ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I ЗОРАН РУНЧЕВ-РУНО: Се сменија времињата, сѐ помалку уметнички слики купуваат оние кои ја сакаат уметноста, а сѐ повеќе – оние кои имаат пари

    Време зa читање: 7 минути

    За некои луѓе животот наменил повеќе од еден почеток. Уметнички, кариерен. По децении поминати во странство, ликовниот уметник Зоран Рунчев – Руно, се врати во родниот град и отвори уметничка галерија. 

    Галеријата РУДИ е тивко катче кое ќе ве изненади со спокојот кој предизвикува, среде градската бучава бидејќи се наоѓа речиси на самата крстосница на булеварите Климент Охридски и Теодосиј Гологанов. Иако отворен неодамна, просторот изобилува со акварели, масла на платно, скулптури од камен, дрво, бетон, епоксидна смола, уникатни плетени изработки, авангардни лустери, рачно изработени парчиња мебел.

    ПАРИ: Зошто досега немавте отворено галерија?

    Рунчев: Затоа што постојано правев планови да се вратам во Англија. Затоа што таму сум посмирен, покреативен, имам помалку организациски проблеми, навикнат сум на таа средина и одлично функционирам таму. Освен тоа, и климата е таму поблага за мене со висок притисок.

    ПАРИ: Зошто се вративте?

    Рунчев: Како типичен Балканец, се вратив за да се грижам за мојата болна и остарена мајка, па дојде пандемијата и останав. Но се уште размислувам да се вратам иако и Британија за овие неколку години се има доста сменето, посебно откако излегоа од Европската Унија. Поради скапотијата, сега малку потешко се живее од уметноста и таму.

    Живеам во Манчестер, кој е огромен град од 4,5 милиони жители, со преубава енергија, со многу галерии и културни настани, таму имам многу пријатели, ме познаваат, ја познаваат мојата работа.

    ПАРИ: Како се вклопивте како странец и уште уметник, во таа средина?

    Рунчев: Првото искуство и не беше позитивно, поточно, беше -поразително. Во рамките на студиите на Академијата имавме задача да понудиме дел од нашите цртежи на тамошните галерии и буквално секаде каде што влегував прво што ќе ме прашаа беше – дали си Британец? Мене тоа ми беше многу чудно, но во мене надвладеа балканското, успеав преку лични познанства, бидејќи тогаш во градот веќе доста луѓе ме познаваа – било по тоа што пеев во хор, било од факултет, било од работа, и така почна да се шири зборот и почнаа да ги купуваат моите дела. Таму кога се купуваат уметнички слики, обично се купуваат по неколку, за што ќе се добие и попуст, некојпат ќе дадев и гратис слика и така.

    Но, сега сум во години кога сакам некаква стабилност, постојаност

    Кога сум таму, се чувствувам лесно, весело, опуштено, креативно, а тука…дали затоа што сум свесен каков труд и енергија треба да вложиш за нешто да направиш, за малку да мрднеш…а на колку пречки ќе наидеш. Но, мислам дека ја отворам галеријава во вистинско време, мислам дека сега сум подготвен да имам вакво нешто. Можеби ќе ми треба време за сето тоа што го имам во главата да го реализирам, сепак сум во голема мерка one-man-show, се’ правам сам, од контакти со уметници, до изработка на дела, администрација, до одржување на хигиена. Успеав да се организирам и да ја отворам галеријата пред 8 Март и имавме доста успешна продажба на делата кои ги изложивме. 

    Задоволен сум, за почеток имам доволно продажба, иако треба да нагласам дека најмногу од купувачите се странци, од Шведска, Финска, Белгија. 

    ПАРИ: Ве пронаоѓаат иако, засега барем, не сте присутни на социјалните мрежи.

    Рунчев: Така е, тоа ми е следната задача. Мора да сме присутни таму, јас имам идеја како тоа треба да изгледа, но не можам тоа сам да го реализирам. И таму треба да си единствен, уникатен во тоа што го нудиш, како ќе го презентираш, треба да има некаква приказна, приказните денес продаваат…

    Следно што планирам да направам е да почнам да организирам уметнички работилници, за уметничка изработка со употреба на најразлични техники. Сега планирам една за изработка на даски со употреба на епоксидна смола, кои потоа можат да имаат и употребна вредност, да се користат како подметачи, за послужување или само за украс. Потоа цртање со кафе, цртање со вино, изработка на закачалки, за Велигден организирав работилница за сликање на велигденски јајца…

    ПАРИ: Како живеат уметничките галерии денес во Скопје? Или можеби им поминало времето?

    Рунчев: Не, сите успешно функционираат и сите си имаат свој простор за работа, во зависност каде сакате да се позиционирате. Тука, во овој дел на градот околу мене има пет галерии. Едни се ориентирани на продавање на поголеми уметнички дела, други работат со постојани клиенти, многу често добиваат зделки за уредување на хотели, кои комплетно ги опремуваат со уметнички дела. На една од нив, хотелскиот комплекс Буши сега наеднаш ѝ откупи 15 големи слики, а претходно имале слична зделка со друг хотел. И јас подготвувам каталог на кој планирам да понудам по повеќе помали слики од ист автор или серија, погодни за уредување на некој помал хотел. 

    ПАРИ: Значи, дојде време за уметноста да ја купуваат или странци или хотели…

    Рунчев: Така е. Тој тренд веќе некое време владее тука, уште од времето на 90-те кога многу странци од дипломатски и воени мисии почнаа да доаѓаат тука, колегите галеристи раскажуваат дека тие ‘ршум направиле по галериите, купувајќи и по неколку слики одеднаш, не прашувале за цена…Порано, се сеќавате, најголеми клиенти беа доктори, инженери, луѓето кои беа средна класа…по свадби се носеа уметнички слики како подароци, сега тоа многу поретко се случува. Куповната моќ на обичниот граѓанин којшто сака слики, сака уметност, не е тоа што беше. Сега повеќе има такви што не знаат што е тоа уметност ама сакаат да се покажат дека имаат пари.

    ПАРИ: Има ли такви?

    Рунчев: Има, има и ако сака и тој да има слика каква што имал неговиот комшија, навикнат сум веќе да не им се мешам. Обично ги купуваат најскапите слики и очекуваат да бидете фасцинирани. И таков кога ќе ти каже – знаеш ли јас кој сум, јас им одговарам, извинете ама не знам, долго не сум живеел тука. Таквите клиенти обично не прифаќаат мои уметнички сугестии за тоа каков избор да направат, туку имаат прецизна замисла каква уметничка слика сакаат да купат.

    ПАРИ: Такви муштерии – каква уметност купуваат?

    Рунчев: Реализам, големи формати, и многу женски актови. Дури сум забележал некаква опседнатост со женски актови кај нив. Во секоја директорска канцеларија ќе ги најдете, обично од еден ист уметник, инаку мој драг колега, кој почесто изработува такви слики, често фото-реалистични. Посебно им се склони, од некоја причина директорите на банки. Веројатно се работи за некаков престиж. И мене ми е целта да постигнам некаков престиж – секој да мора да има парче од мојата галерија, ама да биде задоволен од тоа парче.

    Во рамките на галеријата е и неговото ателје каде може да се види како уметникот работи на својата најнова фасцинација – изработка на предмети со примена на бетон и платно. Во моментов тоа се предмети со употребна вредност – лустери, ламби, саксии, подметачи. Подготвува и работилници, каде заинтересираните ќе можат да научат и самите да изработуваат предмети и уметнички дела од обични и помалку обични материјали и да уживаат во дружењето со уметникот во овој простор, исполнет со уметност.

    новинар:

    Југослава Дукоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично