Џек Ма, основачот и извршен директор на „Алибаба Груп Холдинг“, е најбогатиот човек во Азија и еден од најконтроверзните личности меѓу богаташите. Богатството на Ма, според листата на „Форбс“ се проценува на 38.3 милијарди долари, со што влегува во кругот на еден од најбогатите луѓе на планетата.
Во услови на пандемија предизвикана од корона вирус, донирал околу 14,4 милиони долари преку својата фондација за да помогне во развојот на вакцина против корона вирусот.
Неодамна за прв пат отворил свој Твитер профил и објавил информација за донацијата во Америка на кој напиша „Се најдобро на нашите пријатели во Америка“. Собрал повеќе од 3.500 ретвитови и 20.000 лајкови во првиот час по објавувањето. Тој себе се опишал како „учител, филантроп, претприемач“ и неговиот нов профил, достигнал 10.000 следбеници за еден час.
Џек Ма се залага за воспоставување на систем во кој има правилно лидерство, систем што може да создава, да прави, да открива и да обучува многу лидери.
„Компанијата никогаш не треба да зависи од Џек Ма. Џек Ма ќе остари, ќе се разболи, можеби ќе доживее сообраќајна несреќа или што и да е. Компанијата треба да зависи од лидерскиот систем. Културата е важна, луѓето се важни, системот е тој што ја одржува компанијата жива 102 години, а не една личност“, вели Ма.
Но, патот до успехот на „малиот” азиец не бил воопшто лесен. Тој во неколку наврати открил дека дури три пати бил одбиван и не успевал да се запише на факултет, како и дека аплицирал за работа во повеќе од 30 компании, но не добил работа во ниту една од нив.
Во 1998 година, Џек Ма ја основал „Алибаба“ со голем ентузијазам, но веднаш се соочил со неколку пречки. Компанијата не успеала да оствари профит во првите 3 години, па дури и работела со загуба. Но, тоа не го откажа од неговата намера, туку само го направило Џек многу покреативен. Еден од најголемите предизвици за неговиот бизнис, бил недостаток на систем за онлајн плаќања, бидејќи ниту една банка не сакала да му ја понуди на Ма оваа услуга.
Тогаш, тој одлучил да создаде своја платформа за плаќање, наречена „Алипeј“. Платформата врши трансфер на различни плаќања, во различни валути, помеѓу меѓународни купувачи и продавачи. До денес оваа платежна платформа ја користат повеќе од 800 милиони луѓе ширум светот.