Со прогнозиран раст на БДП за годинава од минимални 1,8 проценти и со инфлација од 9,1 процент, Македонија е на дното од регионот, покажува Регионалниот економски извештај за Западен Балкан што на шест месеци го објавува Светска банка. Состојбата ја влошува нагласената политичка несигурност, а изборите што следат идната година се закана за реформите, односно се претпоставува дека ќе ги одложат.
Годинава шансите за најголем раст – од 4,8 насто се кај Црна Гора, а зад неа е Албанија со 3,6, осово со 3,2, Босна и Херцеговина со 2,2 и Србија со два проценти.
За државите од Западен Балкан во идната 2024 година е можен раст од, во просек, речиси три проценти, што ќе биде проследено со намалена инфлациска стапка. Односно, по годинешното забавување, се очекува умерено забрзување, а во услови на закрепнување во рамките на ЕУ, како главен трговски партнер, наведено е во извештајот. Освен тоа, се посочува дека пониската инфлација требаа да влијае врз подобрувањето на расположливиот доход, но и да претставува стимул за потрошувачката.
Највисок раст, со стапка од 3,9 проценти се предвидува за Косово, проекцијата за Албанија и Црна Гора е 3,2, за Србија од три, а на дното се Македонија и Босна и Херцеговина со можен раст од 2,8 насто.
Според овие очекувања, во 2025 година БДП во регионот треба да расте со просечна стапка од 3,5 проценти. Позициите не се менуваат, Косово е прв на листата, а Македонија последна.
Просечниот економски раст во регионот за годинава треба да е некои 2,5 проценти. Сепак, присутно е умерено намалување на нивото на сиромаштијата, а се отвораат и нови работни места, пишува во извештајот. Просечната стапка на вработеност е 47,8 проценти, при што во периодот од една година, од средината на 2022 до средината на 202, се отворени 103 илјади нови работни места. Ова движење било најизразено во во Албанија, БиХ и Црна Гора.
Од Светска банка укажуваат на недостигот од работна сила во регионот, што е меѓу најзначајните проблеми посочени од бизнисмените. Во тој контекст и сгестиите дека паралелно со решавањето на ова прашање, дземјите од регионот мора да ја забрзаат економската конвергенција со понапредните економии на Европа, како и зелената транзиција и да го зголемат обемот на инвестиции во зајакнувањето на отпорноста на природни катастрофи.
За Македонија не се големи очекувањата, иако во извештајот се вели дека изгледите на среден рок се позитивни, но сепак, „преовладуваат надолните ризици“.
„Растот во 2023 се очекува скромно да се зголеми до 1,8 проценти, отсликувајќи го забавувањето кај главните трговски партнери на земјата како второстепен ефект од војната во Украина. Растот се очекува умерено да забрза на среден рок движен од порастот на јавните инвестиции и од закрепнувањето на потрошувачката пред потоа да забави кон потенцијалниот раст. Јавниот долг се очекува да се зголеми на среден рок како резултат на изградбата на автопатските делници на Коридорот 8 и 10д и на зголемувањето на платите“, пишува во извештајот.
Притоа, фискалниот дефицит, според проекците на СБ, треба да падне под три проценти од БДП, но дури од 2027 година.
„Со стабилизирањето на цените на берзанските стоки, стапката на инфлација до 2025 година се очекува да се намали до долгорочно забележаниот просек. Под претпоставка дека влијанието на кризите ќе се намали во периодот на проекција, инфлацијата се очекува да се намали на 9,1 проценти во 2023 година и до 2025 година да падне на долгорочниот просек од 2 проценти. Затегнувањето на монетарната политика се очекува да продолжи на краток рок, но постепено да се олабави откако ќе се намалат ценовните притисоци“, оценуваат аналитичарите.
Воедно, се укажува дека и покрај основните ризици, придвижувањето на преговорите за пристапување во ЕУ може да ги забрза критичните реформи и да го поттикне растот.
„Меѓутоа нагласената политична несигурност и пролонгираната блокада на Собранието поради немањето консензус за уставни измени и претстојните парламентарни и претседателски избори во првата половина од 2024 година може да го одложат спроведувањето на реформите. Конечно, истапувањето од долгорочната цел на политиките може да ја ослаби фискалната одржливост и да ја зајакне упорноста на инфлацијата и со тоа да има потреба од дополнително затегнување на монетарната политика што може уште повеќе да ги ограничи можностите за финансирање и да ја забави економската активност во иднина“.
Од СБ сметаат дека кризите што се надоврзаа една на друга го оштетија потенцијалот за раст и понатаму го забавија приближувањето до животниот стандард на ЕУ.
„Преминувањето од земја со средни во земја со високи приходи бара спроведување на реформите и справување со критичните ограничувања за идниот раст. Активностите на носителите на политиките треба да бидат насочени кон обновување на заштитните механизми и намалување на ранливостите од идни шокови. Поттикнувањето на продуктивноста, напредувањето во инклузијата и подобрувањето на фискалната одржливост и на одржливоста на животната средина се критични за долгорочниот постојан раст во контекст на изразена и широко распространета несигурност“.
Освен тоа, се додава дека декарбонизирањето на економијата и градењето отпорност од климатски шокови е потребно за одржување на меѓународната конкурентност на земјата и се предупредува – „зголемувањето на учеството на продуктивни капитални инвестиции во среднорочниот буџет при одржување на фискална одржливост ќе биде критично за економскиот раст“.