Годинава ќе ја завршиме со раст од 2,3 и инфлација од 3,5 проценти. Во 2025 ќе има подобрување, економијата ќе се придвижи за 3,3, инфлацијата ќе забави и ќе опадне на 2,5 проценти. Ова се есенските макроекономски проекции на Народната банка, усвоени од Советот, а на прес-конференција ги претстави гувернерката Анита Ангеловска – Бежоска.
Макроекономската слика за македонската економија во овој циклус проекции не е значително променета во споредба со априлските, но има разлика кај растот. Се предвидува послаб раст на домашната економија за оваа и за следната година, во споредба со согледувањата направени во април. На среден рок оцените за растот се непроменети. Или, за периодот од 2026 до 2027 година се прогнозира натамошно забрзување на растот, а тоа е согласно очекувањата за поповолен надворешен амбиент и засилени инвестициски активности поврзани со подолгорочниот карактер на јавниот инфраструктурен циклус. Ризиците за растот и натаму се нагласени и претежно надолни, велат од централната банка.
Врз растот негативно се одразуваат состојбите со извозот, а позитивно инвестициите и зголемената потрошувачката. Личната порошувачка има раст од 2,5, а инвестициите 8,2 проценти. Предвидувањата се дека извозот ќе расте со стапка од 2,8, а увозот со 3,9 насто.
Во периодот на проекциите се очекува натамошно забавување на инфлацијата. Најновите оцени го потврдуваат априлското согледување за просечна стапка на инфлација од 3,5% во 2024 година, иако во последниот квартал се очекуваат одредени нагорни поместувања пред сѐ како резултат на споредбената основа.
За следната година се очекува стапка на инфлација од 2,5%, што е мала нагорна ревизија во однос на април, при оцени за поголема инерција кај дел од ценовните категории. На среден рок (2026 ‒ 2027) се очекува стабилизирање на нивото на околу 2%, при очекувано исцрпување на ефектите од надворешните ценовни шокови, закотвени инфлациски очекувања и отсуство на позначителни притисоци преку каналот на домашната побарувачка. Како ризици и натаму се сметаат цените на примарните производи, коишто се под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските фактори, како и домашните политики со кои се влијае врз агрегатната побарувачка во домашната економија.
Од Народната банка посочуваат дека на среден рок се очекува поволна и претежно стабилна надворешна позиција на економијата. По суфицитот од 0,4% остварен лани, годинава се проценува умерен дефицит во тековната сметка од 2,1% од БДП, при стабилизирање на салдото во размената со стоки и услуги, како и нормализација на приватните трансфери, по високите нивоа достигнати во 2023 година. За преостанатиот период на проекцијата, 2025 ‒ 2027 година, е проектиран дефицит на тековните трансакции во просек од 2,2% од БДП. Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи во финансиската сметка, поддржани од директните инвестиции и задолжувањето на државата, со што девизните резерви и натаму ќе растат и ќе се задржат на ниво коешто е соодветно за задржување на стабилноста на домашната валута.
Банкарскиот систем и натаму ќе обезбедува солидна кредитна поддршка. До крајот на 2024 година, се очекува дека кредитниот раст ќе биде стабилен и ќе изнесува 7,5%. Се очекува раст и на среден рок, но малку поумерен и со просечна стапка од 7,2% за периодот 2025 ‒ 2027 година, во услови на солидна капитална и ликвидносна позиција на банките. Кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, како главен извор на финансирање. На крајот на 2024 година, се очекува солиден годишен раст на депозитите од 7,9%, а на среден рок за периодот од 2025 до 2027 година од околу 7,7%, во просек.
Во услови на значително забавување на домашната инфлација и поволен девизен пазар, но кога сѐ уште постојат ризици, Народната банка започна со претпазливо нормализирање на монетарната политика. Народната банка внимателно, на дневна основа, ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците коишто сѐ уште постојат и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради задржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност.