ПОВЕЌЕ

    ИСТЕКУВА РОКОТ НА ЕСЕНСКАТА КОШНИЦА: Ќе има поскапувања или трговците ќе се уплашат од најавените поригорозни мерки?

    Време зa читање: 4 минути

    На крајот од месецов истекува рокот за примена на есенската кошница, но под дејство на Законот за нефер трговски практики не се очекуваат зголемувања на цените. Првата владина мерка од овој вид дала резултати, оцени министерот за економија Бесар Дурмиши, а цените на таргетираните производи се намалени за пет до десет отсто. Сепак, доколку се случи драстично зголемување, ќе се преземат поригорозни мерки.

    Министерот го потврди и согледувањето на граѓаните, дека одделни намирници од кошницата воопшто или минимално поевтинеле. Станува збор за лебот, млекото, маслото за јадење… Затоа, пак, за десет па и повеќе проценти паднале цените на месото, зеленчукот, млечните производи…

    Сето тоа, вели, го чувствуваат потрошувачите. Притоа, додава, и во октомвриската синдикална минимална кошница цените на храната и пијалаците се пониски за над 900 денари.

    „Наредниот месец очекуваме повторно намалување на цените, зашто е во сила Законот за нефер трговски практики“, рече Дурмиши. Воедно најави: „Ако трговците драстично ги покачат цените и тоа го увидиме на терен, ќе преземеме поригорозни мерки“. Од тоа ќе нема потреба доколку цените бидат стабилни.

    Заедничкиот ефект на двете мерки – есенската кошница и училишната, е за три илјади денари помали трошоци кај едно семејство.

    Во креирањето на вакви мерки треба да биде вклучен и Синдикатот, смета претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. Според него, ограничувањето на маржите на одредените основни производи не го олесни товарот на граѓаните. Упатува на фактот дека во септември трошоците за храна и пијалаци се зголемиле за околу 750 денари, а во октомври се намалени за 960 денари.

    „Трговците го искористија периодот кога Владата најавуваше дека ќе се донесе ваква мерка. Прво ги зголемија цените и синдикалната минимална кошничка во делот на растот на трошоците за храна и за пијалоци беше зголемен за некаде околу 750 денари за септември, а сега за октомври е намален за некаде 960 денари, што ќе каже дека трговците беа алчни, на грбот на работниците повторно се обидуваа да заработуваат и цените кои ги зголемија во септември само ги намалија во октомври и повторно останаа со истиот профит кој го имаа“, наведе Трендафилов.

    Мерките кои треба да го олеснат секојдневието на граѓаните и да ги заштитат од ценовни шокови почнаа да се применуваат од крајот на минатиот месец. Есенската кошница со 73 основни намирници, чии маржи беа лимитирани до десет проценти, стартуваше од 24 септември. Од 28 септември, пак, стапи во сила Законот за нефер трговски практики, чии одредби допрва треба да прикажат резултати. Опфаќа повеќе од 2.500 земјоделски и прехранбени производи, а казните за негово непочитување се движат и до 20 илјади евра.

    Инаку, според месечната кошница на ССМ, во октомври биле потребни 61.249 денари за едно просечно домаќинство да ги задоволи најосновните потреби. Само за храна и пијалаци – 22.069 денари. А, во однос на септември, животот им бил поевтин за нецело евро. Односно, разликата е 57 денари.

    Наспроти високите трошоци од над илјада евра пресметани во синдикалната кошница се платите – минималната од 366 и просечната од 668 евра.

    „Растот на минималната плата треба да биде предвиден и во новиот буџет. Меѓутоа, ќе треба да се предвидат средства, веројатно и оваа година, доколку се случи тоа што е можно побрзо, имајќи предвид дека животот на работниците и животот на граѓаните станува сѐ поскап. Тешко е да преживеете со 370 евра, кога минималната синдикална кошничка веќе изнесува повеќе од илјада евра“, потенцира Трендафилов, кој како прв синдикалец подолго време наназад инсистира минималната плата да се позиционира на нивото од 450 евра.

    Без оглед на повремените мерки, искуството на граѓаните потврдува дека ниту просечната, а уште помалку минималната плата, можат целосно да се справат со цените и трошоците.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично