ПОВЕЌЕ

    КОЛУМНА | Пари, корона, пост корона, инфлација и ризици за компаниите

    Време зa читање: 7 минути

    Парите мора да се вртат, во спротивно не вредат, а ќе се вртат само ако се во трговијата односно платниот промет. Парите во корона периодот посебно на почетокот од Вирусната пандемија речиси „престанаа да се вртат“. Тоа резултираше со сериозно забавување на светската економија, намалување на потрошувачката и дефлација.

    Короната ни покажа дека речиси секоја стопанска дејност е ранлива и тешко одржлива во услови на елементарни непогоди. Речиси и да не постои индустрија која не го почувствува директниот ефект (или домино ефектот) на институционална криза предизвикана од здравствената пандемија.

    Сепак, остануваат неодговорени прашањата: што е она што голем дел компании го применија за да „преживеат“ во услови на „виша сила“ и од друга страна, зошто голем дел од нив не успеаја да го надминат настанатиот проблем?

    Во услови кога настана криза од светски рамки поради Корона Вирусот и во еден момент кога буквално запре и функционирањето на глобалното стопанство, индустриите и стопанството беа „удрени од воз“ – се соочија со оперативен ризик кој што дотогаш се немаше во пракса случено па дури не се разгледувал ни како екстремно сценарио. Се соочија со ризик кој дотогаш имал мала или никаква веројатност за настанување и огромно финансиско влијание (ако настане) – што de facto e најлоша комбинација на веројатност и финансиско влијание затоа што едноставно тоа е борба со непознат екстремно јак и лош противник. Од оваа гледна точка, сепак голем дел од компаниите преживеаја затоа што за среќа „возот беше товарен и спор и поради тоа не беа прегазени“ но и не се најдоа во првиот ред кој го почувствува „директниот удар од возот“. Генерално во пракса, кога некој има несреќа, во таков случај животот зависи само од брзата реакција на „брзата помош“.

    Со други зборови, преживеаја компаниите кои брзо се прилагодија на новонастанатите услови на работење, но и кои имаа систем на управување со ризици или таканаречен „Enterprise risk management“, но и кои ги искористија Владините мерки како помош за најпогодените дејности.

    Од друга страна оние компании кои први го почувствуваа „ударот од возот“ и кои немаа развиен интерен систем на брза антиципација на новонастаната состојба како и систем на управување со ризици и кои не можеа или немаа доволно време да се прилагодат на новите условипотклекнаа пред предизвикот наречен Корона состојба и целосно запреа со работење или постоење. Едноставно, послабиот и ранливиот е секогаш жртва.

    Што не научи Короната кризата?

    Компаниите мора да имаат:

    • Соодветен Corporate Governance (Корпоративно управување) претставен преку:
      • Воспоставување интердисциплинарен кризен тим
      • Постоење на добар заменски интерен систем (адекватен за вонредни услови)
      • брзо преуредување на организационата структура согласно ново настанатата состојба
    • Прилагодени Финансии и Финансиска политика претставени преку:
      • Тековна (live/дневна) анализа на краткорочната ликвидност и систем за рано предупредување на потенцијалните кусоци на ликвидност
      • Креирање на ликвидносни планови на неделна основа
      • Идентификување и имплементација на краткорочни мерки за подобрување на краткорочната ликвидност (намалување на трошоци, зголемување на кредитни лимити итн)
      • Ревидирање на среднорочното планирање и буџетирање
      • Поставување на сценарија и стрес тест сензитивни анализи за ефекти врз билансот на успех, билансот на состојба и cash flow на компанијата
      • Тековна анализа на рочната структура на финансиските обврски и побарувања на компанијата
      • Анализа и предвидување на однесувањето на клиентите во различни сценарија и согледување на ефектот врз финансиските капацитети на компанијата
      • Анализирање на ценовната политика и планирање на воведување на попусти
      • Активно дневно следење на финансиските индикатори и извештаи со цел брзо прилагодување на согледаните негативни движења
    • Грижа за вработените
      • Здравјето на вработените да е прв приоритет
      • Сугестиите и прашањата од вработените мора да бидат земени во предвид
      • Воведување на таканаречена „домашна канцеларија“ или работа од дома и создавање на систем за брзо прилагодување на работење од друга локација
    • Ланец на снабдување и логистика
      • Анализа на основните причини за прекин на снабдување од добавувачи како и согледување на нивниот капацитет
      • Идентификување на алтернативни добавувачи/понудувачи
      • Дефинирање на чекори и мерки за стабилизација во снабдување
    • Производство/Понуда на услуга
      • Анализа на можните загуби во производство/давање на услуга
      • Брзо и редовно ревидирање на планирањето на производство/давање на услуга
      • Анализа на комплетните загуби во производство/давање на услуга
    • Потрошувачи и грижа за потрошувачи
      • Анализа на групите на потрошувачи
      • Анализа за приоритетите на потрошувачите во вонредни услови
      • Прилагодување на производите/услугите на компанијата согласно новите приоритети на потрошувачите карактеристични за вонредните услови
    • Право и Регулатива
      • Анализа на важност на договори со потрошувачи, добавувачи итн
      • Редовно следење и анализа на измени на законска регулатива и соодветна имплементација

    Корона Вирусот како сериозен оперативен ризик за опстанокот на компаниите, наметна потреба за активен целосен менаџмент од раководните структури на компаниите, со цел донесување на брзи одлуки и постигнување на брзо прилагодување на вонредните услови. Компаниите кои се добро менаџирани во редовни услови и кои ги имале горенаведените интерни системи на организационо работење како и адекватно управување со ризици, секогаш полесно ќе ја пребродат кризната состојба за разлика од компаниите кои што немаат развиен систем за раководење во редовни услови, а со тоа и во вонредни услови.

    Што не очекува во пост корона периодот? Неизбежна инфлација!!! Секое потценување на моменталната инфлација како и на прогнозите за поголема потенцијална идна инфлација ќе резултира со сериозни последици врз и така веќе погодените компании. Зошто инфлација и зошто ни следи поголема идна инфлација ако не се реагира превентивно брзо од надлежните институции?

    По секоја намалена потрошувачка, стагнација и дефлација (во случајов предизвикана од Корона кризата) – циклично следи неминовна зголемена потрошувачка, а со тоа и инфлација. Инфлацијата би била до толку потенцијално поголема и подолготрајна колку што генерално траела претходно дефлацијата. Согласно фактот дека корона кризата прилично долго траеше и сеуште трае во одредена блага форма како актуелна криза за стопанството, инфлацијата која што веќе почнавме да ја чувствуваме со моменталното зголемување на потрошувачката и новото „вртење на парите“ ќе биде силна, значајна и подолготрајна.

    Кога веќе знаеме дека имаме нов проблем за стопанството и економијата, проблем претставен преку раст  на цени, неизвесност на економско делување и раст трошоци на компаниите како проблем кој што е и глобалена кој се пренесува и кај нас како мала отворена економија, треба брзо да се делува од страна на НБРСМ, како и од страна на владата на РС Македонија.

    На ризикот треба да му се погледне во очи и да се признае дека постои, а не да се негира или преку изјави и соопштенија да се ублажува неговата големина и острина, затоа што проблемот de facto постои и е сериозно голем. Ризикот е како оган ако рационално го користиш може да те загрее и да ти послужи, но ако изгубиш контрола врз него може да те изгори и уништи.

    Затоа, компаниите треба под итно да се адаптираат и да ги реорганизираат своите работни процеси согласно ценовниот раст, а владата треба под итно да донесе реални и сеопфатни мерки за поддршка на целокупното стопанството паралелно со монетарните мерки на НБРСМ чија што основна цел е постигнување и одржување на ценовна стабилност и на тој начин да се да се заштити домашната економија и стопанство, но и да се намали ефектот на ценовен раст врз крајните потрошувачи.

    Автор: Стефан Николиќ, експерт во областа на управување со ризици во банкарската индустрија.

    *Авторот Стефан Николиќ е признаен експерт во областа на управувањето со ризици како долгогодишен директор во управувањето со ризиците во Банкарската индустрија, но и како експерт предавач во повеќе научни установи во Македонија и консултант во повеќе компании во врска со истата материја. Како Директор на Cammeo Група Македонија, Стефан Николиќ е добитник на престижната меѓународна награда „Business Elite’s “40 under 40” и е член на Извршниот Клуб на истата организација.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично