Како Финтек компаниите го трансформираат финансискиот пазар сега и тука? Поглед кон иднината! За развојот на ФинТек индустријата којa оди со молскавична брзина, за тоа каде е светот и ние во него, за тоа наместо нарушување на односи-градење на партнерства со банките и за една визија кон иднината разговаравме со Никола Јошевски, основач и генерален менаџер на СН финансиско друштво кој тврди дека банките се како мерцедес S класа, но се повеќе во бизнисот и животот ви треба SUV.
Пари: Прво да разјасниме што е тоа ФинТек ?
Јошевски: ФинТек е нов термин кој сé повеќе се спомнува во последно време кај нас и во светот. Самиот збор ФинТек е комбинација од зборовите финансии и технологија и се однесува на секој бизнис кој користи технологија за подобрување или автоматизирање на финансиските услуги.
Кога започна да се користи зборот Финтек најмногу се однесуваше на позадинските системи во веќе воспоставени финансиски институции. Сето тоа се промени во момент кога ФинТек услугите станаа повеќе ориентирани и повеќе достапни за крајните потрошувачи. Денес ФинТек вклучува различни сектори како што се: образование, кредитирање, платни системи, “P2P” платформи за собирање средства, управување со инвестиции.
Во последно време се наметнува и прашањето дали крипто валутите се дел од ФинТек индстријата. Одговорот е да. Тиe како метод на плаќање се и ќе бидат дел од ФинТек индустријата, но иако во моментот има голема фама околу критпото сепак тие не се главен акцелератор за развој на оваа индустрија.
Пари: Kога започна цела таа ФинТек индустрија?
Јошевски: Некои мислат дека оваа индустрија започна во 1999 година со PayPal, но јас мислам дека првата ФинТек компанија е британската Zopa, која стартуваше некаде во далечната 2005 и која со алгоритам на платформа поврзуваше луѓе на кои им требаа пари и луѓе кои имаат пари и сакаат да позејмат. Класична “Peer to peer” платформа. Кога ќе кажам “во далечната”, а мислам на пред 15-тина години, многумина ќе кажат, тоа не е одамна….но, во овој свет на ФинТек нештата се менуваат со мослкавична брзина. И така тогаш започна сé и тоа е прва фаза од пет на ФинТек индустријата кога новоформираните финтек компании беа во еуфорија поради можностите што ги видоа во оваа индустрија која тогаш се раѓаше и помислија дека ќе го нарушат банкарскиот систем, па дури и дека ќе ги уништат банките. Сепак тоа беше малку наивно и за среќа траеше кратко, затоа што банките постојат со причина.
Пари: А како гледате на банките низ диоптријата на ФинТек комапнија?
Јошевски: Банките дејствуваат како регулиран посредник за доверба во работата со пари. Без таа регулирана структура, системот ќе пропадне. Можете да ги децентрализирате финансиите колку што сакате, но секогаш ќе треба некаков вид надзор од доверлив орган. Инаку, едноставно не функционира.
Затоа и мудрото јадро на ФинТек заедница глобално сфати дека треба да работи со банките, наместо да ги заменува. Тука мора да се истакне дека и банките сфатија дека стартап-ите во сферата на ФинТек индустријата прават некои интересни работи кои не смеат да се минимизираат и затоа почнаа да разговараат со нив, да работат со нив, да инвестираат во нив и да ги вреднуваат.
Еден малку пластичен опис…Банките се како мерцедес S класа, искуството е луксузно и конфорно додека сте по асфалтен пат. Но, што ако имате тежок терен? Ќе возите бавно или можеби никогаш нема да стигнете до целта. За такви ситуации ви треба SUV. Тоа сме ние, технологијата со која работиме ни овозможува брзина, прилагодување и ефикасност.
И да се навратам на фазите на развој на ФинТек-от. Со ова заврши првата фаза на финтек индустријата која има име НАРУШУВАЊЕ, па влеговме во втората фаза која беше ДИСКУСИЈА и која траеше до крајот на 2017 година. Ова и колку да звучи контрадикторно, ФинТек индустријата во светот започна со нарушување и уништување на банките, па користеше дијалог и флертување со банките и стигна до соработка и партнерство со банките за релативно кратки десет години. И сега е фазата каде што го набљудуваме светот, но и ова е фазата каде што сме ние тука на овие географски ширини сега и не заостануваме ни чекор. Оваа фаза се вика ПАРТНЕРСТВО. Можеби прескокнавме некоја фаза, можеби ни недостигаат и некои сегменти од ФинТек индустријата, исто ни недостигаат и некои закони кои ќе го забрзаат развојот, но во одреден сегмент од развојот на ФинТек индустријата сме на исто ниво како целиот свет и тоа е нешто мошне важно, голем успех, ако добро знаеме колку за некои работи споредени со светот сме назад. Во оваа индустрија, сме рамо до рамо со светот.
Пари: Вие сте првото финснсиско друштво во Македонија формирано од домашен капитал, но и прво ФД кое направи партнерство со една странска банка?
Јошевски: СН финанско друштво со Silk Road Bank и VISA направија партнерство кое креира нова иднина во сферата на финансиите во нашата земја. Излезе и првиот продукт кој е единствен на овој пазар. Ова е само прв пример дека може. Развојот на ФинТек индустријата во светот и кај нас е неминовен, а ние сме тука национални лидери и иако нескромно звучи, навистина сме горди на тоа што направивме партнерство со банка. Некои би рекле дека фазата на партнерство започна порано, но јас не видов дека се појавуваат вистински партнерства меѓу банка и ФинТек до неодамна. Охрабрени од воведувањето на regulatory sandbox и инвестираниот почетен капитал, банките конечно сфатија дека не сите новоформирани ФинТек компании се закана, а и повеќето компании во оваа индустрија старт-ап сфаќаат дека не се сите банки бавни и ригидни.
Пари: Како гледате на иднината?
Јошевски: Мислам дека ќе се случи еден мошне интересен полигон на бизнис игра со ФинТек предзнак во следните десет години. Реално е од ПАРТНЕРСТВО, како 4 фаза на ФинТек развојот во кој сме евидентно со нашиот последен проект сега, кон целосно интегрирање на можностите на ФинТек во банкарскиот систем преку Отворено банкарство и Отворени АПИ конекции. Ова е регулирано таму во PSD2 регулативата, но навистина не е таму. PSD2 беше регулатива од која многу се очекуваше, но со тоа што многу банки се спротивставија да бидат отворени, сметам дека очекуваниот ефект не се постигна. Подеднакво, многу страни инволиварни во PSD2 уште не ја сфатиле реформата за промена и затоа мислам дека ќе чекаме PSD3 пред да се случи вистинска промена.
Пари: Што е ПСД 2, а што би требало да биди ПСД 3?
Јошевски: PSD2 налага банките да ги стават податоците за плаќањата достапни за трети страни преку Отворени АПИ конекции. PSD3 ќе наложи трети страни да ги стават податоците на располагање на банките преку Отворени АПИ конекции.
Но, тоа не е сé ! Го откривам и она што следува зад тој хоризонт. А тоа е , кога ќе стигнеме до навистина отворени платформи и пазари на АПИ, апликации и аналитики, тогаш можеме да започнеме целосно да интегрираме банки, FinTech & BigTech. И тоа ќе значи фаза 5, ОБНОВУВАЊЕ која претпоставуваме дека ќе се случи некаде после 2027 година. Конечно, кога тоа ќе биде завршено, веќе нема да зборуваме за банки наспроти ФинТек, па дури ни банкарство и ФинТек. Ќе зборуваме само за финансии преку мрежата, бидејќи ќе бидат целосно интегрирани како еден беспрекорен брз онлајн систем кој е глобален и во реално време.
Јас со нетрпение чекам да дојде тој момент во светот па и кај нас.
Неодамна беше објавена Анкетата за развој на финтек-секторот во земјата спроведена од Народната банка, во рамките на проект поддржан од Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) според која Секторот за финансиски услуги во Македонија е подготвен за ФинТек трансформaција, а ЕФСЕ ја посочи НБРМ како лидер во регионот во подршка на развојот на ФинТек секторот. Ова убаво звучи и ветува светла иднина, но за ова да се случи ќе мора да се донесе долгоочекуваниот закон за платни системи, законот за централен регистар на физички лица и законот за електронски документи, електронска комуникација и доверливи услуги.
Затоа мојот поглед е вперен далеку, но блиску во иднината. Тоа значи дека и далечната иднина во развојот на ФинТек индустријата ја гледам и можам да ја реализирам блиску
Редакција Пари