ПОВЕЌЕ

    Како франшизите се справуваат со економската криза

    Време зa читање: 5 минути

    Во континуитет од почетокот на декември 2019 година, па се до денес, активен е период во кој властите ширум светот се во постојан обид да најдат комбинација на мерки кои ќе го штитат здравјето на лугето, а во меѓувреме истите да го намалат економскиот ефект од вирусот. Од досегашните анализи може да се заклучи дека соодветна комбинација сеуште не е имплементирана, а најверојатна таква и не постои. Во една таква ситуација секторот со франшизи, кој многу малку е застапен во нашата економија, а е доста битен на меѓународна сцена ја покажа својата отпорност и прилагодливост на новонастанатата ситуација и може да биде водилка за многу други економски сегменти.

    Пазарот со франшизи е најмногу распространет во развиените економии и во земјите во развој, кој како комерцијално-социјален модел има бројни ефекти врз нивото на вработеност, економска модернизација, развој на претприемништво и сл. Во најразвиените држави бројот на франшизни брендови достигнува и над 4.000, нивото на економски аутпут изнесува над 100 милијарди долари (во поединечни економии), додека нивниот придонес во креирањето на националниот бруто домашниот производ достигнува и над 15%.

    Извор: World Franchise Council Survey on the Economic Impact of Franchising Worldwide

    Затекнат од економскиот потрес и големиот број на ограничувања, пазарот на франшизи делува како компактна единица која поради начинот на функционирање и големата мрежа на меѓузависни елементи мораше да антиципира во голем број на економски мерки и максимално да ги користи сите расположливи ресурси. Она што е евидентно е дека прифатени и имплементирани се голем број на промени во насока на полесно справување со кризата. Голем број од тие промени можат да се применат и од други сектори,а истите сублимирани ќе ги анализираме во продолжение:

    • Креирани се мултидисциплинарни кризни комитети каде заеднички се дискутираат алтернативите, се воведуваат неопходни мерки и се креираат стратегии за идно дејствување
    • Се врши активна евалуација на буџетот на компаниите и притоа најголемиот акцент е ставен врз паричните текови
    • Забележан е висок процент на одобрени кредитни линии од страна на државните власти благодарение на предходно темелно анализирање на процесот на аплицирање и расположливите пакети за помош за справување со кризата
    • Членството на компаниите во најразлични асоцијации им помогна при нивно правилно претставување пред надлежните институции и менторирање во преговорите за користење на дополнителни финансиски средства од банки и други извори на финансирање
    • Компаниите кои се корисници на франшизи активно учествуваа во преговори за намалување на провизиите, трошоците за изнајмување на деловен простор и одложување на тековните обврски.

    Од друга страна, прилагодувањата не се однесуваат само на страната на кратење на трошоците и дополнително задолжување. Секторот на франшизи посвети исклучително внимание на нивно прегупирање и модифицирање на постоечкиот бизнис модел. Во таа насока превземени беа активности за развој на технологијата во процесот на продажба и развој на моделот на идни продажби, користење на алтернативни канали за комуникација и дистрибуција, подигнување на нивото на комуникација и транспарентност со вработените, но исто така и со нивните клиенти преку развој на алтернативни канали на нарачки и онлајн плаќање.

    Се разбира дека вака сегментиран пазар не може да биде илустративен примерок при компаративна анализа на поединечна економија, но многу работи може да се применат во најразлични сфери и работењето на компаниите. Генералниот заклучок е дека три сегменти се издвојуваат како водечки катализатори на процесот на преадаптирање:

    1. Забрзана дигитална трансформација – тоа што пред кризата беше тренд (како онлајн продажба, дигитален маркетинг и мобилна технологија) сега станаа клучни компоненти на бизнис секторот.
    2. Распространетост на меѓусебната соработка и комуникација – преструктуирање на релациите од вертикални во хоризонтални
    3. Стратегија на флексибилност – проактивност и адаптибилност на бизнис моделите

    Сите овие карактеристики треба да бидат насока за компаниите кои веќе се активни во светот на франшизите, како и за сите идни претприемачи кои планираат да партиципираат во него. Нивната моќ можеби најмногу се истакнува преку желбата  за успех на корисниците на франшиза и нивната истрајност во тој пат. Претприемачките и менаџерските подвизи на сопствениците ја истакнуваат силата на моделот како алтернативен одговор за сите промени и предизвици. Се разбира дека овој сегмент не е отпорен на загуби, пропаѓања и потешкоии при работењето, но претставува една алка која заеднички се спротивставува на сите препреки, а со тоа дава надеж дека сепак има иднина, а за земја како нашата можеби и една од основните идни определби за креирање на нови бизниси.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично