ПОВЕЌЕ

    КОРОНА ПРОФИТЕРСТВО: Во „Систина” и „Жан Митрев” народот платил 110 милиони евра лани, 41 милион повеќе од 2020-та!

    Време зa читање: 4 минути

    „ПАРИ” АНАЛИЗА: Во „Аџибадем Систина“ минатата година граѓаните оставиле запрепастувачки 77,5 милиони евра, а во „Жан Митрев клиник“ 32,5 милиони евра, или само во овие две приватни здравствени установи, за извршените здравствени услуги, народот платил 110 милиони евра! Во 2020 година, пак, во овие две болници се слеале 69,1 милион евра или 40,9 милиони евра помалку од лани. Ова го покажуваат податоците за приходите на здравствени установи кои порталот „Пари“  ги обезбеди во соработка со БизнисМрежа.мк.

    И покрај тоа што трупаа бомбастични приходи, двете болници останаа имуни на молбите на граѓаните да сочувствуваат во корона кризата и да ги намалат цените.

    Во Македонија, според регулативата секој има здравствено осигурување, но корона-пандемијата го клекна здравствениот систем на колена, а приватните здравствени установи, каде што многумина побараа спас, тоа добро го наплатија. Додека на социјалните мрежи почнаа да се споделуваат апели за собирање пари за помош на болните, на површина исплива и болната вистина, дека за една недела лекување авансно се бараат по 12.000 евра. На крај, сметките што стигнуваа до граѓаните беа страшни, 20-30 илјади евра преживеал или не пациентот. За жал, некои останаа и без пари (често и позајмени) и без своите најблиски.

    Пациентите што ги изгубија најблиските во двете болници апелираа до надлежните сериозно да испитаат како се лекувале пациенти во болнициве и како им се наплаќало.

    За корона-профитерство најдобро зборуваат податоците за остварените профити во однос на вкупните приходи.

    Минатата година, „Аџибадем Систина“ на вкупен приход од 77,5 милиони евра направи нето-добивка (оданочена, чист профит) од дури 17,3 милиони евра. Или, стапката на профитабилност на „Аџибадем Систина“ (нето-профит во однос на вкупен проход) изнесуваше дури 22,3%. Тоа значи дека речиси секој петти денар платен за некоја здравствена услуга одел на сметка на профитот. На официјалната страница на „Аџибадем Систина“ претставен е Одборот на директори. Претседател е Мехмед Али Ајдинлар, а членови на Одборот на директори се Јордан Камчев, Антоније Мароноски и Тахсин Ѓунеј.

    Со 32,5 милиони евра приход, Клиничката болница „Жан Митрев“ минатата година направила нето-добивка од 9,2 милиони евра. Или, стапката на профитабилност на „Жан Митрев“ била дури 28,3 проценти. Така, оваа клиничка болница може да се пофали дека била поспособна за правење профит од „Аџибадем Систина“. На нивната официјална страница каде што е претставен менаџментот, нема одбор на директори, а директор е д-р Жан Митрев.

    Пандемијата се прогласи на 11 март 2020 година и оттогаш „бизнисот“ на приватните болници одеше по нагорна линија, како се засилуваше пандемијата. Податоците покажуват дека 2021 година била подобра од 2020 и за „Аџибадем Систина“ и за „Жан Митрев“.

    Приходи во 2021 и во 2020 година

    Приватна здравствена установаПриходи 2021Приходи 2020Приходи 2021/2020
    Аџибадем Систина77.500.00041.300.000+ 87,5%
    Жан Митрев32.500.00027.800.000+17,3%

    Износите се во евра | Извор на податоци: БизнисМрежа.мк

    Добивки во 2021 и во 2020 година

    Приватна здравствена установаДобивка 2021Добивка 2020Добивка 2021/2020
    Аџибадем Систина17.300.0005.900.000+195,4%
    Жан Митрев 9.200.0008.000.000 +13,7%

    Износите се во евра | Извор на податоци: БизнисМрежа.мк

    Високите профити минатата година се остварија и покрај острите критики во јавноста, по што реагираше Владата и даде зелено светло за измени во Законот за здравствена заштита, со кои беше овозможено таа да ги лимитира цените во приватните здравствени установи при утврдено постоење на кризна состојба заради заштита на јавното здравје и прогласена епидемија или пандемија на заразна болест.

    Несомнено е дека болниците се скапа инвестиција и дека тие на приватникот треба да му донесат заработка. Исто така, јасно е и дека привлекувањето на врвните специјалисти чини пари. Јасно е и дека од профитот се прават нови инвестиции, вложувања во нова клиничка опрема. Но, јасно е и дека приватните болници (нивните газди) во пандемијата ја загубија човечноста.

    Колку  пари издвоиле болниците за своите вработени?

    ПЗУТрошоци за вработени во 2021Учество на трошоците за вработените во расходите за 2021Трошоци за вработени 2020Учество на трошоците за вработените во расходите за 2020Нето добивка 2020
    Аџибадем Систина20.700.00035,6%17.200.00017.300.00049,5%
    Жан Митрев8.000.00035,7%6.800.000 9.200.00036,2%

    Износите се во евра | Извор на податоци: БизнисМрежа.мк

    Последната статистика (16.04.2022 година) покажува дека вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 308.516, бројот на оздравени пациенти е 298.251, на починати е 9.261, а бројот на активни случаи изнесува 1.004.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање на хиперлинк до содржината што се цитира.
    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично