ПОВЕЌЕ

    КАДЕ ШТО СЕ ЧОКОЛАДАТА И ПРОФИТОТ, таму се и аферите

    Време зa читање: 4 минути

    Каде што е швајцарската чоколада, таму е и големиот профит, па и скандалите. По одземањето на швајцарските ознаки за квалитет на „Тоблероне“ на гигантот „Монделез“, скандал го стресе и еден од најомилиените швајцарски производители на чоколада „Ледерах“

    Швајцарскиот производител на поексклузивна и поскапа чоколада – „Ледерах“, во чии продавници можат да се најдат најневеројтани бои и вкусови, каде што чоколадата се продава и на грамови, доживеа пад на рејтингот по скандалот за злоставување на деца. Обвинувањата се однесуваат на верското училиште формирано од сопственикот на компанијата.

    Јирг Ледерах (72), кој го водеше семејниот бизнис од 2018, е коосновач на евнагелистичкото училиште Домино Сервите во кантонот Сен Гален. Според еден документарец емитуван на швајцарската државна телевизија СРФ, ученици кои го посетувале ова училиште зборуваат како живееле во атмосфера на страв, а често биле тепани со каиши. Активен учесник во злоставувањето бил и самиот Ледерах. Уредникот на телевизијата за источна Швајцарија, Енрико Кампман, пред една година јавно говореше како чоколадната фамилија Ледерах се обидувала да го замолчи.

    Два дена по избивањето на скандалот, Циришкиот филмски фестивал објави дека неговото партнерство со Ледерах е завршено. Престижниот филмски фестивал и чоколадниот магнат изјавија дека дошле до заедничка одлука да го прекинат партнерството.

    Компанијата „Ледерах“ сѐ уште ги санира штетите по скандалозните наводи.

    Иако обвинувањата не беа насочени директно кон сегашната генерација управители на компанијата, овој производител претрпе голема штета врз својата репутација, а голем дел Швајцарци поради скандалот одбиваат да ја купуваат оваа чоколада.

    Извршниот директор на Групацијата, Јоханес Ледерах, најстариот син на Јирг, вели дека и покрај сѐ, забележале само едноцифрен пад на продажбата на швајцарскиото пазар. Тој тврди дека компанијата има забележителен раст на нејзините останати 19 пазари надвор од Швајцарија. Неодамна компанијата отвори свои ограноци во Франција и во Малезија.

    Сепак, дамката сѐ уште стои, и името Ледерах кај повеќето Швајцарци кои се исклучително конзервативни, буди негативни чувства. И покрај нивната исклучителна лојалност како купувачи, многумина од нив никогаш повеќе нема да стапнат во прекрасно издизајнираните продавници на „Ледерах“.

    Специфичната ребраста штангла – „Тоблероне“, како една од најпознатите швајцарски чоколади, го загуби обележјето – швајцарски производ. По последните потези на производителот „Монеделез“, од неговата амбалажа мора да бидат избришани алпскиот врв Матерхорн и швајцарската референца за производство, поради тоа што оваа чоколада веќе не е ексклузивно швајцарски производ создаден од швајцарски состојки. Имено, во оваа земја постојат строги правила кому е дозволено да ги користи националните симболи вклучително и швајцарскиот крст.

    Познато е дека до скоро оваа светски позната чоколада беше произведувана исклучиво во фабрика во Берн, каде што работниците имаа побарување за шест насто повисока плата. Воден од желбата за профит, гигантот „Монделез“ реши дел од производството да го пресели во Братислава, Словачка.

    Од компанијата велат дека и покрај бришењето на Матерхорн од амбалажата, бернската мечка ќе продолжи да се користи како симбол кој ќе остане на пакувањето, а наместо Швајцарија, ќе пишува „основан во Швајцарија“.

    Според инсајдерите, постојат индиции дека скапото швајцарското млеко во иднина нема да се користи за голем дел од производството на „Тоблероне“. Целиот асортиман од оваа чоколада наменет за странските земји, наскоро ќе биде направен од странско млеко во прав. Единствено едицијата – „Тоблероне“ која се продава во Швајцарија, нема да биде погодена од овие промени.

    Неочекуваните бизнис потези на „Монделез“ ја вознемирија и швајцарската млекарска индустрија. „Монделез е голема риба за нас”, велат од Здружението на швајцарски производители на млеко, како одговор на прашање од весникот „Блик“. „Ако тоа навистина се случи, може да предизвика немири на швајцарскиот пазар на млеко”.

    Имено, околу 40 милиони литари млеко годишно ќе останат без купувачи. Ова е еднакво на бројот од 6.300 крави, што за швајцарските фармери би било сериозен удар.

    Мимоза Петревска Георгиева

    (Дописник на Пари од Швајцарија)

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично