Поддршка на претприемничкото образование според програмите на Џуниор Ачивмент
Со Вашето искуство во областа на претприемништвото, како ја оценувате препознаеноста на претприемничко учење во Европа и во светот?
Европската унија придава големо значење на образованието за претприемништво, што најдобро го илустрираат некои од клучните документи и политики во Европа: Акциониот план за претприемништво, Повелбата за мал бизнис и Стратегијата за развој за Југоисточна Европа 2020 година.
Програмата на Џуниор Ачивмент за ученички компании е во согласност со една од главните политички насоки на Европската комисија дека
“Секој млад човек треба да има практично претприемничко искуство пред да си замине од задолжителното образование” и претставува пример за „најдобра пракса во претприемничкото образование“.
Покрај тоа, Генералниот директорат на ЕУ за претприемништво и индустрија ја истакна програмата на Џуниор Ачивмент за ученички компании како најуспешен модел на образование за претприемништво. Официјалното препознавање на Џуниор Ачивмент програмите во национален контекст е почесто во средните стручни училишта, каде во програмите се опфаќаат виртуелни фирми а поретко и реални ученички компании (таков е случајот, на пример, во Австрија, Чешка и Финска). Во мал број на земји, програмите за ученички компании се признаени или препорачани во рамките на националната програма за средно образование (на пример, во Ирска, Латвија и Норвешка). Во овој контекст, експертите се согласуваат дека – образованието за претприемништво треба да биде експлицитно вклучено во наставната програма.
Каде се спроведува програмата на Џуниор Ачивмент?
Со повеќе од 120 земји членки, светската мрежа Џуниор Ачивмент (JA Worlwide www.jaworldwide.org), има 450 000 волонтери од секој дел на општеството и секоја година поддржуваат 10 милиони млади луѓе низ целиот свет. Џуниор Ачивмент Европа е најголемиот снабдувач на образовни програми во Европа, каде програмата покрива над 3,6 милиони студенти во академската година 2017-2018. Програмата Ученички Компании во нашата земја ја спроведува организацијата Џуниор Ачивмент Македонија и е отворена за сите ученици од средните училишта.
Преку програмата за ученички компании, средношколците на возраст од 15-19 години можат да создадат ученичка компанија и својата идеја да ја преточат во реализација.
Преку Програмата учениците се стекнуваат со финансиска едукација, сертификација на нивните вештини и учествуваат на национални, регионални и европски натпревари. Програмата нуди врвни обуки за наставниците кои ја спроведуваат програмата и отвора можности за соработка и размена на искуства со другите земји членки кои се дел од Џуниор Ачивмент мрежата. Од почетокот на спроведување на програмата во октомври 2017 до сега, се обучени над 200 наставници од 54 средни училишта низ територијата на Република Северна Македонија, се спроведоа 3 кампови за иновации кои овозможија учество на 350 ученици од 48 средни училишта од 22 градови, и се организираа 2 Национални натпревари на кои 150 ученици имаа можност да се натпреваруваат за титулата најдобра ученичка компанија.
Со оглед на тоа што се работи за ученички компании коишто се градат врз база на бизнис-модели, каква е вклученоста на бизнис заедницата?
Интересна можност во програмата е користење на услугите на луѓе од бизнис секторот, тие во улога на бизнис советници – волонтерски ја обезбедуваат својата експертиза, го поттикнуваат интересот на учениците за светот на претприемништвото и директно учествуваат во програмата како нивни ментори.
Интензивна вкличеност од бизнис заедницата во програмата има значително позитивно влијание врз само-ефикасноста на младите луѓе и долгорочен економски успех. Тие имаат директно влијание на тоа како младите да размислуваат за нивните идни занимања и професии.
Со својата вклученост во програмата бизнисите испраќаат позитивна порака до локалната заедница дека се компанија која ја препознава важноста на претприемничкото учење и финансиската писменост на средношколците за време на нивното формално образование. Секако за тоа добиваат и официјално признание за својата искажана општествена одговорност во заедницата. За бизнис секторот ова претставува и место за пронаоѓање на нов кадар.
Дали можете да ни кажете нешто повеќе за поврзаноста на претприемничкото образование со развојот на пазарната економија во земјава?
Имајќи предвид дека невработеноста во земјава е сеуште на високо ниво, особено кај младите, на претприемничкото образование треба да му се обрне посебно внимание и треба да биде застапено на сите нивоа во образовниот систем.
Преку образованието, претприемничката култура треба да биде вклучена во животот на децата и младите уште од најрана возраст. Во исто време, треба да се зголемува свеста кај родителите, заедницата и образовните институции дека претприемникото учење е важно за градење на личната кариера. Претприемничкото учење не е само уште еден начин за изучување бизнис вештини. Во поширока смисла, се работи за оспособување на младите луѓе со менаџерски способности кои ќе им помогнат во животот што следи. Се развива индивидуална способност да се претвори идејата во акција. Тоа вклучува креативност, иновација и превземање ризик, но истовремено и способност да се планира и раководи со пари во правец на остварување на поставените цели.
Џуниор Ачивмент ја подржува идејата дека младите треба рано да да дојдат во допир со светот на бизнисот и финансиите, за полесно да ја определат својата идна професија и нивното идно образование.
Преку своите програми за претприемништво и финансиска писменост, Џуниор Ачивмент ги инспирира и ги подготвува младите да успеат во глобалната економија, притоа ги поттикнува партнерствата помеѓу бизнисите и училиштата со цел да создаде генерација млади луѓе, инспирирани да применуваат иновативни пристапи и техники во нивните училишни активности и да бидат подготвени да се соочат со сите предизвици на идното работно место.
Тргнувајќи од фактот дека претприемничкото образование, заедно со личните особини го претставува вкупниот потенцијал на секој претприемач, може да се констатира дека тоа образование е директно поврзано со развојот на пазарната економија во земјата.
Кои се изворите на финансирање на ученичките компании и каква е поддршката за претприемничко образование од приватниот сектор?
Во зависност од земјата и спецификите, ученичките компании во мрежата на Џуниор Ачивмент, најчесто, како главен извор на финансирање ја користат членарината од учениците и фондот на училиштата. Кај некои случаи достапни се финансиски ресурси од јавни извори (таков е случајот, на пример, во Австрија, Франција и Норвешка). Во други случаи пак, тие најмногу се обезбедени од приватниот сектор (на пример, во Чешка, Литванија, Холандија и Полска. Што се однесува до приватниот сектор, финансиската поддршка доаѓа главно од одделни компании, фондации и деловни здруженија.
Сепак, покрај конкретната финансиската поддршка, придонесот на бизнис секторот е најзастапен во помошта изразена во непарични средства. Ова се однесува на оние компании кои обезбедуваат стручност и знаење, вклучуваат бизнис советници, обезбедуваат обуки, даваат слободен пристап до деловни простории и канцеларии, обезбедуваат награди при организирање настани како што се саеми и слично.
Какви други можности нуди програмата за младите?
Европскиот натпревар во најдобри ученички компании секој година им овозможува на повеќе од 300 ученици кои биле дел од програмата на Џуниор Ачивмент во текот на целата учебна година, да ја презентираат својата земја пред повеќе од 2000 гости од 40 земји членки од Џуниор Ачивмент Европа.
Учеството на Европскиот натпревар за учениците и нивниот наставник е награда за нивната доброволна работа во текот на годината и создава можност за размена на искуства и вмрежување со другите учесници. Учениците добиваат можност да научат повеќе, да ја претстават својата идеја и ученичка компанија, да разменуваат идеи со други врсници од Европа, како и да ги зголемат своите потенцијали за иднината. Тоа е можност да се претстават себеси, своето училиште, град и држава и да создадат самодоверба дека се еднакви со своите врсници од Европа. Покрај овој натпревар младите кои ја поминале програмата можат да се зачленат во мрежата на Џуниор Ачивмент и да бидат дел од студиските посети во некоја од земјите членки низ Европа.
Интернет-страница до Џуниор Ачивмент Македонија: www.jamacedonia.mk