ПОВЕЌЕ

    Макпетрол досега не добил барање за плаќање на рускиот гас во рубљи

    Време зa читање: 3 минути

    Исплатата на рускиот гас во земјава досега и во моментов се врши во евра иако и Македонија се најде на руската листа непријателски земји кои треба гасот да го плаќаат во рубљи. Снабдувачот ,,Mакпетрол” вели дека досега до нив нема никакво барање од руски ,,Гаспром ” исплатата да продолжи во рубљи.

    – Снабдувањето со гас се одвива непречено. „Макпетрол“ досега нема добиено официјално барање за промена на начинот на плаќање при набавката на гас. Со своето деловно работење „Макпетрол“ има обезбедено доволно средства за набавка на гас што ќе се искористат за купување девизи преку деловните банки и на тој начин ќе се извршат плаќањата согласно барањата на деловните партнери. Исплатата досега и моментно се врши во евра”, велат од ,,Макпетрол” за порталот Пари.

    Инаку, системот за пренос на природен гас во Република Северна Македонија е дел од рускиот транзитен гасовод кој поминува низ Украина, Романија и Бугарија, а наменет е и за Турција, Грција, Србија и Црна Гора. Приклучното место на нашиот систем со бугарскиот е на источната граница во месноста Деве Баир.

    Бугарскиот медиум „Новини“ вчера објави дека Бугарија добила писмо од „Гаспром“ во кое се бара рускиот гас да биде плаќан во рубљи, а не како досега во евра или долари. Министерот за енергетика на источниот сосед, Александар Николов кажа дека во петокот добиле известување во кое било побарано да се плаќа во рубљи.

    „Русија бара да се плаќа во рубљи, а засега не знаеме дали тоа е легално и во согласност со договорите, но и како би се применувало. Ќе го усогласиме ставот со Европската унија, а следната исплата треба да биде на 18 април“, кажа министерот.

    Бугарија го поддржува плаќањето во евра или долари, па останува да видиме дали ќе биде прекинат гасот ако не биде исплатен во руската валута.

    Соседна Бугарија не сака уцени и нема да плаќа за руски гас во рубљи.

    Шефицата на кабинетот на бугарскиот премиер, Лена Бориславова за БТВ изјави дека ставот на Бугарија и на цела Европа е јасен.

    Таа додаде дека Бугарија нема да подлегне на уцената и нема да ги прекрши потпишаните договори во кои јасно се наведува дека исплатата не е во руски рубљи, туку во друга валута.

    Претходно, Франција, Германија и Британија се спротивставија за истото.

    „Од 1 април рускиот природен гас веќе не тече во Литванија, Летонија и во Естонија“ – изјави Улдис Барис, извршниот директор на Conexus Baltic Grida, за летонското радио.

    Тој додаде дека балтичкиот пазар моментно се опслужува со резервите на гас складирани под земја во Литванија.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично