ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I ЗДРАВКО САВЕСКИ: Се слави трудот, се кршат правата – македонската работничка реалност

    Време зa читање: 8 минути

    Први мај – Меѓународниот ден на трудот – не е само празник на работниците, туку и потсетник на постојаната борба за правични работни услови, сигурна егзистенција и достоинствен живот. Во Македонија, овој ден сè повеќе се доживува не само како симбол на историјата на работничките движења, туку и како огледало на современите предизвици: ниски плати, несигурна работа, прекршување на работничките права и ослабено синдикално организирање. Додека дел од граѓаните Први мај го одбележуваат со излети, илјадници работници сè уште се борат со прашања од егзистенцијален карактер. Како изгледа реалноста за македонскиот работник денес? Дали работничките права се заштитени или само формално постојат на хартија? Кои облици на кршење на работничките права се најзастапени, за овие прашања порталот Пари разговараше со Здравко Савески, универзитетски професор и активист за социјална и еколошка правда, кој ќе ни помогне подобро да ја разбереме актуелната состојба на трудот и правата на работниците во Македонија.

    Пари: Први мај е Меѓународниот ден на работниците, па во овој контекст, каква е состојбата на работничките права во земјава?

    Савески: Ние живееме во капитализам и притоа сме земја од периферијата на системот. Во таков контекст само при значителна мобилизација на работниците за одбрана и унапредување на своите права, тие може да бидат на пристојно ниво. Бидејќи тоа не е случај кај нас, ситуацијата е незадоволителна, како што впрочем знае секој работник и работничка.

    Голема штета е што недоволно се искористува потенцијалот за унапредување на правата што го дава недостигот на работници во многу сектори. Имено, тој недостиг доведе до одредено урамнотежување на моќта на капиталистите и работниците, бидејќи соочени со недостиг на работници, капиталистите мора да им понудат повисоки плати на работниците за да ги задржат на работа или да ги привлечат на работа кај себе. Но, ваквата ситуација главно доведе до честа промена на работните места од страна на работниците, при што на новите работни места горе-долу ситуацијата им е иста. Нешто повисока плата, но поинтензивна работа, некое дополнително кршење на правата и слично. А, искористување на зголемената моќ за да се извојуваат повисоки права на постојното работно место преку организирање и колективна акција – ретко има. За жал, ги жнееме последиците од успешното сеење на недоверба кај обичниот народ, вклучително и кај работниците.

    Пари: Кои облици на кршење на работнички права се најзастапени и во кои сектори?

    Савески: Постои цела низа на кршења на работничките права и изигрување на законите. Ќе издвојам две, поради штетата што ја создаваат. Првото е избегнувањето да им се дадат договори на неопределено време на работниците и наместо тоа, им се даваат само договори на определено време, некогаш дури и на интервали од само еден месец. На ваков начин капиталистите обезбедуваат послушност, ги држат работниците на краток синџир, па штом некој ќе се „дрзне“ да го крене гласот или да го оствари своето со Устав гарантирано право на синдикално организирање, едноставно, не му се дава нов договор на определено време. Огромен проблем за организирањето на работниците се овие договори на определено време и упорното одбивање на владејачките гарнитури што му слугуваат на капиталот да го намалат периодот до кога може да се игра со договорите на определено време од неверојатните пет години на поранешната разумна должина од девет месеци.

    Вториот проблем што ќе го истакнам директно ја засега слободата на работникот (бидејќи му го скратува слободното време). Зборувам за противзаконското продолжување на работното време преку осум часа и преку четириесет часа неделно. Често, дури и не им се плаќа за прекувремената работа или таа се плаќа како редовен час работа. Ваквото одземање на слободата често преминува 150 часа на годишно ниво, во кој случај на работникот му следува, покрај надоместокот за прекувремената работа, и бонус плата во висина на просечната плата (значи 43.000 денари, без разлика на платата што се прима), но ретко кога не доаѓа до кршење на ова работничко право.

    Што се однесува до секторите, буквално во секој сектор има кршење на правата. Еве, да ги земеме програмерите како пример. Тие земаат, во просек, многу високи плати во споредба со останатите сектори, но обично ги убиваат од работа. Не само што вршат преинтензивна работа, често со долгорочни последици по здравјето, туку работат и прекувремено надвор од законски утврдените рамки. А, кога сме кај работното време, тоа ним, но и на работниците во други сектори, „суптилно“ им се продолжува преку „давањето“ на еден час пауза, која, внимавајте добро, не влегува во работното време. По закон, работното време изнесува вкупно осум часа, од кои седум и пол часа се период на работа, а половина час е пауза. Со ваквата инвенција капиталистите си обезбедуваат периодот на работа да им биде осум часа наместо седум и пол часа, бидејќи тој еден час пауза не го вклучуваат во работното време, спротивно на законот.

    Пари: Дали законите во Македонија се во улога на заштита на работниците и нивните права или ги штитат работодавачите?

    Савески: Во нашата земја често се повторува една празна флоскула дека политичарите требало да бидат „слуги на народот“. И додека се повторува оваа излитена и неостварлива констатација, во видното поле не влегува фактот дека властодршците цело време се слуги на капиталот, дека постои симбиоза меѓу политичката и економската моќ.

    Работничките права се разјадуваат не само преку нивно кршење во практиката, туку и преку нивно намалување по пат на законски измени. Во вториот случај, ќе изгласаат пратениците измена на одреден закон, па на работниците им се намалува некое право или целосно го губат. Па, во практиката нема кршење на тоа право, бидејќи тоа едноставно повеќе работниците го немаат по закон.

    Од повторното воведување капитализам, властодршците, во спрега со капиталот и слугувајќи му нему, под изговор дека создаваат „поволна бизнис клима“ драстично ги намалија работничките права. Каде што застанала едната владејачка гарнитура, продолжила другата. Нас неодамна ни се случи цивилизациски упад во корпусот на работнички права, враќајќи нѐ во 19 век. Мислам на законските измени со кои се овозможи работниците да ‘рмбаат законски неограничено работно време при „проекти од стратешко национално значење“. И, забележете, тоа што го изгласа претходната владејачка гарнитура сегашнава нема абер да го промени.

    Пари: Постојано се зборува за зголемување на минималната плата, изминативе години имаше зголемувања, но дали е тоа е доволно?

    Савески: Дали е доволно? Ние зборуваме во контекст на обемна капиталистичка пропаганда што нѐ убедува дека никогаш не е доволно, дека без разлика колку поседуваме треба да поседуваме уште повеќе, дека треба без оглед на сѐ да купуваме и трошиме што повеќе. И сега, може ли некој да ги обвини работниците дека не можат да проценат колку изнесува тоа „доволно“ во врска со нивните плати, ако притоа молчи околу системската пропаганда што ги тера на луд консумеризам? Уште повеќе, ако не го поставува прашањето: зарем не им е доволно на одреден број капиталисти што имаат приходи над 100.000 евра месечно, па ги поткопуваат сите обиди да се врати прогресивното оданочување во нашата земја?

    Во ваков контекст јас целосно го поддржувам барањето за 500 евра минимална плата. Но, исто така, ќе кажам дека зборуваме за сериозно покачување кое не може да се издејствува од слугите на капиталот чисто само со безактивно чекање со скрстени раце. Сите работници, а особено оние што земаат минимална плата, ако сметаат дека нивниот труд е евтино платен треба да излезат масовно на протести и да бидат подготвени да организираат штрајкови за да добијат подоволно плаќање на нивниот труд. А, синдикатот е тука тоа да го организира. Без да има масовна мобилизација на работниците, никој синдикат ја нема моќта да издејствува сериозно покачување на платите, вклучително и на минималната плата.

    Пари: Правата на работниците во високоразвиените земји се на многу повисоко ниво од нашето. Како македонските работници да стигнат до нивното ниво на синдикална заштита?

    Савески: Во богатите земји, работничките права и животниот стандард се на повисоко ниво од нашето поради две причини: прво, поголема синдикална организираност и постоење на влијателна работничка партија и, второ, експлоатација на земјите од периферијата што доведува до поголеми приходи, па и можност да им даде повеќе на работниците врз основа на тој дополнителен прилив. Но, треба да знаеме дека ова е помалку точно денес отколку што беше порано. Односно, да, работничките права и животниот стандард се повисоки отколку во земјите од периферијата (вклучително и од Македонија), но се пониски отколку што беа во претходните децении. Затоа расте работничкото незадоволство на целиот Запад, а особено во САД, каде има и препород на синдикалното организирање.

    До повисоко ниво на синдикална заштита не се доаѓа со пасивно чекање, туку со активен однос. Ако некое синдикално раководство е корумпирано или неефикасно, треба синдикалната база да се мобилизира и на чело на синдикатот да постават достојни работници. Ако синдикалната бирократија си ги штити фотелјите и ги блокира промените, треба отчленување и зачленување во друг синдикат. И, особено, кога еден синдикат ќе повика на синдикална акција (протест, штрајк) треба да се даде својот личен придонес кон успехот. За да биде силен еден синдикат не е доволно само тој да има квалитетно раководство, туку и посветено членство. Само со членство што е подготвено да го даде својот придонес да се издејствува некое барање, синдикатот располага со моќ да ги натера капиталистите и властодршците да го сфатат сериозно работничкиот глас.

    Катерина Михајлова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично