Министерот раскажува македонски прикаски за лека ноќ. Вака ја окарактеризираше изјавата на македонскиот министер за транспорт и вицепремиер Александар Николовски, дадена пред три дена – дека Бугарија очигледно не сака да ја изгради пругата кон Македонија, неговиот бугарски колега Гроздан Караџов. „Го испративме договорот, а каде е Николоски да го потпише? Додека Николоски го зборува ова, возот помина низ Перник, низ Радомир и стигна до Ќустендил, а оттаму стигна до последната станица Ѓуешево за да го чека македонскиот“, рече Караџов во интервју за телевизијата БНТ, пренесува БГНЕС.
Николоски во понеделникот искажа став дека е „очигледно дека Бугарија не сака да ја гради пругата“, бидејќи, како што информираше, македонската страна имала испратено над 15 дописи до Бугарија на кои што немаат одговор од бугарска страна за изградбата на пругата. „Би било фер е да се видиме и да ни кажат. Со самото тоа што одбегнуваат да се сретнеме, тоа многу говори за судбината на проектот. На наша страна се делата, на нивна се зборовите, рече Николоски во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
На прашањето дали е вистина дека бугарската страна испратила нацрт-договор за реализација на проектот пред три месеци, тој потврди дека таков документ е примен, и дека веднаш бил разгледан на владин состанок во Советот на министри и дека е формирано работно тело на највисоко можно ниво. „Премиерот сè уште не е член на работната група. Таму сме јас, Тимчо Муцунски како министер за надворешни работи, Гордана Кочоска како министерка за финансии и Синиша Јовановски како директор на железницата“, објасни Николоски.
На прашањето, пак, дали има нешто спорно во овој договор, Николоски одговори дека има, и затоа „е потребно да седнеме со бугарската страна и да разговараме“.
„Но, со оглед на тоа што не седнуваме затоа што не сакаат да седнеме, тогаш не можеме да си ја завршиме работата. Да повторам, ако бугарската страна сака да изгради железничка линија, ќе има железничка линија и таа ќе се изгради. Што се дела, што се зборови? Ваквите провокативни изјави од бугарска страна се зборови, а дела се дека линијата Софија – Перник нема да се реконструира затоа што парите се земени и ќе се инвестираат во Софија – Бургас, а Северна Македонија во моментов е единствената земја што гради железничка линија по Коридорот 8“, истакна Николоски.
Тој исто така рече дека ставот на владата на Северна Македонија е дека не сака да инвестира во железничка линија што завршува во тунел. Проблемот, според него, е фактот што Бугарија одлучила да не ја обновува железничката линија од Софија до Перник, ниту од Перник до Ѓуешево во втората фаза.
„Бугарија е целосно подготвена и спремна да потпише договор со Република Северна Македонија и што е можно поскоро да започне со копање на граничниот железнички тунел“, најави пред две недели вицепремиерот и министер за транспорт и врски Гроздан Караџов. Тој во таа прилика нагласи и дека бугарската страна очекува одговор и коментари од Скопјe за предложениот договор за да се договори експертски состанок, а изрази и подготвеност, доколку Македонија нема забелешки на документот, веднаш да се организира негово потпишување. Според Караџов, Бугарија можела веднаш да започне со изградба на делницата од 2,4 км што недостасува од Ѓуешево до границата, но прво мора да се изгради тунелскиот објект.
Железничката линија Софија – Скопје е дел од Европскиот транспортен коридор број 8, кој треба да го поврзе Црното Море со Јадранското Море.
Транснационалната транспортна оска Исток-Запад (Коридор 8) се протега од пристаништето Бари во Италија преку Албанија и Северна Македонија до пристаништата Варна и Бургас во Бугарија. Централниот дел од овој паневропски коридор поминува низ Северна Македонија – Кичево, Скопско, Куманово, Бељаковце и Крива Паланка. Сепак, недостасуваат врски на западниот крај (од Кичево до албанската граница) и на источниот крај (од Куманово до бугарската граница), од кои дел (од Куманово до Бељаковце) беше пуштен во употреба на 17 јануари.