Одлуката за тоа кој е можниот гувернер на Народната банка е донесена. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова го направила изборот, но според законските процедури, предлогот прво треба да го видат во Владата и Собранието, а потоа за него ќе слушне и јавноста.
Во меѓувреме многу се зборува за тоа „кој може да биде“. Пари, без тенденција да шпекулира и зазема страна, ги претстави двајцата најсериозни кандидати – Трајко Славески и Зоран Ставрески.
Зоран Ставрески е познато име и во стручната и во пошироката јавност. Без оглед што повеќе години е надвор од јавната сцена, се паметат неговите активности во економскиот и политичкиот живот на државата. Можноста да го преземе кормилото на централната банка беше ставена на тест уште пред една година, кога од одредени извори излезе информацијата – Зоран Ставревски како независен експерт за иден гувернер на Народната банка. И тогаш и сега аргументите „за“ се неговото претходно искуство како министер за финансии во владите на Никола Груевски и работниот ангажман во Светската банка. Освен тоа, почетоците на кариерата се тесно поврзани со НБРМ и со основањето на Дирекцијата за истражување и монетарна политика.
Високото образование Ставрески го стекнал на Eкономскиот факултет при УКИМ, каде што и дипломирал (1987) и магистрирал (1997). Темата била „Избор на оптимална монетарна стратегија и инструменти – случајот на Република Македонија“. По што гради кариера во јавниот и меѓународниот финансиски сектор.
Во Народната банка работел од 1993 до 2000 година. Последните три години како директор ја предводел Дирекцијата за истражување. Воедно, бил и дел од тимот на НБРМ за преговори со ММФ и Светска банка. Во 2001 му се отвораат нови перспективи. Добива можност за работа во Светска банка. Прво како советник на извршниот директор во Холандската конституенца за Република Македонија и Босна и Херцеговина. А, потоа се искачува до позицијата на водечки економист за развојни политики во Одделението за операциони политики и услуги за земјите членки.
Таа кариерна патека завршува со определбата активно да се вклучи во политичкиот живот. Од 2006 година е вицепремиер во владите на Груевски. А, во 2009 седна и на жешкото министерско столче во Министерството за финансии. И двете функции паралелно ги извршуваше до јуни 2016 година, кога поднесе оставка. Како што образложи тогаш, поради здравствени причини.
„Здравствените проблеми со кои се соочувам и советите на лекарите упатуваат на тоа дека постои неопходност од подолго лекување и опоравување, заради што јас нема да сум во можност да ја обавувам функцијата министер за финансии и потпретседател на владата на Република Македонија“, наведе своевремено Ставрески во своето писмено обраќање.
ТРАЈКО СЛАВЕСКИ ВО ФОКУСОТ: Кој е професорот што може да ја води Народната банка?
Оттогаш речиси и да не се појави во јавноста, иако извесен период беше присутен преку „бомбите“ што ги објавуваше опозицијата, во кои и тој беше меѓу протагонистите како еден од најекспонираните членови на владините кабинети предводени од ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, интелектуалните и стручни способности никогаш никој не ги оспори.
Што се однесува до Народната банка, со институцијата Ставрески е и сентиментално поврзан. Во годините кои ги минува таму, се жени со Антоанета Манова, која беше шеф на кабинетот на тогашниот, втор гувернер во самостојна Македонија, Љубе Трпески.
По 26 години се споменува можноста Зоран Ставрески да се врати во Народната банка. Овојпат како гувернер. Кој од партиска дистанца, односно неоптоварен со партиската припадност треба будно да ги следи макроекономските движења, да прави проекции за веројатните текови. Под „капа“ го има целиот банкарски сектор, со право да дава и одзема дозволи. По силата на функцијата станува главен чувар на девизните резерви. Но, првенствено на денарот и неговите позиции, а во тие рамки и на ценовната стабилност.
Како што рече неодамна претседателката Силјановска Давкова „досега имавме среќа со гувернерите“. Веројатно така ќе биде и понатаму, без оглед кој ќе го добие седумгодишниот мандат.