експлозиите се случуваат на 200 метра од селото, па и поблиску“, вели Ѓорѓи Георгиоски, од Комитет за заштита на природното и културното наследство на Македонија – Спас за Каракамен, кое ги организира протестите кај село Ореовец.

    Локалното население е загрижено дека активностите на ископ на каменот ќе ги загрозат и уништат единствените извори со вода во овој дел од прилепско, кои се наоѓаат токму на падините на Бабуна планина, во близина на локалитетот каде што треба да се врши експлоатација на каменот, односно во пределот на селото Ореовец, Крстец и Плетвар. „А водата е најгорливото прашање за нас како прилепчани“, вели Ѓорѓи Георгиоски, член на Комитет за заштита на природното и културното наследство на Македонија.

    Граѓаните посочуваат дека во дописот од Министерството за економија, доставено до жителите на Ореовец стои, меѓу другото, дека се уште недоделената концесија за експлоатација е за експлоатација на мермер, а не на камен за изградба на пат и прашуваат во која фаза на изградба на автопат се користи мермер како градежен материјал. „Знаеме дека не е ниту експропријација на земјиште направена, а веќе се копаат нови рудници за тампон. А тампон може да земат на само километар од тука од рудникот Сивец“, додаде Георгиоски.

    Локацијата, инаку е на само неколку километри од рудникот за мермер Сивец, каде стојат неупотребени илјадници тони кршен камен и мермер, па жителите ги прашуваат надлежните зошто за тампон за новите патишта не се зема од таму кога тој и така неискористен стои со децении.

    Дописот на Министерството за економија е во спротивност со информацијата  што „ПАРИ“ ја доби од ЈП Државни патишта, од каде ни одговорија дека “ископот во близина на селото Ореовец се врши врз основа на концесија за експлоатација на минерални суровини технички градежен камен“ и дека „сите работи во врска со ископите се вршат согласно со добиените лиценци, одобренија и концесии за истражување и експлоатација на минералните суровини неопходни за изгрдба на државните патишта. Експлоатацијата на минералните суровини ќе се врши до завршувањето на изградбата на Коридорите 8 и 10“.

    За активностите на терен во прилепско, како и за тоа што ќе превземат за да го заштитат локалното население и нивните извори за водоснабдување од градежните активности на конзорциумот Бехтел и Енка одговор побаравме и од Владата во оставка, како и од кабинетот на вицепремиерот Артан Груби, но до објавувањето на написов одговори не пристигнаа.

    Самиот изведувач, пак, конзорциумот Бехтел и Енка нема јавно објавени контакти во државава за да му ги упатиме прашањата. Единствениот број на мобилен телефон кој може да се најде на интернет е цел ден недостапен.

    Одговори, пак, на прашањата дали за минирањето и ископот кај Ореовец има изготвено студија за оценка на влијание врз животна средина или пак елаборат, што е законска обврска за вакви проекти и дали е предвидена некаква заштита на изворите на водоснабдување, не добивме од ЈП за државни патишта, од каде ни беше ветено дека сите појаснувања ќе ги добиеме утре, бидејќи стручните лица се на терен, во Прилеп.

    Локалните жители, се мобилизираат за секојдневни блокади на приодот кон идниот каменолом крај Ореовец бидејќи велат дека се игнорирани од државата. „ До Основниот суд во Прилеп ќе поднесеме предлог за обезбедување на докази, по кој, во рок од три дена судот ќе мора да излезе на терен и да ја утврди фактичката состојба“, вели Жарко Стевановски, адвокат, во врска со обидите на локалното население да ја побара правдата и по институционален пат.

    Од здружението најавуваат дека ќе продолжат да го блокираат приодот до локалитетот. Тие потсетуваат дека во близина на минираните површини се наоѓа и локалитетот Црн камен, за кој геолози и други граѓани со месеци упатуваат апели да не се уништува бидејќи е наоѓалиште на ретки минерали, меѓу кои и минералот македонит, кој бил пронајден токму на тоа место, како и археолошко наоѓалиште. Крајот, е инаку, дом на светски загрозен ендемски вид на пеперутка, наречена сивец, а каменоломот ќе значи и уништување на нејзиниот хабитат.

    Новинар: Југослава Дуковска

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично