Како да изградиш компанија од нула и како таа компанија после 8 години да сака да ја купи некој за милион евра? Како да се пензионираш на 35 години? Како да бидеш претприемач, автор, консултант, а да ги имаш можноста и луксузот три дена да размислуваш само за стратегија за развој? Одговорот на сите овие прашања ги има Данчо Димков, претприемач, основач и извршен директор на BizzBee Solutions, македонска агенција за продажба, маркетинг и консултански услуги, во разговор со Наташа Велковска во четвртата епизода на поткастот New Biz.
Кога некој ќе ја слушне приказната на Данчо Димков или барем дел од приказната прво прашање што се наметнува е како се донесува одлука преку ноќ да создадеш фирма и да станеш претприемач, а до вчера си бил вработен во некоја друга фирма.
„Мислам дека сите што сме биле вработени или сме биле претприемачи, во некоја фаза од својот живот сме стигнале до таа тема, дали од тоа што имам стабилно работно место и секој месец добиваме редовна плата и сопственикот се грижи дали ќе има приходи или не, да се преземе ризик и да се премине во отворање на сопствена компанија која што се зависи од нас. Клучно прашање фигурираше за да соберам храброст и да го направам првиот чекор беше „Што е најлошо што може да се случи?“. Најлошото што може да се случи е да не биде ништо од идејата и да се вратам пак на старо, да фигурирам како вработен во фирма. Што и не е така лошо, затоа што ако ова е најлошото сценарио, тогаш сѐ друго е подобро“, објаснува Димков.
Тој вели дека голем мотив му било тоа што и да не му успеела идејата за создавање на сопствена фирма, сепак нема да биде некој што кога ќе остаре ќе се кае што не пробал поради чувството на страв. Димков смета дека тука е и заблудата кај младите луѓе што мислат дека треба да имаат милион евра за да започнат бизнис. Меѓутоа, споменува тој, магијата почнува кога ќе се најде начин како со минимум пари да се почне идеја и да се докаже дека функционира, па потоа да може да прерасне во нешто поголемо.
Што беше најголем проблем за основање на компанијата, што беше пречка или поради која одлука е успешен во ова што го работи, Димков вели дека најуспешното за него било што од старт рекол дека гради компанија којашто може да функционира без него.
„Иронично, но првиот ден, на четворицата практиканти во фирма, првата задача им беше да ги состават столиците за во канцеларија што ги купив од Икеа и тоа го деклариравме како тим билдинг за да се запознаеме, но и како практиканти со сите имав директна комуникација. Им кажав дека тука ќе бидат три месеци и дека ќе го вработам тој што ќе знае после три месеци да функционира без мене. Бидејќи ако треба за се јас да донесувам одлуки, тогаш мене никој не ми треба, затоа и барав луѓе коишто можат да бидат самостојни. И мислам дека тоа се вгнезди во културата на BizzBee Solutions и низ годините секогаш барав луѓе коишто се самостојни и не треба јас да ги водам“, раскажува Димков.
Во однос на лошите страни, тој смета дека многу амбициозно влегол во бизнисот, затоа што почнал со четири практиканти, за 3 – 4 месеци биле е веќе 7 – 8 луѓе, а за 6 месеци се прошитиле на 10 -15 луѓе, и во првите 12 месеци стигнале околу 30тина луѓе.
„Во тој момент јас се најдов во ситуација каде што организациски не бевме подготвени за 30 луѓе. И мислам дека тука ми беше најголемата грешка. Бидејќи треба организациско јакнење, јас како консултант реков дека прекинувам да ја растам компанијата, и дека од тој момент па натака ќе работам на компанијата на јакнење на капацитети од човечки ресурси, финансии, до процеси, системи, со цел да се стабилизираме и да не ги правиме тие големи грешки што сите ги прават“, вели Димков.
Визијата за BizzBee Solutions од старт била дека „Данчо сака да се пензионира на 35 години и кон тоа се цели“.
„Кога ја основав фирмата како и секој претприемач дневно работев по 18 часа, и кога ги земав првите четири практиканти носев многу „капи“ – маркетинг капа, капа за продажба, капа за извршување, менаџер капа, всушност сѐ беше на мој грб. Меѓутоа како почнав да растам прво што направив ставив проектен менаџер, за оперативниот дел да се тргне од мене, за јас да можам да се фокусирам на маркетинг и продажба. Потоа како почна компанијата да расте, вработивме маркетинг менаџер, со цел и маркетингот да се тргне од мене, и после како продолживме да растеме ставивме и менаџер за продажба, за и тоа да се тргне од мене, за кај мене да остане само стратегиската капа, каде што јас би се фокусирал на стратегија. Меѓутоа пред две години веќе и таа капа ја тргнав од мене, со тоа што ставив CEO во компанијата, со цел веќе јас комплетно да се тргнам од компанијата и да се самопензионирам на еден начин, и позиционирањето на компанијата беше баш така, да може компанијата да функицонира без мене, да си расте, не само да преживува, затоа што има две фази. Една е доколку те нема да може да преживува, а другата фаза е да расте без сопственикот на фирмата. Ова начелно бев воден од поентата што многу компании што јас ги гледам наоколу, сопственикот е врзан со компанијата, не може да оди на одмор, не може на фамилија да се посвети, и тоа беше бизнис моделот што јас го сакав“, потенцира Димков.
Целата епизода и слични на оваа се достапни на New Biz Podcast