ПОВЕЌЕ

    Кога добиваш премногу итна е-порака – запри и провери!

    Време зa читање: 2 минути

    Замисли седнуваш да провериш е-пошта додека го пиеш кафето и гледаш порака насловена со големи букви – „ИТНО: Вашата банкарска сметка е загрозена!“. Сигурно веднаш се вознемируваш и без многу размислување решаваш да кликнеш на линкот за „да ја спасиш“ твојата сметка.

    Но што ако токму со тој клик им ја отвориш вратата на сајбер измамниците?

    Ова им се случува секојдневно на милиони луѓе ширум светот. Зад овие пораки стојат добро познатите обиди за сајбер измама – phishing. Тоа е вешто подготвена измама која се обидува да ги украде твоите личнии/или сензитивни податоци преку лажни пораки што изгледаат совршено легитимно.

    Како функционира phishing?

    Измамниците се преправаат дека се твои доверливи партнери: банка, поштенска служба, интернет провајдер и слично. Ти праќаат пораки што изгледаат веродостојно, користат логоа, бои и тон на пишување што личи на оригиналните.

    Целта на овие пораки е прибирање на податоци (лични податоци, корисничко име, лозинка, ПИН, број на платежна картичка, CVV број или други сензитивни податоци) и/или  инсталација на злонамерен софтвер со цел нивна злоупотреба.

    Иако на прв поглед пораките изгледаат безбедно, тие често имаат „скриени знаци“:

    • Тон што те тера на итно дејствување – „Вашата сметка ќе биде затворена ако не реагирате веднаш!“;
    • Чудни линкови што не водат кон официјалните страници на институцијата;
    • Барање да внесеш лични или финансиски податоци;
    • Ситни, но значајни правописни и граматички грешки.

    Најдобра заштита е да бидеш смирен и внимателен. Не кликнувај веднаш на линкови од пораки, не споделувај лични и сензитивни информации преку е-пошта и секогаш пристапувај до веб-страниците на банките директно внесувајќи ја URL адресата преку твојот пребарувач.

    Што ако веќе кликна?

    Не паничи, но дејствувај брзо. Веднаш контактирај ја твојата банка, промени ги лозинките и извести ги надлежните институции. Твојата брза реакција може да спречи поголема штета.

    И запомни: банката никогаш нема да бара преку е-пошта или порака да споделиш лозинки, ПИН, број на картичка или други сензитивни информации. Ако нешто ти изгледа сомнително – веројатно е сомнително.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично