Солиден раст на приходите и на добивката оствари Макпетрол АД Скопје и покрај сите предизвици што ги донесе минатата година, кои од глобалното се пресликаа и на локално ниво. Зголемувањето на цените на нафтените деривати е од полза, поради што гледано по тримесечија, вкупните приходи во 2022 година бележат континуиран раст, дури и ги надминуваат достигнувањата од периодот пред Ковид-пандемијата. Крајниот ефект е добивката пред оданочување од 22,8 милиони евра или 1,41 милијарди денари и е пониска од постигнатата во 2021, кога изнесувала 24,8 милиони евра (1,53 милијарди денари). Добивката, пак, по оданочување е 20,9 милиони евра (1,29 милијарди денари) и ги надминала очекувањата за 11,6 милиони евра (721 милиони денари). Исто така, компанијата лани реализирала инвестиции од речиси седум милиони евра или повеќе од 431 милион денари.
Главната причина за натфрлувањето на работниот план за 2022 година е зголемениот промет со нафтени деривати за четири насто, како резултат на растот на основната дејност на компанијата, а влијание имала и продажбата на останати стоки, која го надмина планот за 19 проценти.
Кога се зборува за приходите, во нивната структура најголем е уделот на приливот од продажбата – 98,79 отсто. Конкретно, 93,33 се остварени со продажба на домашниот пазар, а само 5,46 проценти се од пласман на странски пазар. Сепак, во втората половина од минатата година извозот на млазното гориво постепено се стабилизирал со олабавувањето на Ковид-рестрикциите за патување.
Приходите од продажбата и дома и во странство во најголем дел се остваруваат преку малопродажбата и големопродажбата. Растот во овој сегмент главно произлегува од зголемените приходи на мало за 49,02 насто, при што нивното учество во приходите од продажбата е 74,59 проценти. Оттаму и појаснувањето дека трендот на пораст на приходите на мало се должи на зголемениот промет со нафтени деривати на мало за 4,5 насто, како и на поголемиот промет со останатиот асортиман (ДАС) за 37,17 проценти.
Вкупните расходи лани достигнале износ од 587,2 милиони евра (36,2 милијарди денари), при што за високи 72,76 насто се надминати оние 247,2 милиони евра (15,24 милијарди денари) регистрирани во 2021 година. Во тој дел порастот се темели врз зголемените расходи за набавна вредност на трговски стоки од 79,52 проценти. Од Друштвото наведуваат дека набавната вредност го следи трендот на приходите од продажба. Зашто во апсолутен износ е дел од приходите од продажба, односно зафаќа околу 89 отсто од нив.
Оперативните приходи, пак, ги исполниле очекувањата за раст, со оглед на поголемиот промет кој бил поттикнат од раздвижувањето на економската активност во земјата наспроти состојбите на тој план во 2021 година. А кај трошоците големо влијание имале поголемите износи за енергија, како резултат на енергетската криза во која се наоѓа државата и воопшто, светот. Исто така, значително зголемување има и кај трошокот за плати, бидејќи компанијата во услови на двоцифрена инфлација не дозволила намалување на реалната вредност на примањата. Како што се нагласува, вработените како основна сила на Макпетролност се заслужни за континуираниот успех и за задржувањето на лидерската позиција на Друштвото. Лани, на два пати биле зголемени платите на 1.943 вработени, а освен тоа, добиле и новогодишен надомест и регрес за годишен одмор, во бруто-износи од 540, односно 594 евра по вработен. За тоа биле вложени 1,1 милион евра (71,79 милиони денари), а искористен е и дел од добивката по годишната сметка за 2021 година наменет за вработените, во износ од 1,13 милиони евра (70 милиони денари).
Компанијата лани исплатила и дивиденда за 2021 година, во бруто износ од 303.432.000 денари (3.000 денари бруто по акција) или противвредност на 4,9 милиони евра.
Показателите на ликвидност и солвентност на Макпетрол се стабилни. Структурата на пасивата во последните две години бележи позитивна промена, односно сопствениот капитал учествува со 81, а обврските со 19 проценти.