„Симболико“ е повторно единствениот избор на МВР кога се работи за кол центар и обезбедување телекомуникациски услуги. Последниот договор е вреден 118 милиони денари или речиси 1,92 милиони евра. Во случајот најниската цена која е критерум за „доделување договор“ е и највисока – 58, односно 66 денари денари за повик – без и со пресметан ДДВ, затоа што фирмата е единствен понудувач. Онлајн комуниацијата се плаќа 1,18 денари.
Не само сега, туку уште од 2013 година „Симболико“ ги обезбедува услугите поврзани со личните документи, односно телефонско и онлајн закажување термини и поднесување барања. Некои од договорите биле краткотрајни, на пример за три месеци, како што е тој од август годинава, а последниот е на три години.
Во рамковната спогодба за јавната набавка со датум од 13 месецов, се наведува дека услугите ќе бидат достапни за граѓаните од понеделник до петок од осум до 20 часот. Притоа, се очекува дневно во просек да има до шест илјади повици за промена на личните докумети. Плус и за давање информации, со што се доаѓа до просечни дест илјади повици во текот на еден работен ден. Воедно, се наведува, „нивото на опслуженост на повиците да не биде понизок од 99%“.
Инаку, деловниот или тендерски партнер на МВР, „Симболико“ ДООЕЛ е фирма од Скопје, во сопственост на Елена Салонтаји. Регистрирана е во Општина Аеродром, со адреса „Анастас Митрев“ бр 20/2-3. Има бонитетна оцена CD.
Во последниве пет години, во своето работење бележи подеми и падови. Најдобро им одело во 2021, кога биле евидентирани: вкупни приходи од 2,2 милиони евра (136.595.747 денари) и добивка од над 380 илјади евра (23.442.366 денари). Оттаму, наредната година кај приходите има пад од 69,19 отсто, односно лани износот бил 684 илјади евра, а кај добивката минусот е од дури 95,28 проценти. Или во 2022 била во нето износ од нецели 18 илјади евра. Инаку, и во 2021 давале услуги за МВР. Тогашниот тендер бил во износ од скоро 480 илјади евра.
Показателите упатуваат на тоа дека фирмата имала стабилен курс во 2018 и 2019 година кога остварила приходи од 448,4, односно 441,7 илјади евра, расходите биле 372,5 и 358,7 илјади евра, а добивката речиси 65 и 75 илјади евра.
Трошоците исто така се променливи, но меѓу сите бројки кои во овој сегмент се движат од 189 илјади евра (2020) до 662 (2022), отскокнува 2021 година со расходи од близу 1,8 милиони евра.
Во тој петгодишен период варирал и бројот на вработените, по 16 во 2018 и 2019, 14 во 2020. Најуспешната 2021 ја одработиле 34 лица, а лани на списокот биле 26 вработени, со што за една година има намалување од 23,53 проценти.
Со оваа договорена милионска зделка МВР ќе се обиде да воведе ред во хаосот со термините, настанат поради обврската од Преспанскиот договор, до 12 февруари 2024 да се заменат сите лични докумени со ознака „Република Македонија“. Тоа создаде нервоза кај граѓаните, кои освен што не можат да добијат термин, мора од свој џеб да ги платат наметнатите трошоци. Инаку, неодамна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, рече дека ќе нема никакви казни за граѓаните кои до крајниот рок нема да ги сменат личните документи на кои ќе стои Северна Македонија. Сепак, по тој датум старите документи нема да важат.
M.A.