ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ: ЈАНА АНДРЕЕВСКА: Кога создавам, не ме засега дали тоа добро ќе помине на „пазарот“

    Време зa читање: 8 минути

    Јана Андреевска е тивката дама која честопати ја среќавав на скопските културни настани, не знаејќи, всушност, многу за неа, освен деке е композиторка. Кога првпат ја слушнав нејзината музика, која блика од емоции и живот, бев затекната од интензинтетот и длабочината, како што бев затекната кога ги здогледав нејзините акварели – како излеани од четката на некој врвен академски мајстор. Со Јана, инаку ќерка на познатите македонски писатели Оливера Николова и Цане Андреевски, разговаравме за тоа од каде влече корен нејзината креативна сестраност којашто ја прави толку посебна.

    Пари: Kонечно се случи твојата изложба на акварели – „Мапирање на спокојот“ во КИЦ. Како со неколку реченици би го опишала ова твое прво заокружено сликарско искуство?

    Андреевска: Ми се чини важна поуката, за мене но и за други, дека нешто кое започнало многу наивно и без никаква амбиција, но било практикувано со многу љубов, радост и со трпение, со дисциплина и со уживање, за релативно кратко време дава резултат.

    Моето сликање почна во време на пандемијата како истражување на техниката на акварелот, а со текот на времето, поради смирувачкиот, би рекла дури и терапевтски ефект, премина во редовна навика и нешто без кое денот не може да помине, дури ни тогаш кога условите се турбулентни.

    Пари: Како да се најде спокојот во едно зовриено и тешко време?

    Андреевска: Времињата секогаш се тешки и зовриени. Ние мислиме дека баш тоа во кое живееме е најтешкото. Сѐ е минливо на овој свет. И тагата, и среќата. Кога е човек длабоко свесен за тоа, поинаку ги процесира нештата.

    Егото е тоа што го носи неспокојот. Мојата животна филозофија е – секогаш да давам сè од себе, од најнеповолните ситуации да извлечам нешто позитивно во духовна смисла. Со секој нов ден да чувствувам дека сум поблиску до својата суштина и дека сѐ повеќе ја прифаќам и сопствената минливост, без тоа да ме застрашува.

    Пари: Кои беа коментарите на твоите пријатели по повод изложбата? Какви беа коментарите, пак. на академскиот свет од оваа фела?

    Андреевска: Пријателите и познаниците ми велат дека сликите им носат радост, ги разгалувааат со својата атмосфера, дека уживаат да ги гледаат, и во ова време-невреме тоа ми причинува голема радост. Во себе имам главно позитивни мисли и чувства, и убаво ми е кога им ги пренесувам на другите. Од професионалниот ликовен свет има позитивен одзив, особено во однос на занаетчискиот дел, за кој велат дека е на завидно ниво. Сепак, колку што ми годи тоа, оти сè сум постигнала сама, без некој да ме подучува, не го сфаќам многу сериозно и не се занесувам. Секој од нас има нешто што може, на овој или на оној начин, да му го остави на овој свет како страга, свој печат. Во таа смисла секој има обврска, првенствено пред себе, да го пронајде тоа и да го негува најдобро што знае, независно од тоа кој што рекол.

    Пари: Што е најважно да се знае кога се работи акварел? Колку моментот, брзата одлука  е пресудна?

    Андреевска: Од она што јас го научив, а не учев академски, туку низ пракса, е дека и покрај тоа што потезите во акварелот се брзи и прецизни, оваа техника бара неочекувано многу планирање, трпеливост, умешност да оцените дали треба да делувате, или напросто да почекате да се подзасуши хартијата, пред да продолжите понатаму. Креативниот процес е неверојатно сложен континуум од одлуки што уметникот ги донесува на секој чекор, и секоја одлука влијае на крајниот изглед на делото. Токму затоа креацијата е толку фасцинантна и загадочна.

    Мислам дека голем дел од луѓето имаат сосема погрешна претстава за импровизацијата и за спонтаноста како за ултимативна слобода. Воопшто не е така, а тоа особено доаѓа до израз во музиката – во импровизацијата, најмногу од сè, потребно е да знаете каде се наоѓате во формата, во хармонската прогресија, во сè она што претставува столб кој исто како и во архитектурата ја држи „зградата“ да не падне. Треба сето ова знаење со многу вежба да биде така усвоено одвнатре, за да премине во она што го нарекуваме – интуиција.

    И во секојдневниот живот сакам одредени рутини, некоја груба структурираност на денот која потоа ми дозволува да си играм и да реагирам спонтано следејќи си го внатрешниот глас. Хаотичните денови ми трошат многу енергија и ги чувствувам како залудно потрошени.

    Пари: Ако твоите слики беа музика – каква ќе беа?

    Андреевска: Јас сум композитор по образование, но професијата, а верувам и вокацијата ми е – таа на учител. Подучувањето за мене е нешто најблагородно, уживам во таа работа и не се штедам да им пренесам на други колку што можам повеќе од она што го знам и умеам. За тоа учев од најдобрите и најдарежливите мои професори како Стела Слејанска, Томислав Зографски, Илија Пејовски… Со тоа си го вадам и лебот.

    Само од компонирање не би можела да живеам, особено во услови какви што се сега кај нас и во светот, а се сè полоши и полоши. И токму таа позиција ми овозможува музиката што ја компонирам да биде бескомпромисна во естетска, стилска смисла. Кога креирам воопшто не ме засега дали тоа добро ќе помине на „пазарот“, дали воопшто некому ќе му се допадне. Фокусирана сум на тоа на најавтентичен можен начин да го изразам својот внатрешен свет во дадениот момент, и прво мене да ми се допаѓа.

    Сликањето ми е хоби, но мислам дека и во двата медиума може да се прочитаат истите карактеристики на мојата природа, на мојот гест, на она што јас лично го сметам за значајно во било која уметност.

    Пари: Ќерка си на двајца големи писатели Оливера Николова и Цане Андреевски. Како дете на двајца родители мајстори на зборот ти ја избра музиката…

    Андреевска: Фактот што сум се родила во такво семејство го сметам за капитална привилегија која, пак, ми донесе и голема одговорност. Пред сè, затоа што и двајцата беа прекрасни и грижливи родители, на кои децата и топлината во семејството им беа приоритет. Многумина, кога првпат ќе дојдеа кај нас дома, се разочаруваа од расчекорот меѓу нивите замисли за бракот на двајца писатели и она што беше реалност. Ги пробуваа меките домашни кифлички, пити и колачи на мајка ми, го гледаа средениот дом, или татко ми како кове рамки за пчелите. Повеќето мислеле дека дома кај нас се зборува само за уметност. Моите од време навреме ќе разменеа по некое размислување за некоја уметничка тема, ама главно си беа со двете нозе наземи и немаше многу занесување. Од нив научив дека само континуираната работа дава плод, дека ниеден успех во животот не смее да се земе здраво за готово.

    Кога музиката ми стана професија, многумина воопшто не знаеја дека тие ми се родители, бидејќи јас никогаш не го експлоатирав тој податок. Тие не се мешаа, се држеа настрана и ме оставаа сама да си го пробивам патот, за што сум им многу благодарна, бидејќи во спротивно ќе бев многу неспокојна и несигурна во себе.

    Покрај топлината и сигурноста, нашиот дом ми беше и своевидно царство во кое сè ми беше на дофат на рака, опкружена со цели ѕидови книги за сè и сешто, по кои само требаше да посегнам. Желбата за музиката ја наследив од мајка ми која, кога ми свиреше на пијаниното, како да беше обвиткана со некоја посебна аура. Гласот на татко ми, како ми чита приказни од браќата Грим, исто така претставува звук кој лесно можам да го повикам од сеќавањето. Дедо ми, инаку аптекар по професија, исто така аматерски свиреше виолина. Ме носеа на концерти, на изложби, на театар, буквално насекаде, уште од најмали нозе. При изборот на професијата не ми се мешаа. Најважно им беше да го сакам тоа што го работам. Патем, изборот на мојата професија не го направив јас, таа работа ја заврши судбината. Не бев примена на ФЛУ, и музиката ми стана примарна професионална определба. Веројатно сум ги наследила талентите преку едно колено, од моите баби и дедовци. Баба ми многу убаво сликала иако, за жал, не добила соодветно образование за да се надградува.

    Во мојот избор немаше никаков бунт, иако на други планови – да, се бунтував и се расправав во нив, како и секое здраво дете што сака да си го истера своето. Тогаш моите родители ги доживував како многу конзервативни, а сега, од оваа перспектива на родител, се чудам колку биле всушност либерални.

    Пари: Ќе сликаш ли и понатаму? Ти навираат ли нови слики?

    Андреевска: Ќе продолжам сè додека чувствувам радост во процесот. Сакам предизвици, сакам да имам чувство дека премостувам нешто во себе. И покрај тоа што рециклирањето не ми е туѓо, за мене нема ништо пoздодевно од тоа да создавам едно исто, музика, слика, што да е, десетпати, на истиот начин. Така што, сигурно ќе си најдам нешто ново за учење и правење.

    Мимоза Петревска Георгиева

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично